Претседателот на Народното собрание на Бугарија во работна посета на Северна Македонија

1 min read

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, беше домаќин на неговиот бугарски колега, Росен Желјасков, кој престојува во работна посета на Скопје, јавува Анадолу.

По билатералниот состанок, Џафери и Желјасков одржаа заедничка прес-конференција на која тие ги нагласија заложбите за промовирање позитивна атмосфера за градење на меѓусебна доверба.

Џафери во својот говор рече дека ова е негова трета средба со Желјасков, додавајќи дека ова е и можност да се испрати порака за поголема севкупна соработка и добрососедски односи.

„Во однос на парламентарната соработка, разговаравме со претседателот Желјасков за преземање на конкретни чекори за соработка помеѓу двата законодавни дома на сите нивоа, со теми од заемен интерес, но се разбира, со фокус на нашиот приоритетен интерес, а тоа е соработката во однос на европските прашања“, рече Џафери.

Тој изјави дека на состанокот го информирал својот колега дека земјата е во процес на промена на Уставот, за што е потребно обезбедување на 2/3 мнозинство.

Желјасков во својот говор им се заблагодари на пратениците во Собранието на Северна Македонија за „јасно изразениот став“ за зачленување на земјата во Европската Унија.

Тој исто така го поздрави мнозинството на пратениците кои се за промена на Уставот, притоа упати надеж дека „разумот ќе надвладее“ за да се обезбеди и потребното 2/3 мнозинство.

Желјасков ја изрази бугарската поддршка за зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи: „Во оваа смисла, минатата година бугарското Собрание на категоричен начин, преку декларација, го прифати францускиот предлог, кој некој би го нарекол историски компромис. Знам дека нашите две држави прават неопходен компромис. Но, тој компромис е во името на нашите народи.“

Тој истакна дека за Бугарија е исклучително важно Северна Македонија и Албанија заедно да одат по европскиот пат.

Желјасков исто така рече дека на состанокот се зборувало и за градење на доверба, која, според него, би требало да му се спротивстави на јазикот на омраза.

„Гаранција за тоа“, додаде тој, „е активно придржување кон правата на бугарската заедница, чиј дел се и уставните измени.“

Според одобрената преговарачка рамка, Северна Македонија мора да усвои уставни измени за интеграција во Европската Унија (ЕУ), според кои, неколку малцинства, вклучително и бугарското малцинство, мора да бидат вклучени во Уставот.

Со одобрувањето на преговарачката рамка во јули минатата година, на Северна Македонија ѝ беше отворена вратата за полноправно членство во ЕУ, бидејќи тоа претходно беше спречено од Бугарија, земја членка на ЕУ.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Претходно

Хамас планирал и втор напад на 7 октомври

Следно

Здравствените власти во Газа го негираат контактот со Израел за евакуација на бебињата од болницата Ал-Шифа

Latest from Blog