Владата ќе ги следи препораките на Пендаровски, но не кажува дали ќе им забрани влез на европратеник и други бугарски државјани

2 mins read

Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот (одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев, н.з.), согласно со препораките од Советот за безбедност, соопшти владината прес-служба по денешната владина седница

Во известувањето од Владата не се споменува конкретно забрана за влез на европратеник и други бугарски државјани што вчера претседателот Пендаровски го наброја меѓу препораките

Владата на денешната седница донела заклучоци во врска со одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, 4 февруари, со кои го задолжила Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на настанот, согласно препораките од Советот за безбедност што се одржа вчера.

„На седницата се донесени и заклучоци во врска со одбележувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од Советот за безбедност. Делегацијата којашто во име на Владата ќе присуствува во црквата Свети Спас во Скопје и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе биде составена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливерс Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска“,

соопшти владината прес-служба.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера по седницата на Советот за безбеност соопшти дека, според сите проценки и анализи на надлежните безбедносни служби, одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик. 

На овој ден, како што истакна претседателот на државата, организирани структури во Бугарија се мобилизирани да поддржат организирано доаѓање во Скопје на повеќе лица, кои спроведуваат антидржавни кампањи кон С Македонија. 

Поради ова, како што рече Пендаровски, надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува.

Говорејќи во овој контекст, претседателот Пендаровски изјави дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.

Иако не го спомена со име и презиме, повеќе од јасно е дека станува збор за европратеникот од Бугарија Ангел Џамбаски, кој е познат по националистичката и навредлива реторика кон С Македонија и македонскиот народ во историски, но и во контекст на актуелните политички случувања и настани.

Сепак, од заклучоците што денеска ги донела Владата во врска со одбележувањето на 4 февруари, никаде во соопштението не се споменува конкретно забрана за влез на европратреник и други бугарски државјани што вчера ги неведе претседателот на државата.

Законските основи според кои Владата може да изрече ваква мерка, а кои вчера ги наброја Пендаровски, се три и произлегуваат од Законот за странци: 

  • закана за јавниот поредок; 
  • закана за национална безбедност;
  • закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија.

Освен за настанот на 4 февруари да помине како што доликува, претседателот вчера додаде и дека како држава ќе мора да ги преземе сите неопходни мерки и на терен – од граничните премини, па сè до главната локација во Скопје каде, како што истакна, пристап треба да имаат само луѓето – Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Гоце Делчев, но не и оние кои доаѓаат со цел да го негираат и понижуваат македонскиот народ.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Најголемата соларна фарма прегоре предвреме

Следно

Министерство за економија се реорганизира, се формира Државен пазарен и технички инспекторат

Latest from Blog