(ВИДЕО) Како функционираат општинските совети принудени да бидат подемократски од просекот на кој сме навикнати

5 mins read

Собранието треба да е контролор на Владата, а општинските совети – на градоначалникот. Тоа е суштината на повеќепартискиот изборен модел кој земјава го практикува повеќе од три децении. Но, во практика, сведочиме на спротивното. Штом бидат избрани, партиските и директивите од извршните органи ја убиваат речиси секоја можност за демократска контрола од претставниците во парламентите на централно или локално ниво изгласани директно од граѓаните

Сепак, распоредот на мандати во некои општински совети е таков што ниту една партиска или граѓанска листа нема јасно мнозинство. Сторијата што ја донесуваме е од Битола и Неготино

Кога ќе се отворат вратите на Советите во некои од македонските општини, од салите одекнуваат различни еха, со политички ноти кои ја доловуваат непредвидливата политичка мелодија.

Такви се Неготино и Битола – локални самоуправи во кои не постои стабилно мнозинство во општинскиот парламент. Според самите советници, тоа е и најдобриот формат во кој демократски можат да дејствуваат.

Леон Ристов е советник во Неготино од редовите на партијата Левица. Помеѓу седум советници од СДСМ и коалицијата и седум советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Ристов е 15-от глас кој ја има одлучувачката моќ. Вели, затоа е мета на двете страни.

„Јас при одлуките за тоа како треба да гласам, секогаш се водам од општиот интерес и се трудам да ја пратам максимално идеолошката линија на Левица и оние спинови кои излеваат дека поддржувам одлуки на други партии, тоа се едноставно спинови излезени од партиските кујни на ДПМНЕ и СДСМ кога треба да си го набилдаат рејтингот, но тоа апсолутно не е така. Ја би рекол дека повеќе веруваат да дознаат каков ќе биде мојот глас пред да се гласа. Веројатно се спремаат тие да се прилагодат на таквиот глас“,

вели советникот Ристов.

Леон Ристов, советник во О.Неготино од Левица

Кога разговарате со координаторите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, се добива впечаток дека немаат забелешки за дејствувањата на колегата од Левица. Напротив, велат има добри иницијативи за општината, кои најчесто ги прифаќаат. Но, Ристов прстот го вперува во актуелниот градоначалник Горан Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ.

„При гласањето, барем на моите иницијативи, најчесто едногласно поминуваат. После проблемот е кај извршната власт, односно градоначалникот и неговата администрација која или многу бавно или воопшто не ги спроведуваат“,

дополнува советникот од Левица.

Користејќи се со опозициски речник, препознатлив во јавниот дискурс, координаторот на советничката група на СДСМ, Александар Павлов, вели градоначалникот Стојанов нема реализирано ниту еден голем проект ветен во предизборната кампања. Според него, прошетка низ Неготино ја потврдува оваа теза – и плоштадот и пазарот во градот не се чепнати. Но, за работата на Советот, има пофални зборови.

Александар Павлов, советник во О.Неготино од СДСМ

„Соработката меѓу нас советниците, од сите структури, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица е добра. Во однос на клучните проекти, развојни програми, не сме направиле опструкција. Ги поддржавме. И Левица ги поддржа бидејќи сметаме дека градот треба да оди напред. Ние го сакаме развојот на градот. Ние живееме овде. Меѓутоа, од другата страна, нема фидбек на сета наша поддршка.

360°: Ви ги отфрлаат на седница? -Ги прифаќаат, меѓутоа нема реализација“,

вели координаторот на советничката група на СДСМ.

Александар Гичовски e координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Популарен помеѓу помладата генерација како професор по македонски јазик во единствената гимназија во Неготино. Дури и колегите советници од другите партии го опишуваат како бунтовен, дека знае да не се согласи со градоначалникот Стојанов иако доаѓаат од иста партија.

„Понекогаш да, треба да се реагира во однос на можностите и за тоа што сме предвиделе, до каде сме и што треба да направиме да ги исполниме очекувањата на граѓаните. Бидејќи многу од граѓаните очекуваат позитивни промени во денешниот состав во Советот“,

изјави советникот Гичовски.

Александар Гичовски, советник во О.Неготино од ВМРО ДПМНЕ

Сепак, како член на партија која ја држи локалната власт, не се согласува со неефикасноста на Горан Стојанов. Проблемот за нереализираните проекти го лоцира во централната власт.

