(ВИДЕО) Првите македонски европратеници испишаа историја во Стразбур

6 mins read

Средношколци од Кочани, предводени од професорот Александар Михајлов, почувствуваа како е да се биде пратеник во Европскиот парламент пред кој било политичар од земјава да има таква можност. Тие учествуваа на годинешната „Еуроскола“ – проект со кој на средношколци од земјите членки на Европската Унија им се овозможува на еден ден да бидат во чевлите на европарламентарците

Северна Македонија и Босна и Херцеговина се двете земји што за првпат учествуваа на настанот, а не се членки на ЕУ

Кога Македонија би станала членка на Европската Унија би имала шестмина пратеници во Европскиот парламент. Пред кој било политичар од земјава да го доживее тој сон, шанса за тоа добија група од 22-ца средношколци од Средно општинско училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани.

Нивниот ментор, професорот Александар Михајлов, ги подготвувал за учество на годинешната „Еуроскола“ – програма на Европскиот парламент во Стразбур која на средношколци од земјите членки на Унијата им овозможува на еден ден да бидат во чевлите не европратениците.

Александар Михајлов – професор во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани

„Еуроскола и Европскиот парламент во последен момент направија промена на правилата односно овозможија учество на земји што не се членки на Европската Унија, туку се кандидати, како Република Северна Македонија“,

вели Александар Михајлов – професор во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Се работи за симулација на работата на европратениците. Учениците добиваат неколку теми за кои парламентот веќе дебатирал или дебатата е во тек, како на пример, енергетската криза. Потоа добиваат задача да бидат за, против или воздржани иако тоа може да е спротивно на нивните лични ставови. Целта е да ги почувствуваат сите предности и недостатоци на одреден став.

Александар Јанев, Снежана Трифунова и Љупка Јорданова – ученици во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани

„Професорот точно нè упатува на кој начин да размислуваме, ни дава метеријали од кои би можеле да учиме, на кој начин тоа да го искажеме, тој правен аспект во однос на темите и нешто повеќе во однос на нашите средношколски мислења што веќе ги имаме оформено. Меѓутоа, тој самиот ни кажува малку повеќе како тоа можеме да го надополниме“,

смета Снежана Трифунова – ученичка во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

„Ова може да ни помогне да покажеме што мислат младите во Македонија, како размислуваат, што мислат тие, што се нивните идеи. Мислам дека ова е баш тој момент каде што можеме да го покажеме нашето знаење и нашето мислење можеме да го претставиме пред Европскиот парламент и пред многу други држави“,

вели Александар Јанев – ученик во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

„Ова е и една голема задача што ја имаме ние како ученици затоа што треба да влеземе во кожата на европскиот пратеник и како ние би го бранеле нашиот став и би ја бранеле нашата држава. Ние, сепак, не сме земја членка на Европската Унија, но кога еден ден би биле, како би изгледало тоа да ја застапуваме нашата држава таму во Стразбур.“

360: Дали во иднина имаш амбиција и се гледаш како европратеничка?

„Па, зошто да не. Тоа секогаш би било многу добро искуство“,

вели Љупка Јорданова – ученичка во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Според професорот Михајлов, овие млади луѓе имаат капацитет да покажат дека се подготвени земјава да ја приближат до Европската Унија.

„Нивниот успех и нивното соодветно претставување аргументи и ставови се надевам ќе даде до знаење и на самите одлучувачи, центри на моќ во Европската Унија, дека овде постојат квалитетни, млади генерации кои со сигурност ќе ги донесат тие идни реформи, а сè во насока да станеме што е можно поскоро членка на Европската Унија“,

смета Михајлов.

Стразбур – француски град на границата со Германија. Се смета за еден од главните градови на обединета Европа. Првата дестинација за младите европратеници беше постојаната мисија на земјава во Советот на Европа.

Таму ги пречека македонската амбасадорка Светлана Гелева која ги запозна со начинот и целта на фунционирањето на оваа европска институција и зошто е важна од аспект на европските интеграции на Северна Македонија. 

Светлана Гелева – амбасадорка, постојан претставник на Северна Македонија во Советот на Европа

„Советот на Европа е исклучително важен како прв чекор за пристапување во Европската Унија. Стандардите што ги утврдува Советот на Европа, од кои ние стануваме дел и треба да ги почитуваме, се многу важни при оценката на нашите перформанси, односно одредени прашања во сферата на демократијата, човекови права и владеење на правото за Европската Унија“,

рече Светлана Гелева – амбасадорка, постојан претставник на Северна Македонија во Советот на Европа.

Пред клучниот настан, групата имаше можност да ужива во една од најголемите туристички атракции во Стразбур – пловење по каналите со кои е опкружен Гранде Ил или големиот остров на Стразбур на кој има многу фасцинантни историски градби.

Пловејќи стигнавме и до објектите на Европскиот парламент – една од главните институции на Европската Унија. Следниот ден младите европарламентарци тука ги очекуваше спротивставување на аргументите за важни европски теми.

Македонското знаме не е на јарболите, но сепак се развиори пред Европскиот парламент. Средношколци од вкупно 24 земји за кратко ги исполнија ходниците на европската институција.

