НЕ САКАВ ДА УЧАМ НА ФДУ КАЈ ТАТКО МИ, ОТИ СМЕТАВ ДЕКА ТРЕБА САМ ДА СИ ГО ГРАДАМ ПАТОТ, ВЕЛИ ГЛУМЕЦОТ ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ

4 mins read

Актерот Дамјан Цветановски е во фокусот на театарската публика изминативе две години, откако воодушеви со главната улога во „Чудна случка со кучето во ноќта“ на режисерката Зоја Бузалковска во Драмски театар во Скопје, како и со ролјата во „Сите сме птици“ на Слободан Унковски, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ). Улогата на Кристофер во „Чудна случка..“ му ја донесе и наградата за најдобра машка улога на годинашниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Сега, после наградата, се чувствувам прилично обично, тогаш вечерта се чувствував посебно, но сега сето тоа е спласнато и позади мене, спремен сум за нешто ново“, вели Цветановски (29) за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Дамјан е син на режисерот и професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Владо Цветановски, кој почина во 2012 и брат на режисерот Андреј Цветановски.

Сместена во Свиндон и Лондон, приказната во „Чудна случка со кучето во ноќта“ е 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј кој има Аспергеров синдром. (Фото: Драмски театар)

Дамјан дипломирал глума на Академијата за уметност во Нови Сад во 2016, а вработен е веќе четири години во Драмски театар. Меѓу улогите кои ги играше изминативе години се забележуваат тие во „Еден месец на село“ на Паоло Маџели и „Галеб“ на Нина Николиќ, двете во МНТ, а меѓу последните се и „Моето име е Горан Стефановски“ на Бранислав Миќуновиќ,  во „Емигранти“ на Бузалковска и „Кафез кај кокони“ на Димче Николовски во Драмски. На 18 јули на Фестивалот Синедејс го чека премиерата на филмот „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски.

„Татко ми беше професор на ФДУ, па сакав да ја избегнам таа интеракција со него, татко ми да е на факултетот кај што учам. Сакав да се осигурам дека тоа што го правам, сам го правам, да си го истрасирам мојот пат. Немаше ни да ме пушти да се запишам на ФДУ, имавме слично мислење за тие работи“, вели Цветановски.

На свеченото врачување на наградите во Прилеп, заблагодарувајќи се, Дамјан рече, „Татко, џам свиткавме“.

„Тоа беше наменето кон татко ми, тоа беше негов израз, кога некој од нас ќе се чувствуваше малку прегордо, или ќе почнеше премногу да се дига во облаците, тој ќе речеше ‘Е, џам свитка’, што значи, којзнае што направи. Се чувствував убаво и возбудено кога ја добив наградата, и во духот на нашата фамилија, се почувствував обврзан да ја изрелативизрам“, ни рече тој.

Цветановски во „Сите сме птици“ на Слободан Унковски, во продукција на МНТ. (Фото: К. Галевски)

Цветановски со сета своја скромност и домашно воспитување, срамежливо вели дека добива позитивни реакции од публиката, и дека тоа многу му значи.

„Повозрасните колеги ме фалат, но не многу пред мене, можеби оти знаат дека тоа не е ни толку здраво, некој нонстоп да те воздига. За ‘Чудна случка’ и ‘Сите сме птици’, тоа се две претстави за кои чувствувам дека моите актерски креации резонираат со публиката и им остава некој впечаток и го споделуваат со мене. За жал, кај нас нема театарска критика, и ми е криво дека ‘Чудна случка’ не доживеа рецензија. Сметам дека секоја претстава заслужува“, вели Цветановски.

Летово ќе го помина во семејната куќа во Слоештица, родниот крај на тројцата браќа, режисерите Љубе и Владо Цветановски и писателот Јордан Плевнеш, но и родно место на великанот Петре М. Андреевски. Наесен го чекаат пробите за претставата „Херкул и шталите на Авги“ во режија на Андреј Цветановски. Првиот професионален ангажман со Андреј го имал во 2016 во „Жени од подземјето“ која била изведена на Фестивалот на античка драма во Стоби, и за која добил награда за најдобра машка улога. Во Слоештица ја сработиле „Приказните на заборавените претци“, како аманет од татко им. Следел и „Дон Жуан“ во Битола и „Баал“ во Охрид.

Дамјан веќе скоро 5 годиони е дел од независната театарска импров група НАСТАП, заедно со глумците Тони Денковски, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Мартин Манев, Наталија Теодосиева и Ангела Стојановска и режисерите Андреј Цветановски и Борјан Стојков.

„Правиме шоу кое трае саат, до саат и 15 минути. Тоа е базирано на импровизации, ние сме сите тука, не знаеме што ќе глумиме што ќе играме, има водител (еден од двајцата режисери) кој има спремно некои предлози кои не ги знаеме. Публиката е способна да дава предлози за локации, карактери, предмети, кои ние ги имплементираме тоа што ќе го изиграме следно. Тоа се мали сцени од по 5-6 минути кои што врз основа на сите информации кои ќе ги собереме од публиката, од водителот, ние правиме сцена. И бидејќи е сѐтака во моментот создадено, има и грешки, има и добри сцени и полоши. Каков што сме сеирџиски народ, и кога не ни оди убаво вежбата, публиката убаво си поминува“, се смее Дамјан.

На почетокот, две години, играле без пари, во бифето на ФДУ, па по паузата поради ковид-пандемијата се префрлиле во МКЦ, а потоа, зимно време во Јавна соба, а на лето во Бистро Комедија.

„Културата се третира како да е на последно ниво во општеството, а културата е тоа што нѐ прави цивилизирани,  толерантни, емпатични едни кон други, која нѐ прави подобри луѓе“, вели актерот. (Фото: Приватна архива)

Со Дамјан поразговаравме за публиката и што најмногу сакаат луѓето да гледаат, и вели дека генерално повеќе преферираат комедии, па затоа и Театар Комедија е најпосетен.

„Времињата ни се стресни, времето ни е многу драгоцено, а трпението на пониско ниво. Сакаат пократки претстави и филмови. Што не значи ни дека е добро ни дека е лошо, туку е просто тоа времето во кое живееме. Тоа не значи дека театрите треба да прават само комедии, бидејќи има разни теми кои само во театар може да бидат обработени и не треба публиката да го диктира репертоарот, туку театрите, Министерството за култура. Има многу малку грижа на тој домен и многу има бирократско однесување во распределувањето на буџеите. Многу често независните проекти тешко се разбираат со Министерството. Културата се третира како да е на последно ниво во општеството, а културата е тоа што нѐ прави цивилизирани,  толерантни, емпатични едни кон други, која нѐ прави подобри луѓе. Без култура и образование немаме ништо. Мора прво да се образоваме, па потоа да станеме цивилизирани за воопшто да може да ги оправиме другите работи како здравството. Сѐ тргнува од тоа дека сме исклучително малку култивирани“, вели Цветановски.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Макрон ја одложи посетата на Германија поради немирите во Франција

Следно

(ФОТО) Откорнати дрвја во невремето во Скопје, едно падна врз автомобил во движење

Latest from Blog