За Даравелски, сепак, не настапила застареност на извршување на казната?

4 mins read

За поранешниот директор на Царинската управа, најверојатно, не настапила застареност на извршување на санкцијата бидејќи тоа го спречиле надлежните органи со тоа што изминатите години испраќале барања за екстрадиција во Србија. Она што не може да се спречи е апсолутна застареност, но таа во случајот настапува во 2028 година

Драган Даравелски

Приведувањето на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, на граничниот премин „Табановце“ ја неметна дилемата – зошто по речиси две децении живот во бегство, тој би одлучил да се врати во земјава и, практично, да им се предаде на судските и затворските власти.

Даравелски е осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од 1999 до 2002 година во вредност од над 2 милиони евра. Околу 20 години тој престојуваше во Србија до чии институции македонските власти испратија неколку барања за екстрадиција. Првото уште во 2004 г., а потоа и во 2013 и 2016 г. Последното барање е пратено во јуни 2020 г., но до ден денес нема официјален одговор од српските власти.

Откако денеска се предаде на граница, Даравелски беше спроведен во затворот „Идризово“ во Скопје, но прашањето што веќе се поставува е дали и колку ќе се задржи таму.

Во јавноста веќе излегоа тези дека тој наскоро би можел да биде слободен граѓанин бидејќи настапила застареност на извршување на санкцијата.

Во недостаток на официјални информации, „360 степени“ контактираше со повеќе судии и правници со цел да се согледаат можните сценарија за понатамошниот тек на настанатите.

Нема застареност на извршувањето на казната?

Членот 109 од Кривичниот законик (КЗ) го регулира застарувањето на извршување на санкцијата и во него е определено кога казната нема да се изврши.

Случајот со Даравелски го покрива ставот 3 од овој член кој предвидува дека „казната нема да се изврши кога ќе поминат десет години од осуда на затворска казна од над пет години“. Даравелски беше осуден на седум години, а пресудата стана правосилна во 2008 година што значи дека ако се анализира само оваа одредба, за поранешниот прв цариник застареност настапила во 2018 г.

Член 109 од Кривичен законик

Меѓутоа, како што брифираат нашите соговорници, во случајот не настапила застареност затоа што се исполнети законските одредби да се прекине сметањето на застареноста. Конкретно, во ставовите 2 и 3 од членот 111 од Кривичниот законик се предвидува дека застарувањето се прекинува во услови кога извршувањето на казната не може да се преземе, како и со секое дејствие што надлежните органи го преземаат за осуденикот да ја изврши казната.

Член 111 од КЗ

Тоа би значело дека со тоа што по правосилноста на пресудата за Даравелски надлежните постапувале односно испратиле најмалку три барања за екстрадиција (2013, 2016 и 2020 г.), тој не би можел да се повика на застарување во овој момент.

Она во што би можел осуденик да полага надеж за спас, е апсолутна застареност која е регулирана во став 5, член 111 од КЗ.

„Застареност на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“,

гласи оваа законска одредба.

Став 5, член 111 од КЗ

Со оглед дека за Даравелски е предвидено релативна застареност за 10 години, за да има апсолутна би било потребно двојно повеќе време односно 20 години. Тоа значи дека таа би настапила во 2028 година.

Ваквата теза за „360 степени“ ја потврдуваат и судски извори кои имале увид во документацијата за конкретниот случај.

Даравелски може да бара повторно судење

Друго можно сценарио е поранешниот директор на Царинската управа да бара повторно да седне на обвинителна клупа и да има ново судење со оглед на тоа што при првото му се судеше во отсуство.

Тоа го овозможува Законот за кривична постапка каде во ставот 1 од членот 456 се предвидува дека кривичната постапка ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесат барање во рок од една година кога лицето ќе дознае за пресудата со која е осудено во отсуство.

И во ставот 2 од истиот член се предвидува ново судење доколку, како што пишува, „против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство“.

Член 456 од ЗКП

Меѓутоа, како што посочуваат и дел од нашите соговорници, прашање е како судската власт ќе го толкува законот во хипотетичко сценарио Даравелски да се повика на една од овие одредби. На пример, дали би се прифатила тезата дека не е истечен рокот од една година и дали ќе се смета дека „осуденикот дознал сега“ во случај одбраната да тврди дека досега тој не ја примил правосилната пресуда.

Кога станува збор за вториот став, каде се споменува дека ќе има повторно судење ако државата дала гаранции, во предметот со Даравелски на барање на Србија, македонските органи веќе гарантирале, што го потврдува Основниот суд Скопје 1 во соопштение објавено во 2016 година.

„Во текот на 2014 година, Основниот суд Куманово и Министерството за правда се обратиле до Основниот суд Скопје 1, како првостепен суд кој ја донел пресудата, со барање да издаде гаранција дека на Даравелски ќе му се суди во негово присуство доколку побара повторување на постапката пред овој суд, за што е издадена гаранцијата по повеќе преписки на Судот со Министерството за правда во Србија преку Министерството за правда во Македонија“,

гласи дел од соопштението на судот пред речиси седум години.

Но, прашање е дали би се земала предвид ваквата гаранција со оглед дека српските власти, сепак, не го екстрадираа Даравелски туку тој беше приведен на граничниот премин при обид за влез од Србија во Северна Македонија.

Како дополнување на ваквото сценарио, нашите извори брифираат дека во случај да има повторно судење, тогаш би можела повторно да се констатира застареност, но на кривичното гонење.

Според Кривичниот законик, апсолутна застареност и во овој случај настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење или двојно повеќе време од запретаната затворска казна.

Оттука, за казни затвор до десет години апсолутна застареност за кривично гонење има кога ќе поминат 20 години од застарувањето на делото.

Така, на пример, доколку за делото за кое се гони Даравелски е предвидена максимална казна од 10 години, а како што се наведува во обвинението, тој дејствија на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања имал во 2002 г., апсолутна застареност настапила во 2022 г.

Уште едно сценарио кое го споменуваат упатени во настаните е и тоа дека денешното појавување на поранешниот директор на Царинската управа на „Табановце“ можеби воопшто не е поврзано со никакви калкулации во врска со застарување на извршување на казната или на кривичното гонење, туку дека во прашање се многу лични причини (трагедија во семејството), па затоа би сакал да биде поблиску до родното место, па макар и преку повремени излегувања од затвор.

Дали Даравелски и неговите адвокати ќе поднесат барања за констатирање застареност или ново судење, одговори ќе се очекуваат во наредните денови. За одлуките, пак, во зависност од евентуалните барања ќе се произнесуваат судовите во Куманово, кој е надлежен за извршување на санкцијата според местото на живеење, и во Скопје, каде се водеше судскиот процес.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Анчелоти: Реал секогаш оди на трофеј, ќе биде тешко против Валенсија

Следно

Шефицата на германската дипломатија во ненадејна посета на Харков

Latest from Blog