„Со Србија сакаме да ги продлабочиме односите во областа на одбранбената индустрија“

2 mins read

БЕЛГРАД (АА)

– Бедрудин Брљавац

Амбасадорот на Република Туркије во Србија, Хами Аксој, изјави дека односите меѓу Туркије и Србија во моментов се на највисоко ниво во историјата, јавува Анадолу.

„Нашите односи на политички, економски, културен план и во други области се многу интензивни и силни. Ова дополнително е продлабочено во правна смисла бидејќи го формиравме Високиот совет за соработка со Србија. Минатата година се одржа третиот состанок на Советот. Следната година, со учество на нашиот претседател, е четвртиот состанок. Во изминатите пет години на овие состаноци беа потпишани 26 договори со Србија“, рече амбасадорот Аксој во интервју за Анадолу.

Тој потсети дека и тие редовно вршат меѓусебни посети на високо ниво, а последна ваква посета на Србија остварил турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер во октомври годинава.

„Со Србија сакаме дополнително да ги продлабочиме односите во областа на одбранбената индустрија“, рече Аксој.

– Три дипломатски претставништва

Тој посочи дека дипломатските претставништва отворени во земјава во последните две години се важен показател за односите со Србија.

„Во 2021 година во Нови Пазар отворивме Генерален конзулат. Туркије е прва земја што во Нови Пазар отвори Генерален конзулат. Потоа отворивме Конзулат во Ниш. Со ова бројот на нашите претставништва во Србија, заедно со Амбасадата во Белград, се зголеми на три“, рече турскиот амбасадор.

Тој особено ги пофали економските и трговските односи меѓу двете земји, истакнувајќи ја соработката во повеќе области.

„Минатата година обемот на нашата трговска размена урна рекорд со износ од 2,35 милијарди долари. Годинава се трудиме да го задржиме тоа ниво. Турските инвестиции во Србија во последните десет години се зголемени од еден милион долари на 400 милиони долари. Ова е навистина огромен раст. Покрај тоа, тука имаме голем број фабрики, особено во областа на текстилната индустрија, автомобилската индустрија, подиндустријата и други области“, рече Аксој.

Тој потсети дека турските инвеститори се вклучени и во големи инфраструктурни проекти во Србија, меѓу кои и компанијата „Тасјапи Иншаат“, која е изведувач на делницата на автопатот Сараево-Белград.

„Србија минува низ сериозен процес на развој и привлекува многу странски инвестиции. Минатата година реализираше 4,4 милијарди евра странски инвестиции“, рече Аксој и додаде:

„Наша цел е уште повеќе турски бизнисмени да дојдат овде и да инвестираат заедно со српските бизнисмени, но и да ги поттикнеме инвеститорите од Србија да инвестираат во Туркије“, рече Аксој.

– Соработка во областа на туризмот

Аксој особено го истакна значењето на билатералната соработка во областа на туризмот и меѓусебните туристички посети.

„Овој вид посета особено помага во однос на запознавањето на луѓето, како и на имиџот на државата. Минатата година беше соборен рекорд кога околу 360.000 граѓани на Србија ја посетија Туркије. Зголемен е интересот и на турските граѓани, па во првите девет месеци оваа година Србија ја посетиле околу 170.000 граѓани на Туркије“, рече амбасадорот.

„Уште еден показател за нивото на односите меѓу двете земји е бројот на летови меѓу Белград и Истанбул“, потсети Аксој, додавајќи дека „Туркиш ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Пегасус“ имаат по неколку летови секоја недела. Дополнително, „Ер Србија“ има летови од Краљево и Ниш до Истанбул. Во 2021 година е воспоставен директен лет меѓу Белград и Анкара, а оваа одинава „Анадолу Џет“ и „Ер Србија“ воспоставија директен лет до Измир.

Амбасадорот Аксој истакна и дека српските граѓани се многу заинтересирани за турските ТВ-серии.

„Речиси во секој дом се гледаат турски серии. Ова ја прави Туркије уште попривлечна тука. Поради овие серии, особено помладите граѓани на Србија го учат турскиот јазик. Оваа димензија на меѓучовечки односи можеби е поважна од сите други димензии“, рече Аксој.

На крајот тој се осврна и на прашањето за мигрантите од Туркије што се обидуваат преку Србија да стигнат до Европската Унија, појаснувајќи дека тие веќе одржале средба со лидерите на Министерството за внатрешни работи на Србија и дека двете страни постигнале договор за формирање работна група што би се занимавала со прашањето за нелегалната миграција и борбата против шверцувањето мигранти.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Претходно

Шилегов: Арсовска на Скопје и скопјани секојдневно им ја докажува својата неспособност

Следно

Целосно реконструиран кровот и внатрешноста на објектот “Пинокио“, клон на градинката “Корчагин“

Latest from Blog