Трагите на можните нови сопственици на „Жан Митрев“ водат во Тирана

5 mins read

Во документите од холандската Стопанска комора КВК, што ги обезбеди „360 степени“, лицата што ги наведоа од „Жан Митрев“ не фигурираат како официјални застапници на холандскиот фонд „Балкан Алајнс Хелткер“ – холдинг кој планира да купи мозински дел од приватната болница во Скопје. Од март годинава како овластено фигурира друго лице – жена, која инаку е главна оперативна директорка во „Американ хоспитал“ во Тирана

За коментар на околноста што имињата кои тие ги наведоа не фигурираат како овластени лица туку сега има друг застапник, се обративме и во клиниката „Жан Митрев“ од каде велат дека со претставниците на „Балкан Алајанс Хелткер“ преговарале и договарале уште во 2019 година. Статусните промени во холандскиот фонд, велат, се исклучиво во домент на таа компанија

Во периодот кога се прават промените во холандската фирма, во Албанија одекна веста дека бизнисменот Клодијан Алајбеу купува мнозински дел во оваа компанија која инаку е единствен акционер во „Американ хоспитал“ во Тирана, каде токму Алајбеју долги години е извршен директор

Клодијан Алајбеу во регионот има бизниси и во медиумската индустрија, а истото име од пред околу една година во земјава фигурира како сопственик на една компанија, додека претходно во краток период во 2018 година се јавува како управител на друга фирма

Холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер“ („Balkan Alliance Healthcare“) планира да купи мнозински удел во приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје – е веста што денеска е една од главните во домашните медиуми.

Станува збор за холандски фонд кој е регистриран со седиште во Амстердам и во моментов тече 10-дневниот рок во кој Комисијата за заштита од конкуренцијата на 15 јуни годинава ги повикала заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за потенцијалните нови сопственици на приватната болница.

Од „Жан Митрев“, пак, преку соопштение денеска објавија дека се во финални преговори за стратешко партнерство со „Балкан Алајанс Хелткер“ и оти тоа ќе значи прераснување на клиниката во регионален медицински центар. За потенцијалниот нов сопственик – холандскиот фонд наведоа дека е предводен од истакнатите бизнисмени Дејвид Лајл Метјусон и Андреј Кристијан Крикливи.

„Balkan Alliance Healthcare е формиран во 2006 г. од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови како Southeast Europe Equity Fund II (SEEF II) менаџиран од SEAF – Small Enterprise Assistance Funds. Предводен е од David Lyle Mathewson и Andrei Christian Krikliwy кои се истакнати бизнисмени во делот на инвестициите во здравствениот сектор, телекомуникации, медиуми и финансии услуги“,

пишува во соопштението што клиниката го објави на официјалната веб-страница.

Холандските документи различни од соопштението на „Жан Митрев“

Меѓутоа, проверката што ја направи „360 степени“ во документите на Стопанската комора (КВК) на Холандија, која располага со податоци од националниот деловен регистар, покажува дека овие лица не фигурираат како овластени.

Во еден од документите што ги обезбедивме од КВК е наведено дека лицето Дејвид Лајл Метјусон (заедно со уште две други лица) не е на функцијата во „Балкан Алајанс Хелткер“ од 24 март 2023 година.

Во уште еден од документите од Трговскиот регистар на Холандија достапен преку КВК е наведено дека од истиот датум – 24 март 2023 година, како единствено овластено лице фигурира Онејда Имерај.

За коментар на околноста што имињата кои тие ги наведоа не фигурираат како овластени лица туку сега има друг застапник, се обративме и во клиниката „Жан Митрев“ од каде велат дека со претставниците на „Балкан Алајанс Хелткер“ преговарале и договарале уште во 2019 година. Статусните промени во холандскиот фонд, велат, се исклучиво во домент на таа компанија.

„Клиниката ’Жан Митрев‘ води разговори за можни стратешки партнерства повеќе од 5 години. Конкретно, со групацијата ’Балкан Алајанс Хелткеар – БАХ‘ наши претставници разговараат во континуитет од 2019 година, период во кој е преговарано и договарано со претставници од оваа компанија. Статусните промени во БАХ се исклучиво во доменот на нашиот иден стратешки партнер.

Би сакале да потенцираме дека развојните планови на д-р Жан Митрев за болницата се јасни и се насочени кон развој и нејзино унапредување, како во стручна, така и во организациона смисла. Земајќи го предвид портфолиото на ‘БАХ’, очекуваме дека овие цели, по формалното пристапување на нашиот нов стратешки партнер, ќе станат реалност“,

велат од Клиниката за „360 степени“.

Инаку, токму промената на овластеното лице во холандскиот фонд, е една од трагите што води кон Тирана. Кратко пребарување на името на Онејда Имерај покажува дека таа е главна оперативна директорка на „Американ хоспитал“ во главниот град на Албанија. Овој податок стои и на профилот на Имерај на социјалната мрежа за бизнис поврзување „Линкдин“ каде таа навела дека е главен оперативен директор од јуни 2016 година, функција на која била и девет месеци во 2014 година.

