Османи: Идејата за внесувањето на Бугарите во Уставот за првпат ја слушнав од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ

2 mins read

Прашан дали се чека одржувањето на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за потоа Владата да ја усвои предлог-иницијативата за уставните измени и да ја испрати во Собранието, Османи кажа дека „би било добро да има позитивен исход од утрешната средба“. Сепак, независно од исходот на лидерската средба помеѓу лидерите на власта и на опозицијата, како што кажа Османи, предлог-уставните амадмани ќе бидат доставени во Собранието

Идејата за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот како решение на односот со Бугарија за првпат ја слушнав од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ – оттука всушност е родена идејата за решавање на разликите на овој начин, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Од гостувањето на министерот Бујар Османи во емисијата „Топ Тема“

Шефот на дипломатијата ова го кажа говорејќи на темата за уставните измени и ставот на опозицијата во однос на нивното усвојување, не откривајќи за кој точно функционер од опозициската партија станува збор.

„Јас во една прилика кажав дека првпат идејата за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот како решение на односот со Бугарија сум го слушнал од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Истото го кажуваат луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои го разбираат процесот. Меѓутоа таму има и луѓе кои ги следат анкетите и кажуваат дека ќе добијат повеќе гласови ако ‘јаваат’ на емоцијата која е создадена во моментот, а таа е создадена на основа на пропаганда, конспирација, на лажни вести и плашење на граѓаните“,

рече Османи.

На новинарска констатација дека единственото нешто што е во интерес на граѓаните е дали внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е последниот услов, министерот рече дека тој лично гарантира оти Бугарија нема да може да додаде ниту едно дополнително барање од оние што веќе постојат во Преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка е документ што не се менува – тој останува до нашето членство. Условите се веќе во Преговарачката рамка. Република Бугарија не може да додаде услов во Преговарачката рамка затоа што тој е затворен и изгласан од 27 земји членки и не може да се репреговара“,

додаде шефот на дипломатијата.

Од гостувањето на министерот Бујар Османи во емисијата „Топ Тема“

Прашан дали се чека одржувањето на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за потоа Владата да ја усвои предлог-иницијативата за уставните измени и да ја испрати во Собранието, Османи кажа дека „би било добро да има позитивен исход од утрешната средба“.

„Се разбира дека би било избрзано доколку процедурата би се почнала без да се заврши таа средба, но мислам дека опозицијата може да пропушти историска шанса и барем еднаш во поновата историја на оваа држава да придонесе во важни стратешки процеси кои ѝ носат прогрес и стабилност на државата“,

рече министерот за надворешни работи.

Сепак, независно од исходот на лидерската средба помеѓу лидерите на власта и на опозицијата, како што кажа Османи, предлог-уставните амадмани ќе бидат доставени во Собранието бидејќи се услов за понатамошниот европски пат на земјава, но и, како што рече, најдобра формална потврда на нашата позиција во врска со односот на малцинската бугарска заедница во земјава во однос на останатите заедници.

„Формално се дефинира кој е кој, што е што – имаме мнозински македонски народ и имаме делови од други народи кои живеат овде во подеднакви услови, вклучувајќи ја и бугарската заедница“,

посочи Османи.

Тој рече дека сè уште стои предлогот на маса, доколку опозицијата ги изгласа уставните измени, истиот ден да се распишат предвремени парламентарни избори. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Силен земјотрес во Романија – почувствуван и во Србија

Следно

Вучиќ по состанокот со Ескобар и Лајчак: Време е Косово да ги исполни своите обврски

Latest from Blog