Скопска врска во продажбата на „Жан Митрев“

June 21, 2023
6 mins read

Сопствеништвото на фирма вклучена во јавно-приватно партнерство за стерилизација во македонското здравство завршува на иста адреса во Амстердам на која е регистиран и холандскиот фонд „Балкан Алајнс Хелткер“ кој сака да ја купи болницата „Жан Митрев“

На прашањата на „360 степени“, од болницата „Жан Митрев“ вчера соопштија дека преговарале за влез на холандскиот партнер уште од 2019 година. На нашата забелешка дека раководните лица на заинтересираниот фонд сега се други, а не тие кои ги спомена „Жан Митрев“ во своето првично соопштение, од приватната болница одговорија дека статусните промени кај потенцијалниот партнер не се во нивна надлежност

Приватната болница „Жан Митрев“ е во финални преговори со холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер“, кој сака да купи мнозински удел во клиниката во Скопје, а трагите од испреплетената сопственичка структура на холандската фирма, како што вчера објави „360 степени“, водат до Тирана, каде холдингот од Холандија ја поседува приватната „Американска болница“. Но, дали во случајот има и скопска врска, ако се погледнат трагите на сопственоста на фирма од Скопје која е дел од бизнисот за стерилизација на клиниките и хируршките болници во земјава?

Станува збор за компанијата „Скопстер“, која по распишан тендер од Владата во 2019 година, влезе во јавно-приватно партнерство за „интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции“. За формирање на оваа фирма во земјава се здружија повеќе странски компании, а сопственичката структура на една од нив, регистрирана во Албанија, води до истата адреса во Амстердам, Холандија, на која е регистриран и холандскиот фонд што преговара да ја купи „Жан Митрев“.

Ова е една од точките што од Амстердам преку Тирана води до Скопје.

Како се доаѓа до иста адреса во Амстердам?

Компанијата „Скопстер“ кој го доби јавно-приватното партнерство во земјава, како што пишува и во описот на официјалната веб-страница на фирмата, претставува заедничко вложување на компаниите „Сервици Италија“, „Евита“ и „Делта Фарма“. Тое се совпаѓа со податоците достапни во Централниот регистар. Првата фирма, како што покажува и името, е италијанска, додека другите две се од Албанија.

Според веб-страницата opencorporates.al – платформа која обединува податоци за корпорациите во Албанија (ажурирани на 30 јануари 2023 г.), мнозински сопственик, со 72,5 отсто во фирмата „Евита“ (една од сопственичките на „Скопстер“), е компанијата „Аримо“.

Извор: www.opencorporates.al

„Аримо“ е холандска фирма, која е регистрирана на 17 јуни 2015 г., со основачки капитал од 1 евро. Според податоците од националниот трговски регистар со кој располага холандската Стопанска комора (КВК), адресата на оваа фирма e на улица „Стравинскилан“ број 1431 или, како што е наведено во оригинал во документите: Strawinskylaan 1431, 1077XX Amsterdam.

На истата адреса во Холандија е регистриран не само „Балкан Алајанс Хелтекер“, холандскиот фонд кој преговара за купување на мнозински удел во „Жан Митрев“, туку и фирмата сопственик на фондот – „КА Хелткер“, чиј единствен акционер до мај годинава бил Клодиан Алајбеу.

Дали има и каква е поврзаноста на „Скопстер“ со евентуалното купување на приватната болница во Скопје, но и со каков статус во моментов е договорот за стерилизација во рамки на јавно-приватното партнерство, се прашањата кои „360 степени“ електронски ги упати до скопската фирма, но до моментот на објавување на текстот не добивме одговор.

За „Скопстер“ изминативе неколку години повремено се појавуваа медиумски написи кои беа поврзани со јавно-приватното партнерство за стерилизација во рамки на кое е предвидено да има „четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација“ на територијата на цела држава. Еден од нив треба да биде во Скопје за што се пренаменува дел од објектот на „Мајчин дом“ во Аеродром.

„Во објектот ‘Мајчин дом’, лоциран во скопската општина Аеродром, за реализација на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, доделен е дел од објектот потребен за функционирање и реализација на ‘договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции’. Согласно овој договор, ‘Скопстер’ како приватен партнер има обврска за проектирање, изведба и ставање во употреба на потребни единици за непречено функционирање на јавно-приватното партнерство. Во моментот се вршат активности за оспособување на делот од објектот ‘Мајчин дом’, кој е доделен за оваа намена“,

рекоа од „Скопстер“ за државната агенција МИА во февруари годинава.

Братучетка на Алајбеу била газдарица на една од фирмите сопственички на „Скопстер“

Името Клодијан Алајбеу ѝ е добро познато на албанската јавност. Станува збор за бизнисмен кој долги години е извршен директор на „Американ хоспитал“ во Тирана, а се јавува и во сопственичката структура на холандскиот фонд кој планира да влезе и на нашиот пазар преку „Жан Митрев“.

„360 степени“ вчера пренесе дека во март годинава, албанскиот медиум „Вокс њуз“ објави текст со наслов „Маневрите на Алајбеу / Ја купува сопствената ‘Американ хоспитал’ за 24 милиони евра, треба ли да се отвори истрага за перење пари?!“, каде се наведува дека Алајбеу преку фирмата „КА хелткер“ за оваа сума ќе купи 86,3 отсто удел во холандскиот фонд „Балкан алајанс хелткер“ која пак е единствен акционер во тиранската „Американ хоспитал“.

