(ВИДЕО) Мост „Беласица“: Кога и експертите ќе стивнат

5 mins read

Дури и авторот на анализата за оштетувањата на мостот „Беласица“ по пожарот во месец мај, Михаил Гаревски, не сакаше јавно да говори дали се согласува со тоа што делумно е пуштен сообраќајот по мостот иако не е спроведена реконструкција

За потсетување, дури и проектантот на мостот, Вукан Њагуљ, порача дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки

Пред пет месеци голем пожар направи оштетувања на мостот „Беласица“, една од главните сообраќајни, но и топловодни артерии кои ги спојуваат двата брега на Скопје преку Вардар. Надлежните најмија приватна фирма која направи проценка на штетата и најавија санација. На крај, без да се удри ниту шајка, на почетокот на септември мостот беше пуштен во употреба за лесни возила, во крајните две ленти.

Денес мостот за чија стабилност јавноста има оскудни информации, е во иста состојба. Одозгора сообраќајот се одвива по една лента во двете насоки, но поради гужвата мостот често е оптоварен со возила. Дел од возачите имаат доза скепса, па и доза на страв, за одлуката – да се пушти сообраќајот без да се санира мостот.

Малку е, затоа што е оштетен, така кажуваат стручњаците дека не е во ред, не е како што беше пред пожарот“,

Не дека ми е страв ама имало проблем, така да не мислам дека би се решил само така, пошто ние не видовме дека се работи на проблемот. Мислам дека не е безбедно, врвиме ама не е безбедно“,

велат граѓаните со кои поразговаравме.

Други, пак, немаат проблем што минуваат по мостот.

Секој ден поминуваме од тука, нема никакви потреси, али ипак оставам на стручњаците да одлучат“.

Па ја да ти кажам, прв пат поминувам, не осетив ништо“.

Би требало стручњаците и експертите да кажат дека е безбедно и да може слободно да се поминува, немам страв јас, не“,

велат дел од граѓаните.

Извештајот за состојбата во која се наоѓа мостот „Беласица“ е готов уште од крајот на јуни. По барање на Град Скопје, кој е надлежен за мостот, го изработи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Додека се правеше извештајот, директорот на фирмата, професорот во пензија Михаил Гаревски, јавно сподели првична оценка дека оштетувањата се мали и дека ќе биде доволна само мала санација.

Но, во исто време, тврдеше дека извештајот не може целосно да ги даде одговорите за состојбата на мостот, се додека не се отстранат опожарените цевки под него.

„Значи, пуштањето на мостот и крајната визуелна инспекција на централниот дел може само да се направи кога ќе стане достапен тој централен дел, а тоа значи кога овие вагонетки ќе се оспособат да се движат, така да и ние ќе можеме да пристапиме таму, а они мора да ги оспособат за да ги тргнат цевките. А и санацијата не може да се направи ако не се тргнат цевките“,

рече Гаревски во јуни годинава.

Гаревски го достави целосниот извештај до Градот Скопје само две недели по оваа изјава, иако цевките не беа отстранети. Документот не беше објавен во јавноста. Сега повторно го побаравме Гаревски за да го прашаме – дали се согласува со делумното пуштање на мостот, со оглед дека не е направена никаква санација. Не прифати да говори јавно со образложение дека изјави за мостот треба да даваат официјални лица од Град Скопје.

Пред да се обрати до фирмата на Гаревски, Град Скопје покажа интерес анализата да ја прави Градежниот факултет во Скопје. Тие имаа многу попретпазлив став.

„Пуштањето на мостот во сообраќај на две, една или половина лента го зголемува ризикот. Дали е некој подготвен да потпише дека мостот е безбеден за по него да се одвива сообраќај без притоа прецизно да се утврди она што мора да се утврди во овој случај, тоа е веќе работа на личен став и однос кон струката, знаењето, па и морален и етички однос кон граѓаните“,

рече професорот Марковски.

