(ВИДЕО) Дивоградба на „Пластичарска“: Државна акција за рушење пробиена од државата

4 mins read

Државниот инспекторат за градежништво го побарал а општината Центар му го дала предметот за дивоградбата на улица „Пластичарска“, без неопходниот потпис од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски

Предметот беше побаран (и предаден) од Градежниот инспекторат токму дента кога, според градоначалникот на Центар, требаше да се руши нелегално изградениот објект на државно земјиште. Во месеците претходно, општината прво немаше избрано фирма за рушење дивоградби а потоа МВР немаше полицајци за асистенција

Кога се спуштате од Кале, од кај амбасадата на САД, вртите десно на булеварот „Никола Карев“ и излегувате на делот познат како „Пластичарска улица“. По неколку стотици метри, од десна страна, ќе го забележите објектот подолу, на сликата. Земјиштето под него е на Република Македонија, односно е државно и е наменето за паркинг. Логично, зградата е дивоградба – не само поради тоа што нема одобрение туку и затоа што е на јавен имот.

Дел од дивоградбата, поглед од булевар „Никола Карев“

Случајот е веќе познат, но новото е тоа што зградата сега е готова однадвор, а се подготвува теренот да се заврши и одвнатре. Дека се гради див објект на конкретната државна парцела среде Скопје, поточно на територија на Општина Центар, се знае од 2016 година. Тогашниот градоначалник Андреј Жерновски прво го затвори градилиштето, а откако работите продолжија, го сруши објектот.

По неколкугодишно примирје, лани во декември повторно почна да се гради на истата локација. Градежниот инспекторат на Општина Центар го затвори градилиштето и донесе одлука за уривање на дивоградбата.

Дел од дивоградбата, поглед од сервисните улички одзади

Помина Нова година, поминаа јануари, февруари, па и март. Објектот продолжи да се гради, а Општината Центар не излегуваше на терен да го руши. Кога го прашавме градоначалникот, добивме одговор – барал полициска асистенција, но МВР не му ја обезбедило.

„Беше и договорена акција за отстранување на објектот, но, поради многубројните пријави, така ни стигна допис од страна на Министерството за внатрешни работи во делот на бомби во училиштата и недоволен број на полициски службеници истата беше стопирана. Повторно од моја страна, по извесен период, пред неколку дена е доставено повторно барање за асистенција од страна на МВР за да заедно да излеземе од терен и почнеме со отстранување на тие диви објекти“.

рече Герасимовски за „360 степени“ на 15.3.2023 г.

На повтореното барање на Герасимовски, од МВР одговориле позитивно. Но, пред да дојде време да излезат на терен и да рушат, од ненадеж, целата документација за предметот ја одзема Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Од страна на Општината е побарано да се прекине постапката поради вонреден инспекциски надзор врз овластениот градежен инспектор во Општина Центар, додека не се направи целосен увид на постапката за преземените законски дејствија во постапката“,

велат од МВР.

Потврда дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја одзел документацијата на увид, со што е закочен процесот на уривање на дивоградбата, даде и самиот Герасимовски.

На самиот ден кога требаше да се изврши самата акција и рушење, акцијата беше пробиена – од страна на Државниот инспекторат стигна барање да самите предмети им бидат дадени на увид. Ние како општина истото го направивме.

Државниот инспекторат ја саботираше акцијата?

Ги побараа документите и ја сопреа акцијата да не постапиме.

рече Герасимовски во гостување на ТВ Сител на 6.4.2023 г.

Градоначалникот на О. Центар, Горан Герасимовски, во гостување на телевизија Сител

„360 степени“ се обрати до Општината Центар со прашање – која е основата да им е одземен предметот. Само усно ни одговорија дека тоа било направено според членот 145 од Законот за градење.

Споменатиот член пропишува дека „доколку градежен инспектор утврди дека овластен градежен инспектор не ги врши работите“, тогаш поднесува „писмено укажување до градоначалникот“. Ако по една недела работатата не се изврши, инспекторот изготвува и испраќа записник со предлог за одземање на работите од општината до министерот за транспрот и врски.