Принтскрин / „Вокс њуз“

Според податоците на холандскиот регистар, во сопственичката структура на „КА хелткер“ (фирмата што се наоѓа на иста адреса во Амстердам со компанијата „Аримо“ која ја поседува „Евита“ – една од основачите на „Скопстер“), како што веќе објавивме погоре, се појавува Алајбеу како единствен акционер, но од пред помалку од два месеца (9 мај 2023 г.) тој формално излегува, и сопствеништвото и управувањето ги предава на компанија чија сопственост не е јавно достапна. Интересно е дека и таа компанија е регистрирана на истатата адреса во Амстердам.

Купопродажбата на уделите во холандските фирми, а со тоа и во „Американ хоспитал“, не е единствениот контроверзен момент за кој пишувале медиумите во Албанија.

Алајбеу индиректно го поврзуваат и со фирмата „Евита“. Податоците од opencoroporate.al откриваат дека една од поранешните сопственици на „Евита“ (една од основачите на „Скопстер“) била Мајлинда Фетиу и тоа како единствена акционерка. Фетиу, како што објавила албанската редакција на БИРН, му е прва братучетка на Алајбеу.

Управителот во „Скопстер“ е овластено лице и во фирмата на Алајбеу во Македонија

Алајбеу, како што објавивме вчера, според податоците од Центарлниот регистар, се води како единствен сопственик на фирмата „Каизен консалтинг“ ДООЕЛ Скопје основана на 13 април 2017 година.

Како овластено лице на фирмата е наведено името Нијази Исмаил. Алајбеу е запишан како сопственик на оваа фирма од 19 мај 2022 година, додека претходно како сопственик се водел сегашниот управител Исмаил.

Ова лице во моментов е управител и на фирмата „Скопстер“ – партнерот во јавно-приватното партнерство за стерилизација.

„360 степени“ се обиде да стапи во контат со Исмаил, но на телефонските броеви кои ги обезбедивме не беше достапен.

Алајбеу и Исмаил во земјава имале заедничка поврзаност и со друга фирма – „Анамарк МК“. Албанскиот бизнисмен во 2018 година се јавува како овластено лице на фирмата „Анамарк МК“, но на позицијата бил помалку од два месеци – од 26 април 2018 до 4 јуни 2018 година. Сопственик во оваа фирма е „Анамарк“ ДОО, а како управител во неа се јавува повторно Нијази Исмаил.

Жан Митрев објави дека е во финални преговори, но преговарал и договарал во 2019 година

Веста дека холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер“ планира да купи мнозински удел во приватната болница „Жан Митрев“, вчера првично излезе во јавноста преку објавените известувања на веб-страницата на Комисијата за заштита од конкуренцијата, а потоа објава стигна и од клиниката.

Во соопштението што го испратија оттаму, наведоа дека се во финални преговори.

„Клиниката ’Жан Митрев‘ е во финални преговори за стратешко партнерство со Холандскиот фонд ’Балкан Алајнс Хелткер‘. Преговорите се однесуваат за влез на Фондот како партнер во Клиниката што ќе овозможи оваа врвна здравствена установа да ги проширува своите дејности и да ги подигне уште на повисоко ниво стандардите во медицината во Македонија“,

гласеше првиот дел од соопштението.

„360 степени“ потоа се обрати до Клиниката и побара коментар на околноста за која пишувавме односно за тоа што имињата кои тие ги наведоа дека го предводат фондот, не фигурираат како овластени лица, туку сега има друг застапник. Во одговорот од „Жан Митрев“ ни посочија дека тие преговарале и договарале со претставници на холандската фирма уште во 2019 година. За статусните промени, рекоа, не е нивна надлежност туку тоа си е исклучиво во доменот на идниот стратешки партнер.

„Клиниката ’Жан Митрев‘ води разговори за можни стратешки партнерства повеќе од 5 години. Конкретно, со групацијата ’Балкан Алајанс Хелткеар – БАХ‘ наши претставници разговараат во континуитет од 2019 година, период во кој е преговарано и договарано со претставници од оваа компанија. Статусните промени во БАХ се исклучиво во доменот на нашиот иден стратешки партнер.

Би сакале да потенцираме дека развојните планови на д-р Жан Митрев за болницата се јасни и се насочени кон развој и нејзино унапредување, како во стручна така и во организациска смисла. Земајќи го предвид портфолиото на ’БАХ‘, очекуваме дека овие цели, по формалното пристапување на нашиот нов стратешки партнер, ќе станат реалност“,

велат од Клиниката за „360 степени“.

Инаку, известувањето за намерата на холандскиот фонд да купи мнозински дел од клиниката, Комисијата за заштита од конкуренцијата го објави на својата веб-страница на 15 јуни годинава. Од тогаш тече и 10-дневниот рок во кој се повикуваат трети страни да достават забелешки и коментари за стратешкото партнерство во најава.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Зеленски вели дека контраофанзивата оди побавно од посакуваното, Путин повторно најави распоредување ракети „Сармат“

Следно

(ВИДЕО) Силна експлозија во Париз, седуммина се тешко повредени

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси
Go toTop