Се избира техничка влада, Џафери вети одговорност и транспарентност

3 mins read

Преодната влада ќе биде одговорна, транспарента и нема да дозволи да се наруши изборниот процес, вети мандатарот Талат Џафери пред пратениците на денешната собраниска седница, додека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека нема да гласа за оваа влада и за Џафери како технички премиер.

На денешната собраниска седница треба да се избере преодна(техничка) влада на Северна Македонија со мандат од 100 дена и со задача да ги спроведе претседателските избори на 24 април и парламентарните избори на 8 мај, на фер и демократски начин, преку учество на министри и дополнителни заменици – министри од опозицијата во клучни ресори.

Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржани. Во салата имаше регистрирано 108 пратеници.

Образложувајќи ја програмата за работа на Владата, Џафери рече дека нема да се менува зацртаната политика како на внатрешен, така и на надворешен план. Тој зборуваше малку на албански, малку на македонски јазик.

„За мене како мандатар нема разлика дали станува збор за еден или за 100 дена, за техничка или преодна влада, јас оваа доверба, чест и над се, одговорност, ќе ѝ пристапам онака како што сум постапувал во секој предизвик што се појавувал во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и одговорна институција за граѓаните, со јасни надлежности дефинирани во Уставот“, рече Џафери во обраќањето пред пратениците.

Тој најави дека ќе се залага за спроведување на економските, здравствени, образовавни и социјални потреби на граѓаните и за економски раст. Кажа дека ќе има отворен дијалог со политичките партии, институциите и граѓаните, како и транспарентност во работата.

Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, повтори дека неговата партија нема да гласа за оваа влада затоа што смета дека премиерското место не треба да го заземе партија со помал број пратеници и партија која се поврзува со висок криминал и корупција.

„Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Ниту оној што стана од фотелјата, ниту оној што ќе седне немаат искрени чувства кон Македонија и затоа исто како и КОвачевски, најлошиот премиер досега, не очекувајте ниту од Талат Џафери да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава“, рече Милошоски.

Тој обвини дека СДСМ е претворена во „приврзок на ДУИ“ и дека „СДСМ, ЛДП и НСДП, заради коруптивни побуди, денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“.

„СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија понижувачка ДУИ-зација на државата, ставајќи го на чело на државата, Талат, другарот на Рамиз Мерко и Пуцко Петрол – познатите европејци во Македонија“, додаде Милошоски.

Доколку Собранието ја изгласа техничката влада, тоа ќе биде првпат на чело на Владата да застане премиер – Албанец.

Прв заменик – премиер, според договорот меѓу владејачките СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања. Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овие места ги предложи Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ. Митко Бојмацалиев, шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Во министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.

За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Освен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поддршка нема и од коалицијата која ја сочинуваат партиите „БЕСА“, „Алтернатива“ и „Демократско движење“ бидејќи нивен претставник сè уште не е избран во Државната изборна Комисија (ДИК).

Поради тоа, шестмината пратеници од коалицијата ја бојкотираат работата на Собранието.

Техничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по тие на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година. Тогаш беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјава.

Првата ваква влада во 2016, кога власта ја имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, беше избрана без поддршка од тогаш опозицискиот СДСМ.

Џафери и министрите во неговата влада, ќе останат на функција до формирањето на новата, по изборите на 8 мај. Мандатот на дополнителните заменици-министри, пак, ќе заврши порано односно со објавувањето на конечните резултати од изборите.

На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.

Ова ќе бидат 11- ти парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Палестинска организација тврди: Рапидно зголемена поддршката за Хамас на Западниот брег

Следно

Каевски: СДСМ ќе гласа за техничката Влада

Latest from Blog