Пратеникот во израелскиот Кнесет, Офер Касиф: Израелците кои се противат на војната добиваат смртни закани

5 mins read

КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот пратеник Офер Касиф, кој беше критикуван за поддршката на случајот за геноцид кој го поднесе Јужноафриканската Република против Израел, рече дека „во тек е напад“ против оние кои се противат на воената кампања на Тел Авив во Газа, јавува Анадолу.

Гласниот политичар од левичарската партија со мнозинство Арапи, Хадаш-Та’ал, беше суспендиран од Кнесетот на 45 дена поради критикување на војната што започна по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Бројот на Палестинци загинати во израелското над 100-дневно бомбардирање на Појасот Газа надмина 25.000 луѓе, од кои повеќето жени и деца.

Се вели дека во првичниот напад на Хамас загинале 1.200 луѓе, и дека земени како заложници се околу 240 лица, од кои некои беа ослободени за време на еднонеделното примирје во ноември.

Во опсежното ексклузивно интервју за Анадолу, Касиф рече дека одбивањето на одзивот во редовите на војската на Израел довело до „напад врз слободата на говорот“, вклучително и смртни закани.

„Луѓето се апсат поради твитови и објави, не за поддршка на Хамас, се разбира, туку за поддршка за ставање крај на војната или дури и за примирје. Студенти се суспендирани од универзитетите и колеџите. Луѓето се отпуштаат од нивните работни места. Полицијата е брутално насилна кон демонстрантите“, вели Касиф.

„Има напад врз слободата на говорот на оние кои го креваат гласот против војната… има смртни закани. Затоа што насилството не е само одозгора, од владата од премиерот, легитимирање на насилството врз демонстрантите, се разбира од страна на [Итамар] Бен Гвир (министерот за национална безбедност) и полицијата, која за жал претежно стана своевидна приватна милиција на Бен Гвир. Туку тоа продира и во општеството како целина. И можете да видите дека во општеството, сè поголем дел од јавноста поддржува, буквално и експлицитно, насилство врз оние кои се противат на војната, вклучително и смртни закани“.

– „Регионот ќе експлодира“ ако Нетанјаху не замине –

Касиф рече дека сите ќе платат „огромна цена“ и дека целиот „регион ќе експлодира“ доколку Израел не се ослободи од „ужасната влада“ на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Според него, единствениот начин да се спречи катастрофата е да се запре војната, да се разменат заробениците и ослободат сите заложници, повлекување на израелската војска од Газа и почеток на сериозен мировен процес.

„Оваа влада треба да си оди дома, ако не во затвор“, бидејќи им нанесе голема штета и на Израелците и на Палестинците“, рече тој. „Единствениот начин да се живее, да се има иднина, да се просперира е ова. Да нема војна.“

– Израелски контрадикторности –

Пратеникот Касиф ги истакна и контрадикторностите во изјавите на израелските власти за нападите врз блокираната енклава, кои од една страна велат дека никогаш намерно не таргетираат цивили, но истовремено тврдат дека во Газа нема невини.

„Еден министер рече: „… фрлањето атомска бомба врз Газа е опција.“ Друг член на Кнесетот рече Газа да се елиминира. Тој го користеше токму терминот елиминира. Самиот Нетанјаху, премиерот, рече дека Газа е како Амалек. Амалек е како кодно име, библиско кодно име, на група која заслужува истребување.

„Претседателот на Израел, кој треба да биде објективен и надвор од политиката, потпиша бомба, пред да биде испратена во Газа. Тој исто така рече дека нема невини луѓе во Газа. Ова е само врвот на ледениот брег. Па, како можат да кажат дека не се напаѓаат цивили, невини цивили, а во исто време да се вели дека нема невини цивили. Оваа контрадикторност покажува точно како се однесува оваа влада, каква е политиката на оваа влада и нагласувам дека ова е и против Израел“.

– „Што се случува во Газа мора да биде истражено од непристрасно тело“ –

Касиф рече дека не сака да тврди дека израелската влада води геноцидна политика во Појасот Газа, истакнувајќи дека: „Правната дефиниција за геноцид е онаа што оставам експертите да ја анализираат“.

