Водата во Скопје ќе поскапи најмногу за девет насто – одлучи Регулаторната комисија

3 mins read

Постоечката цена за домаќинствата во Скопје изнесува 31,87 денари за кубен метар вода. Според одлуката на Регулаторна, минималната тарифа што се предлага, изнесува 31,54 денари за кубик вода, што би било минимално намалување од околу еден процент во однос на постоечката цена. Висината на максималната тарифа што ја предлага РКЕ, пак, изнесува 34,82 денари, што е повисоко за околу девет насто споредено со актуелната цена

Колкава цена за вода ќе плаќаат скопјани ќе се знае најмногу за четири и пол месеци, односно за 150 дена, колку што е рокот во кој треба да заврши целата постапка – од предлог-одлуката за тарифите на РКЕ, преку предлог на „Водовод и канализација“ до гласање во Советот на Град Скопје

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја донесе одлуката за минималната и максималната тарифа за цената на водата за градот Скопје, како почетна основа врз која во наредниот период треба да се одлучи колкав ќе биде трошокот што жителите на главниот град ќе го плаќаат за оваа услуга.

Зградата на ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје/Фото: Архива

Како што информира претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, постоечката цена за домаќинствата во Скопје изнесува 31,87 денари за еден кубен метар вода. Според одлуката на Регулаторна, минималната тарифа што се предлага изнесува 31,54 денари за кубик, што би било минимално намалување од околу еден процент во однос на постоечката цена. Висината на максималната тарифа што ја предлага РКЕ, пак, изнесува 34,82 денари за кубен метар, што е повисоко за околу девет проценти споредено со актуелната цена.

Колкава ќе биде цената што жителите на Град Скопје ќе ја плаќаат за вода ќе треба да одлучи Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ врз основа на понудените минимална и максимална тарифа од РКЕ, по што предлогот на претпријатието ќе оди на гласање и конечно усвојување во Советот на Град Скопје.

„Значи, минималната тарифа е пониска од постоечката, а максималната е повисока за 9 проценти од постоечката. Понатаму, овој наш предлог, со минимална и максимална тарифа, посебно за секоја дејност, ќе биде доставен до ‘Водовод’ Скопје. Ова претпријатие има право во рангот помеѓу минималната и максималната тарифа да донесе своја одлука која потоа ја доставува до Советот на Грaд Скопје на одобрување“,

рече Бислимоски на прес-конференцијата.

Инаку, според предложените тарифи на Регулаторна, доколку се прифати максималната тарифа, зголемувањето на цената на водата во Скопје, во апсолутни бројки, би било за 2,95 денари по кубен метар.    

Претходно, Бислимоски посочи дека Регулаторната комисија работи врз основа на барањата што јавни комунални претпријатија ги доставуваат до нив и, според она што можеше да се заклучи од неговото обраќање, тие барале зголемување на цените на водата поради зголемените трошоци за електрична енергија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски/Фото: Архива

„Најголем дел од претпријатијата што поднесуваат барања до Комисијата за енергетика поднеле барање поради тоа што имаат зголемени трошоци за електрична енергија и во најголем дел во нивните барања овие трошоци за електрична енергија, кога ги препресметувале, ја земале цената на електрична енергија на берзата ХУПЕКС. За среќа, во изминатиот период имаме цена на електричната енергија кај овие јавни комунални претпријатија што ја обезбедува ‘ЕСМ продажба’ и таа изнесува 95 евра за мегават-час што придонесе да се среди ситуацијата кај јавните комунални претпријатија имајќи предвид дека месеците август и септември беа критични кај нив. Имаше јавни комунални претпријатија кои беа на слободниот пазар и нивните трошоци за електрична енергија на месечно ниво беа поголеми и од вкупните приходи кои би ги остварило едно претпријатие. Во целиот овој процес, сите јавни комунални претпријатија кои членуваат во нивното здружение АДКОМ добија целосна поддршка од Регулаторната комисија за енергетика и ние бевме едни од иницијаторите овие јавни комунални претпријатија да добијат цена на електрична енергија која би влијаела на подобрување на ликвидноста на овие претпријатија“,

посочи Бислимоски.

Рокот во кој треба да заврши целата постапка е 150 дена, односно толкав е максимално предвидениот период што може да измине од донесувањето на одлуката на РКЕ до изјаснување на советниците во Град Скопје.

Инаку, како што напомена Бислимоски, зголемените трошоци што ги пријавуваат комуналните претпријатија се должат и на нивната превработеност.

„Јас само сакам да ви дадам еден пример. Во Електродистрибуција, компанијата што прави дистрибуција на електрична енергија во целата држава, работат околу 1 750 вработени. Ви гарантирам – ако ги земеме петте најголеми градови во државата, во овие водоводни претпријатија работат околу 3 500–4 000 луѓе“,

истакна Бислимоски.

Тој уште еднаш се осврна на барањето на РКЕ, ова тело да ги носи одлуките за цените на водата наместо, како што е сега, за тоа да одлучуваат советите на општините и Советот на Град Скопје. Целта на ваквата одлука, како што посочи Бислимоски, е да се избегне политизација при носењето на одлуките.

Конечната одлука за цената на водата ќе ја донесат советниците во Град Скопје/Фото. Архива

Во наредниот период, додаде тој, РКЕ ќе биде надлежна и за определување на цените за комуналниот отпад.

Одговарајќи на новинарско прашање, Бислимоски рече дека на државно ниво имаме сериозен проблем со загубите на вода кои изнесуваат 64 проценти.   

„Тоа е сериозен проблем. Вие да набавите 100 единици вода, по пат да изгубите 64, а до потрошувачите да дојдат само 36 – тоа е голем проблем. Верувам дека и сите овие барања што ги поднесуваат комуналните претпријатија ќе придонесат тие да ги зголемат инвестициите, пред сè, инвестициите за намалување на процентот на загуби, со што сите ќе добијат подобар квалитет на услугата“,

рече претседателот на РКЕ.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Британците плаќаат стотици милиони фунти за ветерниците да не им работат

Следно

Приведени двајца ученици во Франција поради лажни дојави за бомба

Latest from Blog