Македонските ученици пред Европскиот парламент во Стразбур

Северна Македонија и Босна и Херцеговина се единствените земји што учествуваа на годинешната „Еуроскола“, а не се членки на Европската Унија. Средношколците од двете земји, овде во Европскиот парламент, имаа можност на еден ден да бидат европратеници заедно со стотици нивни врсници од земјите членки.

Поточно, во 705 столчиња наменети за толку европратеници, седнаа вкупно 676 средниошколци кои ја симулираа нивната позиција.  

Мануела Рењо – проект-координатор на „Еуроскола“

„Ние веруваме дека ова влијае на иднината на Европската Унија. Некогаш веројатно ќе ја имаме и Северна Македонија како дел од Европската Унија, но мораме да почнеме да ги едуцираме луѓето и тоа што порано“,

вели Мануела Рењо – проект-координатор на „Еуроскола“.

На почетокот видеообраќање имаше претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола. Следуваше сесија со прашања и одговори на заменик-претседателката Никола Бер во која најактивни беа токму младите европарламентарци од Македонија.

Обраќањето на потпретседателката на Европскиот парламент, Никола Бер

„Здраво. Јас сум Лина и доаѓам од Северна Македонија. Како прво, би сакала да ви се заблагодарам што ни овозможивте да бидеме овде. Моето прашање до вас г-ѓо заменик-претседателке е – дали верувате дека европските избори се добра можност за младите да ја обликуваат европската иднина?“, праша една од средношколките од Македонија.

„Да, многу одлучно – да“, одговори Бер.  

„Многу е убаво организирана самата активност. Многу добар проект со кој им се овозможува на младите да учествуваат во него затоа што ние мислиме дека знаеме како се донесуваат законите, како работат политичарите, а всушнист кога треба да се ставиме во чевлите на еден политичар е малку поразлично“,

смета Љупка Јорданова – ученичка во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Потоа – прашања и одговори со експертката за енергетска и климатска политика, Алејда Хернандес Лавиадес.

„Здраво. Јас сум Ана од Северна Македонија. Моето прашање е како Европската Унија планира да го балансира индустрискиот раст со еколошката одржливот и климатските цели?“, праша друга ученичка.

„Тоа е токму она што се обидуваме да го направиме“, одговори Хернандес Лавиадес.

Што најмногу ќе паметат учениците од овој настан?

„Па, дефинитивно, мислам дека можеби јавниот говор, говорот во кој имавме можност самите да го искажеме нашето мислење и да поставиме прашања, целата таа еуфорија, самата дискусија за тие теми, гласањето исто така, можноста да гласаме, имавме чувство како да сме пратеници“,

рече Снежана Трифунова – ученичка во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Попладнето се одржа дебата со симулација на работата на европратениците со фокус на темата – климатски промени. Потоа, интерактивна работилница и дебата на која се зборуваше за родовата еднаквост.

„Се смета за нормално дека жените треба да направат повеќе, но не се гледа како доволно добро во споредба со она што би го направиле мажите.“

„Би можеле да ја унапредиме родовата еднаквост со менување или запирање на некои идеи кои сè уште се во свеста на луѓето, посебно кај постарите генерации.“

рекоа во своите обраќања дел од учениците од други земји.

Учениците велат дека настанот им е од голема полза за личниот развој.

„Дефинитивно би рекол подобри комуникациски вештини. Кога бевме поделени секој во своја партија дефинитивно мораше да се запознаваме и со други ученици од други држави. Мислам дека тоа многу придонесе за моите комуникациски вештини“,

вели Александар Јанев – ученик во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Професорот Михајлов смета дека „Еуроскола“ придонесе учениците да ги сфатат придобивките од членство во ЕУ.

„Мислам дека ова ќе придонесе за продлабочување на интересот на нашите граѓани, меѓу кои и младите како што се нашите средношколци, да го сватат интересот дека Македонија е потребно да стане членка на Европската Унија. Мислам дека овие генерации ќе добијат квалитет и компетенции да работат во прилог на убрзување на тој процес со цел Македонија навистина да го фати рокот до 2030 година да стане членка на Европската Унија“,

вели Александар Михајлов – професор во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Додека траеја сесиите за учениците, професорите учествуваа во квиз со прашања за функционирањето на Европската Унија. Тимот на професорот Михајлов беше најдобар, а тој и неговите две колешки беа наградени со медал на Европскиот парламент.

Професорот Михајлов на доделувањето на медалите

„Чувството беше прекрасно затоа што е неочекувано. Концептот дека ќе добиете награда… Овој настан е сепак е за учениците. А на некој чуден начин – сатисфакција и круна на сето работење и истражување овие неколку месеци за и околу проектот така што – лична сатисфакција и за наставникот кој е прегорд на неговите ученици, а и стамиот си доби спомен и добро сеќавање од целиот настан“,

вели Михајлов.

Ова беше одличен крај на посетата на Европскиот паламент во Стразбур која младите европратеници ќе ја паметат цел живот. А зошто на некој од нив ова да не му стане и професија еден ден?

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Како Западот ја изгуби трката за артилериски гранати

Следно

Полицијата трага по 14-годишно девојче кое тргнало кон училиште, по што и се губи секаква трага

Latest from Blog