Под слоганот „Сите бои на сеќавањето“, Битола го одбележува 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, со програма што ги поврзува историската меморија, културата, спортот и хуманоста. Настаните се одржуваат од 30 октомври до 10 ноември, со учество на различни генерации и организации.
Визуелниот идентитет на годинашното одбележување е дело на графичкиот дизајнер Иван Јанчев Коцка. Постерот ја издвојува препознатливата битолска архитектура преку поглед кон еден од градските покриви, дополнет со силен колоритен акцент.
Визуелот го насочува вниманието кон архитектонските детали покрај кои граѓаните секојдневно поминуваат, повикувајќи ги повторно да го погледнат градот и да размислат за неговите приказни, минатото и наследството што го создаваат денешните генерации.
Празничната програма опфаќа документарни филмови, музика на винил, детски настапи, изложби, театарски, спортски и хуманитарни настани. Дел од одбележувањето се и оддавањето почит на борците за слобода и признанијата за современите придонеси кон развојот на Битола.
Програмата ги обединува Општина Битола и Културниот и информативен центар Битола, со учество на културни установи, училишта, здруженија, уметници и спортски организации.


