Испитувања за длабочината на микропукнатините во бетонот и за температурата што стигнала до каблите не се направени, а според мене тоа се клучните работи кои мора да бидат извршени, вели деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски за опожарениот мост „Беласица“
Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, укажува дека е неопходна темелна истрага за опожарениот скопски мост „Беласица,“ за да се осигура безбедноста, пред евентуално да се пушти за сообраќај. Тој ги покани медиумите во име на општествената одговорност за стручно мислење, и кажа дека не сака да влегува во конфронтации со експертите ангажирани од Град Скопје. Сепак, изрази сомнеж дали на мостот се направени сите потребни испитувања.
Марковски методологија за утврдување на состојбата ја нарече „Битката за Беласица“, а ја направил со помош на неговите колеги. Вели дека не сака да тврди оти мостот има сериозни оштетување, туку дека се неопходни детални анализи.
Утрото по пожарот, професорите добиле информација дека огнот траел 4 часа, а бетонот на допир сè уште бил топол.
„Секоја среќа што бетонот тешко ја пренесува топлината. Да беше челичен, мостот ќе паднеше“,
кажа Марковски.
Според проектот за „Беласица“, носивоста и стабилноста се обезбедуваат преку бетонот, арматурата и затегнатите челични кабли што се протегаат по должината на мостот. Марковски кажа дека имало огромна температурна разлика на горниот и долниот дел на мостот, што ги прави внатрешните сили двапати поголеми.
Тој укажува и дека под дејство на високи температури, бетонот губи од своите карактеристики и формира микропукнатини, а арматурата пак, после ладење е можно да се деформира. Доколку до каблите за пренапрегање дојде температура од 200 степени, и тие би ја изгубиле својата функција, а за да се утврди дали до нив стигнала толкава температура, треба детална анализа – дециден е Марковски.
„Конструкцијата од претходно напрегнат бетон е многу почувствителна. Овие кабли што служат за претходно напрегање, овие сајли, имаат толку голема еластичност, да кога ќе се затекнат тие внесуваат сила на притисок во бетонот. Многу се сензитивни и затоа стравот е поголем. Каблите во бочните ребра се само на 2,3 сантиметри од површината на бетонот, тоа значи дека 200 степени стигнуваат многу брзо, доволно е да траел пожарот 1 час, за на таа длабочина да имаме скоро 300 степени. Едно ја губат јакоста, а друго е нивното издолжување од високата температура, се релаксираат и силата им опаѓа. Затоа е многу битно да се утврди дали 200 степени стигнале до каблите“,
кажа Марковски и рече дека целта му е да се поткрене нивото на претпазливост.
Деканот на Градежен посочи оти пожарот влијаел и на конструкцијата на мостот. Тој напоменува дека во времето на пожарот средното поле на мостот на пожарот се кренало нагоре.
„Тврдењата дека нема видлива деформација надолу се непоткрепени целосно затоа што таков е пожарот, таква е и конструкцијата да за 3, до 3,4 сантиметри се кренал нагоре. Е сега, кога е изгаснат пожарот колку е вратено долу, тоа е тема за детални анализи. Јас колку што знам ваква анализа не е направена… Не знам што сè е испитано, ама сигурен сум дека испитувања за длабочината на микропукнатините во бетонот и за температурата што стигнала до каблите не се извршено, а според мене тоа се клучните испитувања кои мора да бидат извршени“,
кажа професорот.
Проценките на професорот се дека мостот не смее да се пушти додека прецизно не се утврдат оштетувањата и не се санираат. Кажа дека едно се заклучоци врз база на претпоставки, а друго врз база на форензика и детални испитувања.
„Јас лично кога би вршел вакво испитување не би можел да потпишам извештај без вакви сознанија“,
порача Марковски.
Професорот неколкупати повторно дека не сака да звучи параноично, но генерално, сешто може да е случено во мостот. Оттаму и недовербата за безбедноста.
„Генерално, сешто може да е случено во мостот, и според мене од инженерски аспект треба да сме потполно сигурни каква е неговата состојба, пред да го пуштиме во употреба. Не значи дека тој ќе се урне по една недела или кога ќе се пуштат возила, може да се случи нешто по неколку години, можеби никогаш да не се случи, а да е оштетен. Меѓутоа, мораме да знаеме, тоа е она за што јас се залагам… Далеку сум од уривање на мостот, постојат методи за санација, уривање за мене не е опција“,
кажа Марковски, кој лично не е целосно сигурен за состојбата на мостот.
Пожарот на мостот „Беласица“ што ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“ избувна околу полноќ, меѓу 11 и 12 мај.
Тој е клучна артерија меѓу двата дела на Скопје што ги дели реката Вардар, но по инцидентот тој е затворен за да се истражи дали има оштетувања и дали е безбеден за користење.
Експертизата за опожарениот мост ја направи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и драфт верзијата е предадена во Град Скопје, потврди за МИА директорот на Институтот, професор Михаил Гаревски. Според Гаревски, на мостот му е потребна лесна санација.
За јавноста пак, официјалниот извештај сѐ уште не е достапен, ниту пак градоначалничката Данела Арсовска ги има соопштено најновите сознанија во врска со овој случај.
ИЗВОР: 360stepeni.mk