(ВИДЕО) На повидок нова дивоградба во контактна зона на Старата скопска чаршија

3 mins read

Огромна дивоградба никнува кај Старата скопска чаршија, а не само што нема одобрение за градба, туку нема ниту барање. Градоначалникот на Чаир вели дека е донесено решение за запирање на сите активности, но градењето на терен продолжува

Во Деталниот урбанистички план има маркичка за градба на ова место, но јамата што зјае е во многу поголем габарит од предвиденото

Во период од дваесетина дена, огромна дупка во непосредна близина на старата Скопска чаршија прво доби тампон со песок, а деновиве веќе се носи и градежен материјал. Сето ова без одобрение за градба.

„Овој објект ние го прекинавме два месеца пред да дојдете вие. Имаше пријава и ние постапивме одма, видовме дека габаритот не се совпаѓа во тие метри квадратни и одма ги прекинавме работните дејствија таму.

360°: Јас ве разбирам, меѓутоа, непосредно пред празнициве таму работеа багери повторно, а ако се погледне сликава внимателно, се става песок веќе, подлога некоја.

Тоа со инспекторатот дополнително ќе го гледам, ама јас колку што знам, колегиуми одржувам, одржувам состаноци со Секторот за урбанизам. Информациите ми се дека таму е блокирано и не се работи ништо, ако продолжиле некој вакуум, празник, кај што нема инспекторат, гледале нешто да работат или да влагаат во објектот, треба тоа да го провериме“,

вели Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир.

А токму додека снимавме со градоначалникот, во работен ден, на парцелата стигна арматура за потенцијалната градба. Во Деталниот урбанистички план има маркичка за градба на ова место, но јамата што зјае е во многу поголем габарит од предвиденото. Според податоците од Катастарот, конкретната парцела е во сопственост на Исљам З. од скопско Копаница.

„Ние сме барале инвеститорите да се појават кај нас. Мислам дека само контактирале телефонски, не дошле во општина и затоа ние будно го мониторираме тоа место, и пак велам, ве уверувам во тоа дека градежниве работи не можат да продолжат, кој и да се појави прв, мора да доаѓа во општина и да сноси одговорност и за тоа зошто е почнат тој објект на таков начин.

360°: Казни има?

Сигурно дека ќе има“,

додава Ганиу.

Висар Ганиу – градоначалник на Општина Чаир

Сè уште е свеж примерот со рушењето на дивоградбата кај „Фонтана“, за што мораше да се вклучи и Владата. Неколку метри подолу, во истиот урбан опфат „Мавровка“, се чини дека многу градби се построени во нелогичен ред. Со Деталниот урбанистички план, предвидена е улица што од булеварот води покрај плоштадот „Скендербег“ и се пробива покрај чаршијата. Улицата треба да опфати и дел од парцелата на која огромната дупка.

Но, на терен, улицата завршува после „Мавровка“ и паркингот, по што се издигаат висококатници од едната страна. Од другата страна, пак, околу и после јамата не е тешко да се забележат градби на кои не им е местото таму.

Градоначалникот Ганиу вели дека ги наследил и дека сите го искористиле законот за легализација.

„360°: Тука сте ја изгубиле битката, како општина, бидејќи сте предвиделе пат, сте предвиделе комотна позиција околу градбите, а на терен ако има толку барања за легализација тогаш никогаш нема да може да го пробиете овој пат, и никогаш оваа контактна зона на старата скопска чаршија да заличи на нешто.

Јас мислам дека не сум ја изгубил битката, бидејќи и пред новата територијална поделба, таму имаше и куќи и објекти, немаше никогаш пат. Тоа значи тој пат е булевар и треба да го реализира Град Скопје.

360°: Ќе може?

Со експропријација може сè.

360°: Би требало да се срушат неколку градби, ама тоа се хотел, зграда не знам уште што…

Да,  ама според Генералниот урбанистички план тоа е улица и кога-тогаш треба да се реализира.

360°: Вие сте подготвен доколку треба да рушите? А треба.

Да, треба. Пак ви велам, таму кога ќе одиме да рушиме треба да направиме и експропријација – експропријација е луѓево да ги обештетите и тука не е проблем“,

уверува Ганиу.

Вакви примери на урбано дивеење има низ цела држава, но специфичната тежина на овој потег е во тоа што граничи со една од најголемите знаменитости на градот, Старата чаршија. Поради тоа ингеренции имаат повеќе институции, меѓу кои, и Управата за заштита на културното наследство.

„За цела таа целина, која е многу поширока, настрана објектите кои се сами по себе културно наследство, сите други спаѓаат под конзерваторски услови. За сите работи во Чаршијата, најпрво треба да стигнат во Конзерваторски центар, тие даваат услови, па целокупната документација ја праќаат кај нас. Ние гледаме дали е законски се ок или доколку треба инспекција да се прати, праќаме на увид – казнуваме и тоа е тоа“,

вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ариан Асланај.

Во последните четири години Управата за заштита на културното наследство спровела 30 инспекции на терен и сите резултирале со парични казни.

„Казните се многу благи понекогаш, дури не би сакал и да ги кажам, да не ги охрабрам луѓето за да не земат некоја инцијатива која е прекршочна по закон“,

додава тој.

Ариан Асланај – директор на Управа за заштита на културното наследство

Во моментов, Управата работи по пријава и за парцелата на која „зјае“ огромната дупка, но детали за случајот нема.

Минатата недела низ Чаршијата со полициска придружба помина и Државниот градежен инспекторат, но и оттаму велат дека сè уште не им е готов извештајот. Останува дадениот збор.

„Значи едно квадратно метро не сум дозволил во Општина Чаир некој да узурпира“,

уверува градоначалникот Ганиу.

„Чаршијата е на државата, не е на сопствениците таму. Уништуваме културно наследство од голема значајност, замислете да го има ова некој европски град што ќе беше, каква атракција ќе беше“,

додава Асланај од Управата за заштита на културното наследство.

Тоа што е скопска, се чини дека е најголемата казна за Старата чаршија, иако е заштитена со закон.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

„СÈ СЕКАДЕ ОДЕДНАШ“ ЈА ПРЕДВОДИ ОСКАРОВСКАТА ТРКА СО 11 НОМИНАЦИИ

Следно

Град Скопје достави препораки до општините

Latest from Blog