Под слоганот „Овој криминал никогаш нема да го заборавиме“ илјадници граѓани денеска протестираа во центарот на Атина на годишнината од железничката несреќа кај Темпи со 57 жртви, чии имиња со црвена боја беа испишани пред грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестот, на кој според проценките на полицијата присуствуваа над 20.000 лица, заврши со мали инциденти, кога непознати лица фрлија неколку молотови коктели кон зградата на Парламентот и полицајците, кои одговорија со шок бомби.

Демонстрантите порачаа дека жртвите од железничката несреќа не смеат да се заборават, криминалот да не се прикрие и одговорните да ја сносат вината.

И покрај тоа што јавниот превоз речиси и да не функционира денеска во Атина, со оглед на тоа што таксистите, метрото и трамвајот штрајкуваат, а автобусите и тролејбусите имаат неколкучасовен прекини во работното време, сепак протестот беше масовен, со граѓани од сите возрасти.

Меѓу присутните беа и дел од семејствата на загинатите, едниот го загубил синот, другиот неговата мајка. И двајцата за медиумите истакнаа дека бараат правда и казни.

-Правда за нас ќе има кога ќе видиме дека одговорните ќе бидат казнети, кога ќе видиме некој од политичарите да биде казнет. Колку и да е потребно ќе се бориме за правдата да излезе на виделина и секојдневно сме сè повеќе, се гледа и денеска од народот што излезе на протестот. Ова ни дава голема сила, рече Христофорос Константинидис кој во железничката несреќа ја загуби мајката.

Павлос Асланидис е татко на 27-годишен, еден од загинатите, во изјавата за медиумите не ги криеше не само неговата тага и очај, туку и неговиот бес по трагичната смрт на неговиот син.

-Знаете што добивме од синот по несреќата? Добивме затворен ковчег со пепел и еден лист хартија на кој пишуваше дека бил јагленосан. Вагоните веднаш по несреќата ги собраа. По десет месеци, ангажиравме специјален тим со кучиња и најдоа ДНК и ја најдоа црната кутија, рече Асланидис, покажувајќи и фотографии од независната и приватна истрага што ја спровела експертскиот тим.

За денешниот протест рече дека „денеска сме тука за да им се заблагодариме на граѓаните што се собраа за нашите деца, но и да им се заблагодариме на нашите деца кои се на небото и ни даваат сила да продолжиме“.

-Она што бараме е да се укине пратеничкиот имунитет и правдата да биде независна. Ова го бараме, за да ги спасиме следните жртви, бидејќи сигурно ќе има други, истакна Асланидис.

Денешниот протест беше организиран во рамките на 24-часовниот штрајк на Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција на годишнината од железничката несреќа кај месноста Темпи во која животот го загубија 57 лица.

Штрајкот го поддржаа и низа федерации, помали синдикати, здруженија и сл., но и новинарите кои имаа четиричасовен прекин на работата од 12 до 16 часот. /МИА