Жан Митрев пристигна во Кривичен, почнува судењето за измама – Блокирани сметките на болницата

3 mins read

Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажува дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа

Докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената клиника, утрово пристигна во Основниот кривичен суд во Скопје каде за денеска е закажано првото судско рочиште за случајот во кој е обвинет за кривичното дело измама. Обвинителен предлог за измама во случајот има и за клиниката како правно лице.

Жан Митрев пристигна во Кривичен суд, Фото: 360 степени

Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.

Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.

„Можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,

рекоа од ОЈО Скопје.

Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на денешното прво судско рочиште.

Во текот на истрагата, според информациите од ОЈО Скопје се јавиле 283 пациенти кои рекле дека се приклучуваат на прогонот и имаат чувство дека се измамени. Голем дел од луѓето кога се јавиле, рекле и дека не знаат како се чувствуваат, некои дека не се чувствуваат измамено, но имало и такви што се излекувале, но рекле дека се измамени. Меѓу нив има и пациенти од странство, пред сè, од Косово.

Пресметките на Обвинителството се дека од овие луѓе што рекле дека се измамени биле наплатени 97 461 000 (околу 1,6 милиони евра) денари за хемофилтрација.

Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти и дека ова е хајка против него.

„Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен“,

рекоа од клиниката по поднесувањето на обвинението.

Во текот на ковид-пандемијата, во најтешките периоди, тврдат оттаму, работевме според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување.

Кривичниот суд ги блокираше сметките на клиниката „Жан Митрев“

Во меѓувреме, клиниката „Жан Митрев“, денеска преку соопштение, ја информира јавноста дека на еден ден пред да отпочне судскиот процес, Кривичниот суд донел решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на болницата.

„Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата ‘Жан Митрев’, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката ‘Жан Митрев’ од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање“,

се наведува во соопштението на клиниката.

Се што баравме е фер судење во однос на лагите и невистините пласирани против нашата клиника, а добивме „пресуда“ пред отпочнување на судскиот процес, потенцираат оттаму. Од клиниката додаваат дека образложението на Кривичниот суд дека се блокираат сметки на правни лица кои не се од интерес на клиниката е целосно неосновано.

„’ПЗУ Жан Митрев Струмица’ и ‘Битола’, не можат сами да ги покријат инвестициите и тие ги покрива матичната клиника во Скопје. Другиот правен субјект ‘Фила Фарм’ работи со позајмица за да може да ги исплаќа побарувањата на правниот субјект ‘ЛАБС’, кој е исто основан и поврзан со клиниката ‘Жан Митрев’. Друштвата кои се наведени се формирани и се финансираат согласно законската регулатива во државата и истите се тесно поврзани со функционирањето на клиниката. Тие вработуваат голем број луѓе и истите се двојно пораснати во капитал. Потенцираме дека ваквото решение на Кривичниот суд е во спротивност со начелата на презумпција на невиност и создава неиздржлив притисок врз клиниката“,

велат од „Жан Митрев“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Во Украина мобилизацијата оди сè потешко

Следно

Чавушоглу во Анкара се состана со извршната директорка на УНИЦЕФ

Latest from Blog