Сега и деканот на Градежниот факултет не сака да говори на темата. Вели – се што имал да каже – кажал. Се обративме и до кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која неколкупати кажа дека мостот е безбеден и дека е потребна санација само од „козметички“ карактер. Не добивме одговор на поставените прашања.

Одоздола мостот Беласица служи како клучна артерија за транспорт на топла вода од електраната ТЕ-ТО за потребите на скопското парно. ТЕ-ТО работи на гас и произведува и струја, па произведената топла вода е поевтина од онаа во топланите. 

Пожарот сериозно ги оштети топловодни цевки под мостот. Тие беа отстранети дури на почетокот на месецов. Постапката доцнеше бидејќи надлежната за парното, ЕСМ – снабдување со топлина, не можеше да се разбере со надлежниот за мостот, Град Скопје, кој од кого треба да бара дозвола за замена на топловодот.

Од ЕСМ велат дека поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и дека ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. А додека траат активностите за поставувањето на новите цевки ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачи“,

Фактот што цевките се уште не се поставени, а и дека тоа е комплексна активност според најавите од ЕСМ, го отвори прашањето – дали доцнењето ќе удри врз џебот на граѓаните кои се греат на парно? Дали е тоа причината што се уште не е објавена новата цена за парното?  

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, уверува дека кога ќе се прават калкулациите за цените, ќе се смета дека цевките работат, дури и тоа да не биде случај.

Значи, они го направиле-не го направиле, ние во калкулациите ќе сметаме дека 60-70% се добива топлина од Те-то по цена која е далеку пониска од цената на топланите и на тој начин граѓаните нема да бидат оштетени. Значи, тие нека си рачунаат како сакаат, нашите пресметки ќе бидат такви. Ако даваат повеќе топлина од топланите, тоа ќе оди на нивна штета“,

кажа Бислимовски.

Бислимовски вели дека ако ги зголемат цените, можно е граѓаните да почнат да се исклучуваат од мрежата. Тоа, пак, дополнително ќе направи проблем во системот за топлинска и електрична енергија.

Ќе имаме проблеми со исклучување од една страна. Од друга, тие што би се исклучиле би користеле електирчна енергија. Деловите на Скопје каде што има организиран систем за топлинска енергија, за парно, во делот на електричната енергија, трафостаниците си се со капацитет дека ќе нема греење“,

вели Бислимовски.

Марко Бислимовски – претседател на РКЕ

Дополнително, вели тој, топлина преку железничкиот мост може да се спроведува, но овој цевковод е стар и со далеку помал капацитет од оној кај „Беласица“, што не е решение за долг рок бидејќи на овој начин се добива помалку топлинска енергија од Те-То. Пред пет месеци, голем пожар направи оштетувања на мостот „Беласица“, една од главните сообраќајни, но и топловодни артерии кои ги спојуваат двата брега на Скопје преку Вардар. Ниту се ставени нови цевки, ниту некој кажува дали тоа дополнително ќе го оптовари мостот, ниту кои се точно препораките во извештајот.

Останува да се верува на зборот на градоначалничката Данела Арсовска – дека мостот е во добра состојба и дека единствената потребна санација ќе ја направи ЕСМ.

„Предуслов за да можат да се постават тие топловодни цевки е истото место каде што треба да се постават да биде санирано. Невозможно е да има безбедно поставување доколку тоа што било поставено не е санирано. Тоа е, повторувам уште еднаш, само козметичка корекција којашто мора да се направи, не влијае ниту на безбедноста, ниту на сигурноста на инсталацијата којашто ја имаме таму, ниту на самиот мост“,

изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Наместо правда, застарени случаи – Твитер: „Бројчаникот врти колку ќе му платиме на Мијалков“

Следно

Изет Меџити: Артан Груби, дали ти пропадна уште еден обид да го вратиш Груевски?

Latest from Blog