Министерот… донесува решение за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор, по конкретниот предмет за кој е утврдено неизвршување на работите, кое се доставува до градоначалникот на општината, односно градоначалникот на општината во градот Скопје“,

стои во Законот за градење.

Во истиот член се вели и дека преземените работи „градежниот инспектор ги врши до нивно извршување“, што значи дека нема рок до кога може да го држи предметот. За парадоксот да биде поголем, иако Инспекторатот го презеде случајот пред повеќе од еден месец, нема ништо од евентуално рушење на дивоградбата на државно земјиште.

„Од директорот Фатмир Арифи во неколку наврати побаравме одговори – зошто Инспекторатот смета дека општината не си ја вршела работата, кога Инспекторатот ќе ја урне дивоградбата, дали веќе побарал асистенција од полицијата за уривање, како и за тоа кој ќе ја понесе одговорноста што непречено се гради нелегален објект на државно земјиште и дали со неуривањето се испраќа порака дека секој може да гради што сака. Одговори – ниту усно ниту писмено, не добивме.“

По неколкунеделниот молк, се обидовме и лично да му ги поставиме прашањата на директорот. Три дена, од 7:30 до 10 часот, го чекавме пред седиштето на инспекторатот, поточно пред зградата на МТВ. Епилогот беше како во антидрамата на Семјуел Бекет – „Чекајќи го Годо“. Годо или, во нашиот случај, директорот Арифи, не дојде.

Тимот на „360 степени“ три дена го чекаше директорот Арифи пред неговото работно место

Или Арифи не доаѓаше на работа пред 10 часот или доаѓаше преку друг влез, па не го сретнавме. На крај, одлучивме лично да го побараме и во канцеларија.

Директорот Фатмир Арифи дали е дојден?

Не, уште не е дојден. За што ви треба?

Пробувавме да стапиме во комуникација со него, зборевме за изјава, па еве дојдовме да го побараме лично. Кога доаѓа отприлика?

Не знам, беше на одмор, не знам дали се врати.

Може да проверите некако?

Не, не е дојден.

Да проверите дали е на одмор уште, да знам дали да го чекам.

Секретарката уште не е дојдена. А за што ви треба?

За изјава, разговаравме за одредена работа и потоа го снема човекот.

Подоцна пробајте, не знам што да ви кажам.

А од колку часот е работно време, од 8?

Да, ама дека беше на одмор не знам дали се вратил.

А тоа секретарката треба да го провери, а не е дојдена на работа, а од 8 треба да се на работа.

Бидејќи согласно законот, предметот не би можел да биде одземен без потпис на министерот за транспорт, се обративме и до Благој Бочварски.

Побаравме одговор – дали и кога до него стигнал записник и предлог, дали и кога ги потпишал?

Ни одговорија дека од ДИГУ никогаш не им побарале дозвола за да го одземат предметот

„До Министерството за транспорт и врски, до овој момент ДИГУ нема доставено записник со кој е утврдено непостапување од страна на овластениот градежен инспектор на Општина Центар, а во однос на објектот за кој потенцирате“,

одговорија од Министерството за транспорт на прашањата на „360 степени“

Овој одговор, посредно значи дека Државниот градежен инспекторат го прекршил членот 145 од Законот за градење кога го прескокнал потписот од министерот Благој Бочварски за воопшто да може да го одземе предметот за дивоградбата.

А додека трае институционалниот пинг-понг, на терен дивоградбата се привршува. Без познат инвеститор, без одобрение за градба и на државна земја за паркинг. Ако веќе може така, има уште десетици државни паркинг парцели низ Скопје. Па, побрзајте со темели, може брзо да се потрошат.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Мицкоски за загинатите припадници на МВР во Диво Насеље: Тие се хероите на новото време, пазарот на ДУИ и СДСМ со терористите е за опстојување на власт и крадење

Следно

Маж во САД застрелал девојче додека играло криенка: Видов некои сенки

Latest from Blog