Вучиќ за 10 часот закажал разговори со Социјалистичката партија на Србија, односно листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“, во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Републиката и со листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ во 12:30 часот.

Вучиќ претходно изјави дека во понеделник ќе разговара со претставниците на Социјалистичката партија на Србија и листата „Србија не смее да запре“ и дека очекува потоа да го известат дека имаат мнозинство и дека ќе можат да ја информираат јавноста кој треба да биде новиот мандатар за состав на влада.

Потпретседателот на Српската напредна партија, Александар Шапиќ, по седницата на Претседателството најави дека во понеделник делегацијата на таа партија ќе оди кај српскиот претседател Александар Вучиќ на консултации за мандатарот и дека таму ќе го информира дека има мнозинство за формирање влада.

„Постои мнозинство за формирање влада и за тоа ќе биде информиран претседателот“, рече Шапиќ на прес-конференција во седиштето на СНС.