Во Собранието поднесени предлози за законски измени за важноста на личните документи

3 mins read

Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор, односно проблемот кој се појави со возачките дозволи, побарал претседателот на Парламентот Јован Митрески, на денешната координација со координаторите на пратеничките групи.

„Тој истакна дека има најави дека пратеничките групи ќе достават различни предлози за законски измени, поради што нагласи дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале“, информираат од Собранието.

Од Парламентот посочуваат дека Митрески најавил оти уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Истовремено претседателот на Собранието информирал дека ќе одржува ад хок состаноци со координаторите на пратеничките група со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација.

Од Собранието соопштуваат дека Митрески побарал од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.

Во меѓувреме и министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски на денешната прес-конференција пред Собранието соопшти дека утрово до Владата поднел законски измени на Предлог на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, по скратена постапка.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овие законски измени утрово ги поднесе до архивата на Собранието и барање за свикување на итна седница за оваа прашање со потписи од 20 пратеници.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на самите законски решенија се работи за измена на одредбите од двата закона коишто предвидуваат завршување на роковите по однос на ова законско решение за патните исправи и за возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период.

Тошковски нагласи дека нема доволен број на обрасци за пасоши и возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните.

„Сакам македонските граѓани да знаат една работа која што се лажени упорно во континуитет. Лажени се од сите. Прво, само матична држава која што издала документ може да го поништи тој документ. Прво, многу е просто. Второ, одговорно тврдам дека со овие Предлог-измени не кршиме меѓународно право и билатерални договори. Второ „бона фиде“ – добро однесување го гарантираме во одреден временски период. Трето, ова се рокови во коишто е возможно согласно објективни, технички, нормални, возможни итн. капацитети да ги издадеме во соодветен број и едните и другите документи. Ова е реалноста. Значи, сакам да знаат македонските граѓани дека нема ниту пасоши како обрасци физички, ниту има возачки дозволи во доволен број за да се задоволат потребите на граѓаните и тоа е факт. Ова е единствено нормално возможно и системско решение. Сè друго е козметика, шминка и популизам“, рече Тошковски.

И од владејачката СДСМ денеска најавија дека ќе поднесат предлог за законски измени со кои ќе се продолжи важноста на возачките и сообраќајните дозволи и осигурителни полиси.

„Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста. Со измени на законите граѓаните и понатаму да може да ги користат на територијата на државата“, рече Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ и додаде дека за овие законски решенија очекуваат поддршка од сите пратенички групи во македонското Собрание.

Техничкиот премиер Талат Џафери од тетовско Селце, каде што присуствуваше на поставување камен темелник за ново училиште, најави дека ќе оди во Собранието, и оти ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор.

Според најавата на Џафери, можно е некаде да се интервенира со законска измена, а некаде со одлука на Владата.

Инаку на полноќ (12 февруари) истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата.

Од Министерството за надворешни работи информираа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Ристо и Мартин се играчи на неделата, на платформата 2win.мк

Следно

Во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа се убиени 164 Палестинци

Latest from Blog