Но, додаде дека постојат две главни причини поради кои тој го поддржува случајот за геноцид во Хаг: спроведување непристрасна истрага за бомбардирањето во Газа и спасувањето животи.

„Она што се случува во Газа мора да биде истражено од непристрасно тело. Не верувам на владата на Израел или на која било гранка или полномошник на израелската влада за да се истражува самата себе… Тоа е како да бараш од крадец да се испита самиот дали тој или таа украл нешто. Нема никаква смисла“, рече тој.

„Овие страшни напади врз Газа чинат животи на илјадници и илјадници Палестинци и стотици израелски војници и израелски заложници. Тие (израелските заложници) се држат во страшни услови од Хамас во Газа. Сакам да се спасат животите“.

Но, тоа не може да се направи само преку протести во Израел, додаде тој.

„Не можеме да демонстрираме, не можеме да го кренеме гласот. Ние сме ограничени. Сега овде практично владее диктатура. Она што останува е да се бара засолниште во меѓународните организации. Значи, тоа е главната причина зошто мислам дека треба да го поддржиме апелот на Јужноафриканската Република“.

– Интересите на Палестинците и Израелците „не се контрадикторни“ –

„Интересите на Израел и интересите на Палестинците, колку што гледам, не се контрадикторни. Мислам дека е во заеднички интерес и на Палестинците и на Израелците да бараат мир и да ја прекинат војната“, рече Касиф.

Израелската влада, рече тој, „целосно ги запостави“ заложниците. „Владата не прави ништо за да ги спаси заложниците. И сите знаат дека единствениот начин да се спасат заложниците, кои умираат таму, е ставање крај на војната“.

Пратеникот тврди дека 47 отсто од израелската јавност, според анкетите, го поддржува завршувањето на војната за да се спасат заробениците. „Се согласувам со оваа конкретна точка. Се надевам дека Меѓународниот суд на правдата ќе донесе одлука што ќе стави крај на војната.“

– Израелските медиуми ја „изневерија“ професијата –

Прашан зошто израелската армија не им дозволува на новинарите да влезат во Газа, Касиф рече: „Можеби има нешто што сака да го скрие… Нормално, кога не дозволувате некој да влезе некаде. Тоа е затоа што не сакате некој да види нешто.”

За слободата на медиумите во Израел, Касиф рече дека имало ситуации кога властите ги „мобилизираат“ или ги принудуваат медиумите „да објават нешто, а да не објавуваат нешто друго“, но сега огромно мнозинство новинари „доброволно“ ја поддржуваат политиката на владата.

„Може да се каже дека нема многу ограничувања на слободата на медиумите, но самите медиуми, повеќето од нив, избираат да не дејствуваат слободно… ова е срамно, непрофесионално и ќе се памети штом заврши оваа страшна ера. Ќе се памети дека ја предале професијата“.

– „Тие сакаат да нѐ замолчат“ –

Коментирајќи ги напорите да го избркаат од 120-члениот Кнесет, Касиф рече дека „тие сакаат да го замолчат“ и „не сакаат да се слушне нашиот глас… гласовите против војната. Ова е дел од прогон и замолчување на луѓето кои го поддржуваат мирот и се против насилството и војната.“

Опозицискиот пратеник рече дека верува оти постапките против него ќе успеат, но дека ќе се обрати до Врховниот суд бидејќи сето тоа „нема правна основа“.

„Според законот, член на Кнесетот може да биде истеран само ако поддржува расизам, тероризам или вооружена борба против Израел. Ниту едно од нив не е релевантно за мене. Јас сум против расизмот, јас сум против тероризмот. Јас сум против вооружена борба против Израел.“

Тој нагласи дека тврдењето се заснова на политички причини. „Светот треба да разбере дека нападот врз Газа и замолчувањето на оние кои го сакаат мирот и на демократите во Израел се две страни на иста паричка. Тие продолжуваат со пучот што го започнаа пред 7 октомври со други средства.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Зибери: Недостигаат обрасци за двојазични патни исправи

Следно

ОН бараат решение со две држави за конфликтот меѓу Израел и Палестинците

Latest from Blog