Вучиќ по состанокот со Ескобар и Лајчак: Време е Косово да ги исполни своите обврски

1 min read

На средбата со преставниците на САД и ЕУ, Вучиќ ја повторил посветеноста на Србија за процесот на дијалог со Приштина, за постигнување компромисни и одржливи решенија во полза на односите меѓу Србите и Албанците, но го повторил и барањето на Белград за имплементација на договорот од Брисел и формирање на ЗСО

Време е косовските власти да ги исполнат своите обврски и да ја формираат Заедницата на српски општини (ЗСО).

Ова, според објавата на неговиот инстаграм-профил, го изјавил претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на средбата со заменик-помошниот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и специјалниот пратеник на ЕУ за Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

„Србија од првиот ден е конструктивен, конзистентен и доверлив партнер во сите процеси во насока на зачувување на стабилноста на целиот регион“,

се додава во објавата на српскиот претседател.

Фото: РТС

На средбата, како што јави РТС, се разговарало за актуелната ситуација на северот на Косово, за начините кои би помогнале за намалување на тензиите, како и за процесот на спроведување на постигнатите договори меѓу Белград и Приштина и за напредокот на дијалогот што двете страни го водат со посредство на Европската Унија.

Во оваа насока, Вучиќ ја повторил целосната посветеност на Србија за процесот на дијалог со Приштина, за постигнување компромисни и одржливи решенија во полза на односите меѓу Србите и Албанците, но го повторил и барањето на Белград за имплементација на договорот од Брисел и формирање на ЗСО.

„Претставниците на ЕУ и САД, пак, го повторија нивното заедничко барање за итен прекин на тензиите и насилството на теренот, организирање нови избори со учество на Србите во Косово и враќање на дијалогот за нормализација“,

се вели во соопштението на кабинетот на српскиот претседател кое го пренесува РТС.

Двете страни се согласиле дека деескалацијата и враќањето на дијалогот се неопходни и за подобар живот на сите граѓани и напредок на патот кон евроинтеграциите, како и за стабилност на целиот регион.

Лајчак и Ескобар доаѓаат во Белград откако ден претходно беа во Косово и се сретнаа со премиерот Албин Курти, од кого побараа итни мерки за средување на состојбата во северно Косово, меѓу кои повлекување на специјалните полициски единици и организирање вонредни локални избори во засегнатиот регион.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Османи: Идејата за внесувањето на Бугарите во Уставот за првпат ја слушнав од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ

Следно

Косово е отворено за можноста за нови избори во општините со мнозинско српско население

Latest from Blog