(ВИДЕО) На Курто Дудуш му никна дивоградба и пред општина, тој е рамнодушен

6 mins read

Дивоградбите се нормална појава во мојата општина, вели градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, и додава – откако ќе се донесат деталните урбанистички планови, тогаш ќе почне спроведување на закон

Неговиот политички ривал, Ферат Асан од СДСМ, обвинува дека лично Дудуш стои зад дивоградбите на неколку локации

Во Шуто Оризари е раздвижено и на дожд. Населбата и истоимена општина изобилува и со оригинални, но и веќе типични содржини за Скопје – како на пример објекти кои за државата не постојат. Еден од нив е на главна улица. Овој луксузен објект на повеќе нивоа, „никнал“ на државен простор без одобрение за градба. Капијата е отворена, а низ неа се влегува – не во двор, туку на јавно игралиште – со реквизити за рекреација на најмладите.

Дивоградбата е на државно земјиште – дел е од спортско рекреативниот центар во Шуто Оризари. Интересно е што на само неколку чекори од неа, се наоѓа општинската зграда.

Според податоците од Катастарот, на овој потег во Шуто Оризари од поодамна се легализирани повеќе објекти. Но, најновиот и најголем меѓу нив – не фигурира никаде. Поголем дел од жителите се резервирани во одговорот на прашањето кој се дрзнал овде да гради на диво.

360°: Дали знаете чија е оваа градба?

Не знам, немаме појма. Во Шутка се прави се што сакате, кој како сака“,

„Не знам ја ништо“,

360°: Дали знаете чија е оваа градба?

 Се знае чија е.

 360°: Чија е?

Треба да кажете вие“,

велат жителите кои ги анкетиравме.

Но, кандидатот за градоначалник на СДСМ на претходните локални избори, бизнисменот Ферат Асан, нема дилема чие е зданието.

Ферат Асан

„Имаше реакции кога неколку месеци, два или три месеци, кога беше невремето во Скопје и дел од кровот којшто е лимен кров, летнаа лимени табли и погодија некои од куќиве и знам дека се жалеа луѓе, ми оштети прозор и така натаму. Кажуваа дека ги обештетил, лично он со свои пари – Курто Дудуш.

360°: Господине Асан, кој е вашиот мотив да зборувате за ова, дали е ова еден вид политички реваншизам кон локалната самоуправа, односно кон градоначалникот?

Апсолутно не. Кога јас можам да си купам приватно земјиште, да се испазарам, да си платам комуналии и да градам како што треба, бидејќи јас имам инвестирано во Шуто Оризари многу, тогаш би требало и он да го прави тоа, не само он, секој граѓанин.

360°: А, како сте убедени дека он гради?

Тоа е факт, јавна тајна е.

360°: Имате докази?

Апсолутно.

360°: Какви докази имате?

Имам луѓе кои ги знам, кои лично работат и се ангажирани – мајстори од Шутка.

360°: Тоа го пријавивте во институциите?

Да, пријавив дека тој и тој човек ми има кажано дека е ангажиран тука и дека работи и дека му дал пари. Освен тоа, компанијата која го изведува ова се фали на Фејсбук дека работи на фасадата. Прашајте ги нив кој им дал пари, кој ги платил“,

вели Ферат Асан, жител на Шуто Оризари и член на СДСМ.

Фирмата што ја фасадирала дивоградбата се пофалила на Фејсбук, без да прецизира на кој објект и на која локација работела

На фејсбук-страница на посочената фирма за фасадирање и молерај, месецов навистина е објавена фотографија од фасадерските работи на дивоградбата во  Шутка – без дополнителни детали за кој објект станува збор и за која локација. Па, се јавивме во компанијата и прашавме – кој ги ангажирал за работа на конкретниот објект. Одговор не добивме.

За првиот човек на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, очекувано е да се гради на диво. Вели – Општината не носела детални урбанистички планови, па досега немала основа да издава одобренија за градба.

„Дивоградбите се нормална појава во мојата општина“,

вели градоначалникот Курто Дудуш.

Курто Дудуш

Тој тврди дека темели за дивоградбата спроти општината памети од 2013. Но, историскиот преглед на сателитски фотографии на локацијата покажува дека не е во право. Се до лани, на тоа место имало дел од мал парк и неколку дрва. Објектот се појавува на снимките дури во 2023 година.

360°:  Кој гради на диво пред ваши очи, на узурпирано државно земјиште, спроти општината, на неколку метри од вашата канцеларија?

Еве ќе ве информирам дека во Шуто Оризари 90 посто од земјиштето е државно.

360°: Зборуваме за конкретнава градба, знаете ли кој гради?

Не знам кој гради, меѓутоа еве, ви кажувам, дека сите градби кои се реализирле од 96 наваму се изградени на државно земјиште.

360°: Градоначалник, како може да не знаете, буквално пред очи ви никнува огромна дивоградба, спроти општината, спроти вашата канцеларија. Не се заинтересиравте да прашате?

Па и да се интересираш – кој ќе ти каже?

360°: Имате механизми, веројатно имате инспекторат, има надлежна полиција, обвинителство…

Ќе ви дадам и документација дека имаме побарано од сите градски општини во Град Скопје меѓуопштинска соработка, да ни обезбедат нивни градежен инспектор, каде сите не одбија.

360°: А во полиција пријавивте?

Во полиција мислам дека не пријавивме. Не таа градба ниту една градба не сме пријавиле.

360°: Конкретно за овој објект поднесено е кривична пријава директно против вас за бесправно градење. Дали сте инволвирани во градбата?

