Непречено се одвива акцијата новогодишна кошничка. Бројот на производите надмина 1000 опфатени со намалена цена од барем 10 проценти, констатира Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд кој денес направи мониторинг во еден од поголемите прилепски маркети, заедно со претставници од бизнис секторот.
-Денес продолжува мониторингот на учесниците во новогодишната кошничка, односно маркетите, кои се директно поврзани со потрошувачите, односно купувачите. Во мониторинг сме на еден од локалните прилепски маркети во синџирот од повеќе од 20 од нив. Гледаме дека производите кои ги понуди Стопанската комора во новогодишната кошничка се одлично означени со претходната цена која е прецртана и со најмалку 10 насто намалување. Тоа е добро за визуелен ефект на граѓаните за да може да ги препознаат производите кои се со намалена цена, изјави Ристески.
Новогодишната кошничка содржи околу 1000 производи во околу 50 маркети и во над 500 продажни места во земјава. Пазарниот инспекторат континуирано прави контроли. Има одредени мали забелешки, но не ја нарушуваат акцијата. Ристески уште еднаш ги повика граѓаните да реагираат и да пријават неправилности на бројот 191 на Државниот пазарен инспекторат.
-Мислам дека мерката ќе тече во најдобар ред. Онаму каде што има одредени забелешки, потрошувачите, односно купувачите ќе може слободно да се јават на бројот 191, односно тоа е бројот на пазарната инспекција, да пријават и да бидат коригирани грешките, а онаму каде ќе се повторуваат грешките, трговците ќе може да бидат казнети според Законот за заштита на потрошувачите. Според инспекторатот имаше одредени мали прекршувања во однос на цените и на процентот, но тоа беа мали како што ја имаме информацијата од Државниот пазарен инспекторат. Еве, пак ги повикувам граѓаните ако има такви забелешки да пријават, ание понатаму ќе постапиме со маркетите, производителите, со дистрибутерите, со добавувачите, таму каде ќе се востанови дека има одреден проблем. Да напоменам, ова акација е предлог на бизнис секторот која ја поддржавме за граѓаните да имаат одредена заштеда и да се зачува стандардот на граѓаните, рече Ристески.
Татијана Мачалова, раководител на маркет во Прилеп уверува дека ги запазуваат сите критериуми во акцијата.
-Мерките ги применуваме од 15 декември, а цената ја запазивме од 15 ноември и на тие производи додадовме 10 проценти намалување што ќе трае до 15 јануари. Имаме редовни контроли од пазарната инспекција. Досега не се пронајдени забелешки. Се трудиме цените да бидат видно означени за да може потрошувачите полесно да ги препознаат намалувањата на производите, рече Мачалова.
Според Ристески, и понатаму ќе продолжи мониторингот низ градовите на цените од новогодишната кошничка и во еден од тие мониторинзи ќе бидат вклучени и синдикатите и организацијата на потрошувачи на Македонија.
Акцијата „Новогодишна кошничка“ со производи со намалени цени за барем 10 проценти же трае до 15 јануари.
ИЗВОР: kurir.mk