„Долги години по независноста, безбедносните служби беа третирани како инструмент за контрола на политичките противници“

2 mins read

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја отвори Конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над безбедносниот сектор од аспект на заштита на правата на граѓаните“, јавува Анадолу.

Конференцијата е организирана од Народниот правобранител во соработка со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), а финансирана е од Европската Унија (ЕУ) и неколку европски земји.

Во својот говор претседателот Пендаровски рече дека со зачленувањето во НАТО, како и со кандидатскиот статус за членство во ЕУ, Северна Македонија има одговорност да ја спроведува работата на безбедносните служби во согласност со Уставот и законите и под контрола на демократските политички институции и на независните институции за надзор.

„Гледајќи во историска перспектива, стекнувањето на независноста и транзицијата од еднопартиски систем во плурална демократија, за жал, не беше проследено и со соодветни реформи во безбедносните служби. Долги години по независноста, безбедносните служби беа премолчено третирани како инструмент за контрола на политичките противници наместо како државни институции задолжени за националната безбедност”, рече Пендаровски.

Тој објасни дека во последните неколку години се случија реформи што придонесоа за поголема самостојност на безбедносните служби.

Пендаровски ја истакна улогата на Народниот правобранител како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, додавајќи дека оваа институција може да иницира водење на соодветни кривични постапки.

„Сакам да ја истакнам мојата целосна поддршка на институцијата Народен правобранител и да ја охрабрам во иднина да има уште попроактивен пристап и сама да иницира постапки што во крајна линија ќе помогнат во создавањето нова правна и политичка култура за вистинското место и улогата на службите за безбедност во демократијата. На тој начин ќе дадете придонес во реформата на службите, ќе спречите потенцијални злоупотреби и кршење на човековите права и слободи и во целина ќе дадете придонес во изградбата на функционална правна држава”, рече Пендаровски.

– Народниот правобранител има скромно искуство со надзорната улога над безбедносниот сектор –

Народниот правобранител на Северна Македонија, Насер Зибери, во својот говор истакна дека искуството со надзорната улога на институцијата со која раководи над безбедносниот сектор е многу скромно, додавајќи дека Конференцијата ќе биде добра можност да се слушнат различните искуства од земјите што имаат подолга традиција во ова поле.

„Искуствата што денес ќе ги слушнеме, пред сѐ, за улогата на Народниот правобранител како надзорно тело врз овие служби, ќе биде од голема корист за институцијата Народен правобранител затоа што, како што реков, нашето искуство е многу скромно и скоро не постои”, рече Зибери.

Тој истакна дека аферите од минатото со недозволени прислушувања сериозно ја загрозија довербата во институциите.

Зибери додаде дека не ја доведува во прашање неопходноста државата да ги користи овие механизми во интерес на гарантирање на безбедноста на граѓаните и заштитата на националниот интерес, но истакна дека тоа не треба да биде изговор тие служби да бидат надвор од контрола и надзор.

Исто така, Народниот правобранител истакна дека „остро се спротивставува“ безбедносните служби да се користат за други цели, вклучително и политички.

На отворањето на Конференцијата свои говори имаа и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман, и помошник директорот и раководител на Одделот за политика и истражување на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), Ханс Борн.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Претходно

Османи: Политичката поларизација и блокадата на парламентот се главните слабости што ги констатира извештајот на ЕК

Следно

Најмалку 18 Палестинци загинаа во напад на израелските авиони на куќа во Централна Газа

Latest from Blog