Директорот на тиранската болница стои и зад холандскиот фонд?

Сопственик на „Американ хоспитал“ во Тирана, пак, е „Балкан Алајанс Хелткер“, потенцијалниот мнозински сопственик во „Жан Митрев“, а кој стои зад холандскиот фонд е прашање кое албанските медиуми го покренаа пред неколку месеци.

Периодот кога во холандскиот регистар во март годинава се прави промената на овластените лица на фондот со назначувањето на Онејда Имерај, коинцидира со написите на албанските медиуми дека контроверзниот бизнисмен Клодијан Алајбеу станува мнозински сопственик на „Балакан Алајнс Хелткер“.

Принтскрин / „Американ хоспитал“ Тирана

Алајбеу повеќе години е извршен директор на тиранската „Американ хоспитал“, а тамошните медиуми објавија дека тој сега и официјално станува сопственик со купување на мнозински удел во холандскиот фонд.

Со наслов „Маневрите на Алајбеу / Ја купува сопствената „Американ хоспитал“ за 24 милиони евра, треба ли да се отвори истрага за перење пари?!“, на 29 март годинава „Вокс њуз“ објави напис дека тој преку фирмата „КА Хелкер“ за оваа сума ќе купи 86,3 отсто удел во холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер“ која пак е единствен акционер во „Американ хоспитал“ во Тирана.

Принтскрин / „Вокс њуз“

Албанските медиуми наведуваат и дека планот е дел од купувањето да се финансира со заем со унгарската банка ОТП и нејзината подружница во Албанија во износ од 16 милиони евра.

„Американ хоспитал“ е само една од истиот синџир приватни здравствени установи кои вршат дејност во соседството. Уште во 2011, како што потсетуваат албанските медиуми, болницата отвори своја поддружница во Косово, а во 2018 се проширува и со тоа што ја купува поддржуницата на грчката болница „Хигеја“ во Албанија.

Етикентиран како „ѓуленист“

Принтскрин / „Вокс њуз“

Алајбеу е бизнисмен кој е активен во повеќе индустрии, а во албанската јавност ја носи и етикетата на „ѓуленист“ – приврзаник на Фетулах Ѓулен, турскиот автор и предводник на истоименото движење кое власта на Реџеп Таип Ердоган го прогласи за терористичка организација.

Во октомври 2022 година, медиумите во Тирана пишуваа за нови маневри на Алајбеу, но во медиумскиот бизнис. „Вокс њуз“ тогаш пишуваше дека тој е сопственик на „Еј-би-си менаџмент“ компанија која ја поседуваше телевизијата „Еј би си њуз“, но телевизијата била продадена на „Деволи груп“ од Косово бидејќи Алајбеу решил да „излезе“ од бизнисот.

„За да избегне војна со владата, олигархот Клодијан Алајбеу започна со маневри да ги напушта бизнисите што ги има во Албанија бидејќи неговото име се наоѓа на списокот на лица ѓуленисти кои Ердоган побара да бидат на удар од Албанија“,

пишува „Вокс њуз“ во октомври 2022 година.

Покрај телевизијата во Албанија, компанијата „Еј-би-си менаџмент“ во сопственост на Алајбеу, наведува медиумот во истиот напис, ги поседува и телевизијата Т7 и „Газета експрес“ во Косово.

Алајбеу има фирми и во Македонија

Албанија и Косово не се единствените земји од регионот каде свои бизниси има Клодијан Алајбеу. Ова име, според податоците од Централниот регистар, фигурира како сопственик на фирма и во Северна Македонија.

Станува збор за фирмата „Каизен Консалтинг“ ДООЕЛ Скопје основана на 13 април 2017 година со основна главнина од 5 000 евра. Тој во моментов се води како единствен сопственик, додека овластено лице е наведено Нијази Исмаил.

Алајбеу е запишан како сопственик од 19 мај 2022 година, додека претходно како сопственик се водел сега овластениот Исмаил.

Друштвото за консултатнски услуги „Каизен Консалтинг“ ДООЕЛ Скопје, пак, се води како единствен сопственик на фирмата „Блек рок инвестмент“ ДООЕЛ Скопје која е основана на 23 февруари 2021 година со основна главнина од исто така 5 000 евра. Како управител во оваа фирма, пак, е наведено лицето Мирко Самоилоски.

Клодиан Алајбеу во 2018 година се јавува и како овластено лице на фирмата „Анамарк МК“, но на позицијата бил помалку од два месеци – од 26 април 2018 до 4 јуни 2018 година.

Сопственик во оваа фирма е „Анамрк“ ДОО, а како управител се јавува повторно името Нијази Исмаил.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Нил Фолберг: Во фотографиите од „Огледало во Македонија“ се пронајдов себеси

Следно

Франција и Италија ќе продолжат со воената поддршка за Украина, изјавија Макрон и Мелони

Latest from Blog