Украина, одбранбената подготвеност и состојбата на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Европската Унија, со кое ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Советот ќе започне со состанок на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, на кој ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
На почетокот на Советот за надворешни работи на ниво на министри за одбрана, тие ќе имаат неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Рустем Умеров.
По ова министрите ќе разговараат за воената поддршка на ЕУ за Украина и за опциите за можен придонес на Унијата кон безбедносните гаранции за Украина.
Се очекува Калас да информира и за напредокот во врска со спроведувањето на нејзината иницијатива за засилена воена поддршка за Украина, која има за цел да се обезбедат два милиони парчиња муниција за украинските вооружени сили во текот на 2025 година, врз основа на доброволен придонес на државите членки.
Калас, исто така, треба да го информира Советот и за користењето на втората транша од профитот од замрзнатите руски средства преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ).
По ова, министрите ќе се осврнат на спроведувањето на Белата книга за европска одбрана „Подготвеност 2030“ и на Планот на ЕК за реворужување на Европа. Се очекува да се разговара и за зголемување на приоритетните одбранбени капацитети, за имплементацијата на конкретни заеднички проекти во сферата на одбраната и за начините за најдобро искористување инструментите на ЕУ за зајакнување на одбранбената подготвеност.
Одбранбената подготвеност на ЕУ ќе биде тема и на работниот ручек на министрите за одбрана со Управниот одбор на Европската одбранбена агенција (ЕДА).
Во попладневните часови Советот за надворешни работи ќе продолжи со состанок на ниво на шефови на дипломатиите, кои ќе имаат неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, кој ќе ги информира за најновите дипломатски мировни напори, за резултатите од преговорите меѓу Украина и Русија одржани во четвртокот во Турција, како и за ситуацијата на теренот и приоритетите на Киев.
Надоврзувајќи се на дискусиите од неформалните министерски состаноц во Варшава од 7 и 8 мај и во Лавов на 9 мај годинава, шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ ќе разговараат и за можностите на Унијата да придонесе за постигнување на итен, целосен и безусловен прекин на огнот во Украина и за зајакнување на европската поддршка за земјата.
Се очекува министрите да ги реафирмираат ставовите дека не може да се преговора за Украина без Украина и не може да се водат преговори што влијаат врз европската безбедност без вклучување на ЕУ, дека секое примирје или прекин на огнот треба да биде дел од процесот кон постигнување сеопфатен мировен договор, дека секој таков договор треба да дава силни и веродостојни безбедносни гаранции за Украина и дека мора да се почитуваат украинската независност, суверенитет и територијален интегритет.
По ова министрите ќе разговараат за најновите случувања на Блискиот Исток, со посебен осврт на случувањата во Сирија.
Во услови на интензивирање на израелските воени операции во Газа и натамошно блокирање на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот, се очекува Калас да побара од министрите да утврдат насоки за понатамошно дејствување на ЕУ и за подготовката на Конференцијата на ОН за решавање на конфликтот на Блискиот Исток според „моделот на две држави“, што треба да се одржи во јуни во Њујорк.
Предвидено е Калас да се осврне и на дополнителните рестриктивни мерки против Хамас и против екстремистичките еврејски доселеници на Западниот Брег.
Во однос на Сирија, пак, Калас ќе информира за неодамнешното избувнување на нов бран насилства во земјата и за потребата преодните сириски власти да ја гарантираат безбедноста и да го заштитат населението.
Потоа Советот ќе разговара и за понатамошно суспендирање на санкциите кон Сирија и за прашањето за камповите на групата Исламска држава во североисточниот дел на земјата.
Се очекува Советот да го усвои и 17-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија поради воената агресија врз Украина, како и да донесе нов пакет санкции за поврзани со руските хибридни активности. Дополнително, се очекува министрите да воведат дополнителни санкции поврзани со ширењето и употребата на хемиско оружје и со кршењето на човековите права во Русија, како и да усвојат заклучоци за Јемен.
Пред почетокот на Советот ќе се одржи неформален појадок во организација на Калас, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб, по повод Четвртиот Европски хуманитарен форум, што се одржува вчера и денеска.
Денешниот Совет се организира во пресрет на утрешниот Трет министерски состанок меѓу на ЕУ и Африканската Унија.
Извор: 24vesti.mk