„Реализирајќи ги овие проекти, навистина наидуваме на низа препреки коишто можеби се субјективни, но повеќето се објективни, мислам на релација општинска-централна власт“,

дополнува координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Советниците, вели Гичовски, за проекти кои се од локално значење, како ангажирање кадар во градинките или поставување урбана опрема или цевководи, се сложни и даваат согласност.

За мнозинство во битолскиот совет се потребни 16 советници.

Претседателката на Советот доаѓа токму од Поинаку. Поддржана за диригентската палка во Советот од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а коректор на идеите на локалната владејачка партија заедно со СДСМ и Левица.

„Никогаш сме немале подемократско расположение во Битола. Зошто? Бидејќи никој не е комфорен и не може да има едноумие. Се слушаат сите страни, се дава простор на сите. Крајната цел на овој Совет можеби е и постигната бидејќи од она искуство што го имам наназад, можам да кажам дека никогаш не се носеле толку одлуки едногласно“,

изјави претседателката на Советот во Битола.

Габриела Илиевска, претседателка на Совет на О.Битола од Поинаку

Тогаш, прашањето е како се формира мнозинство и кој управува со него?

„Никој нема мнозинство. А тоа што мене ми дале поддршка колегите од ВМРО ДПМНЕ е поради тоа што не можеа да изгласаат нивни кандидат. Бидејќи ставот на Поинаку беше дека нема да гласаме за партиски предлог. И тука беше нашиот краен збор. Зошто претседател на Совет? Затоа што на тој начин имаме најмногу увид за она што се случува во Општината“,

потенцира Илиевска.

Дека никој нема мнозинство се согласува и Методија Илиевски, советник од редовите на СДСМ и коалицијата. Работејќи веќе трет мандат во општината, вели дека секоја одлука се мери во еден глас плус или еден глас минус за да биде изгласана или не.

Методија Илиевски, советник во О.Битола од СДСМ

„Можам да кажам дека за прв пат имаме Совет во кој неизвесностите траат до самиот крај и дека за секоја одлука се преиспитуваме сите ние како треба да гласаме. Тоа е многу добро затоа што Битола почнува да добива вистински проекти кои не се нарачани ниту од една ниту од друга политичка партија, туку едноставно се следат потребите на граѓаните и се слуша пулсот на градот“,

вели советникот Илиевски.

Сличен впечаток се добива и од разговорот со координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Бојан Бојкоски, но со една важна забелешка. Потврдува дека многу одлуки се носат едногласно, но се сомнева дека годинава профункционирала тивка коалиција помеѓу оние што, всушност, не се согласуваат со ВМРО ДПМНЕ – Поинаку, Левица и СДСМ.

„Има одлуки кои се гласани едногласно меѓутоа од пред пет-шест месеци имаме политичко недоразбирање од страна на советничките групи на СДСМ, Левица и Поинаку. Во моментов стабилно мнозинство од 16 советници ниту една советничка група нема. Се функционира од седница до седница во однос на точките коишто се предложени. И во голем дел точките кои се од клучно значење за градот, каде што ќе се види некаков напредок, имаме класично кочење и инает на советничките групи кои ги споменав“,

потенцира координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Бојан Бојкоски, советник во О.Битола од ВМРО ДПМНЕ

Но, токму проектите за кои говори Бојкоски, според претседателката на Советот, или се недоработени или се дел од партискиот интерес на градоначалникот, бидејќи, вели таа, донесени се многу одлуки со партиципација на ВМРО ДПМНЕ, кои градоначалникот Тони Коњановски не ги спроведува.

„Проблемите доаѓаат од извршната власт, а не од Советот. Ние имаме одлуки кои се гласани едногласно со поддршка од ВМРО ДПМНЕ. Замислете која иронија е кога имате одлуки изгласани од советниците на ВМРО ДПМНЕ меѓутоа не ја спроведува нивниот градоначалник“,

вели Илиевска од Поинаку.

Една од таквите одлуки е за изградба на прифатилиште за бездомните животни. Проект одобрен од целиот состав на Советот, а за кој нема ниту најава за градба.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Сончево и потопло со мала локална облачност

Следно

Jaвното обвинителство веднаш да почне истрага за случајот „Диво месо“

Latest from Blog