Види, јас, знам од кого и знам цело време кој ни пушта пријави. Не се кривични, ама се пријави. Обвинителство или полиција ќе одлучи дали ќе оди кривична пријава или нема да оди никаква. Меѓутоа, лошо звучи кога некој ќе каже кривична пријава против вас. Значи, ниту сум инволвиран, ниту знам кој го изградил, меѓутоа оставам на институциите да се истражат и ако има какви било сознанија за моја инволвираност тука сум.

360°: Добро, сепак, иако не го знаеме инвеститорот, е кривично дело бесправно градење бидејќи станува збор за градба во спортско рекреативен центар. Значи во дворот на игралиштето некому текнало да гради на диво.

Па, не се единствени, таму има низа на куќи кои се изградени.

360°: Многу лежерно градоначалник некако се помирувате со тоа. Нетипично за општински татко.

Види, јас ви објаснив зошто сум либерален во тој дел. Вие сфатете го или гледачите нека го сфаќаат како сакаат. Кога ќе имаме можност да издадеме градежни дозволи, да продаваме градежно земјиште, тек тогаш ќе се проведе и законот во Шуто Оризари.

360°: Во спротивно, би рушеле?

Не рушам генерално никого, како да ви кажам. Не рушам објекти“,

вели Дудуш.

Пријави против градоначалникот поднесува Ферат Асан, не само до Обвинителство, туку и до Државниот инспекторат за градежништво, Државното правобранителство и Владата. Тој не однесе на повеќе локации низ Шуто Оризари за да ни покаже дека на општината и се случува градежна експанзија на државно земјиште.

„Ова е една од дивоградбите на Курто Дудуш. Државно земјиште, како и секогаш. Каде што има државно земјиште си гради, потоа ги продава, ги користи итн. Значи атрактивни локации“,

тврди Ферат Асан.

На оваа парцела од околу 2 000 квадрати, според евиденцијата во Катастарот, носители на право на сопственост се Република Северна Македонија со околу 550 квадрати и физичко лице со 1 500 квадратни метри. Објект не е евидентиран во Катастарот.

Заедно со Ферат Асан стигнавме и до центарот на Шутка.

„Тука беше ‘Стара Ванила’, Жито Лукс, бурекџилница, одамна можеби пет децении. Од неодамна е срушено и на ова место никна оваа зграда“,

објаснуваше Асан.

Ова парче земја, според Катастарот, има повеќе сопственици. Но, на конкретната локација, се уште не е впишана и градба.

Градоначалникот не негира дека станува збор за дивоградби, но повторно не гледа ништо спорно.

Значи, ако прошетаме сега низ Шутка со камера, еве јас ќе дојдам со вас ќе видите изградени такви многу објекти. Затоа ви кажав, објекти се градат, меѓутоа, не се тоа станбени објекти од типот на 50-100 стана, индивидуални куќи се градат и тие се за потребите на граѓаните.

360°: Ова е една индивидуална куќа. Ќе се согласите дека не е мала градба.

Добро, добро. Меѓутоа не е, не е, не знам, таа куќа е изградена не знам кога, колку години стои тука.

360°: Личи како тазе градба. Ова е втората лоакција.

Ама има такви куп. Не знам, тој што ве однесе на тие локации, требаше да ве однесе и кај него, да видите и тој дел, да покаже што он работел во претходните години и колку куќи и земјиште он продал, да видите тие дивоградби какви сте.

360°: Значи вака буквално пред камери, пред јавност, си признавате еден на друг дека во Шуто Оризари кој што сака си прави.

Па не баш кој што сака, види, како да ви кажам, јас сам сум против тоа, да наречам социјална категорија на луѓе. И сега некој ако успее да изгради спрат за да неговите деца имаат нормални услови за живеење, а ние како општина немаме услови да му дадеме дозвола, треба да го спречиме? Од хуманитарен аспект сега?

360°: Ако некој дојде и ви изгради дивоградби во вашиот двор дома, бидејќи нема услови во Шуто Оризари и нема детални урбанистички планови. И тоа ќе го прифатите?

Ама различно е сега, како сега правите компарација да дојде некој во мојот двор да изгради.

360°: Правам компарација бидејќи сте градоначалник и со општината, претпоставувам, би требало домаќински да управувате.

Јас мислам дека нема подомаќин градоначалник од мене во изминатите години овде“,

тврди Дудуш.

Тој вели дека два блоковски детални урбанистички планс досега се донесени и во Шуто Оризари за првпат е издадена градежна дозвола, а речиси сите градски четврти се при крај. Дали е задоцнето урбанистичкото планирање, вели зависело и од претходниците.

„Откако ќе донесеме детални урбанистички планови, откако ќе можеме да понудиме можности на граѓаните да градат тек тогаш ќе спроведеме и закон“,

вели Дудуш.

Но, се чини дека спроведувањето на законот во Шуто Оризари можеби ќе почне и порано отколку што планира градоначалникот Курто Дудуш. Од Државното правобранителство, за „360 степени“, ни одговорија дека за пријавите кои стигнале до нив веќе ја алармирале самата општина, полицијата и Обвинителството.

Од Јавното обвинителството ни потврдија дека повеќе пријави стигнале до нив и дека отвориле предистражна постапка. Велат дека издале наредби – МВР да направи проверки, а преземаат и други дејствија… Додека институциите проверуваат, една од дивоградбите, онаа спроти канцеларијата на градоначалникот Курто Дудуш го доби својот финален изглед.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Спасовски за МИА: Ова раководство е решено да расчисти до крај со криминалните структури кои 30 години се создавале

Следно

Комуникациите и интернетот во Газа и понатаму во прекин

Latest from Blog