МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА СОБИРА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ДА ПОЧНЕ РЕНОВИРАЊЕТО НА ШАЛТЕР-САЛАТА ВО ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ

December 29, 2024
3 mins read

Министерството за култура и туризам ги собира потребните документи за да почне конзервацијата и реставрацијата на Шалтер-салата на зградата на Централната пошта во Скопје и да биде адаптирана во мултифункционален простор. Министерот за култура Зоран Љутков на 2 октомври најави дека зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021 се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата на најзагрозени споменици ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.

„Основниот проект за препокривање на Шалтер-салата веќе е изработен од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје, со чија реализација ќе се спречат натамошни оштетувања од атмосферски води. Во моментов, се чекаат имотниот лист и изводот од ДУП од АД ‘Македонски пошти’ за да може да се обезбеди конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како и одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски. Вториот проект кој треба да се изработи во 2025 година е проектот за конзерваторско-реставраторски работи на ентериерот на Шалтер-салата“, велат од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК.

На почетокот на август, тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир, пред заминување од должноста, се сретна со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговарале за реставрација на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје како објект од културно и архитектонско значење.

Основниот проект за препокривање на Шалтер-салата веќе е изработен од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје, со чија реализација ќе се спречат натамошни оштетувања од атмосферски води, вели Министерствот за култура. (Фото: СДК.МК)

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, рече Николоски по средбата.

Гир со години често апелираше до македонските политичари и институции да не дозволат да пропадне зградата на Централната пошта во Скопје.

Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

Дел од овој историски комплекс е и Телекомуникацискиот центар, но претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски објектот во кој е сместен МЕПСО го преоблече со барокна фасада. Тоа беше во рамките на озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој тогашната власт потроши над 700 милиони евра.

Во ноември 2023, Европската куќа во Скопје го одбележа 4. роденден со настан и изложба во зградата на Поштата.

„Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност, естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на Европска куќа во Скопје токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје“, рече тогаш амбасадорот Гир, потсетувајќи ги гостите на листата на Европа Ностра и Европската инвестициска банка.

На 4. роденден на Европска куќа говореше и тогашната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која не искоментира ништо за неговите забелешки, туку се заблагодари на амбасадорот Гир и кажа дека „Оваа значајна пригода, на Европска куќа од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура“.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Почина Јагнула Куновска, истакната правничка и политичарка

Следно

Ефтимов: Членовите на Судски совет прават параван зад кој се затскриваат многу други постапки, секој еден поединец во правосудните органи е подложен на одговорност

Latest from Blog

Проданоски: Детските насмевки се најголемата победа на велосипедската трка

Над 200 деца учествуваа на „Ептен мини детската велосипедска трка“, која денеска се одржа на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп. Најмладите велосипедисти возеа со поддршка од родителите и најблиските, проследени со аплаузи

Општина Битола: Училиштата добиваат обновени терени, продолжува изградбата на спортските сали

Изградбата и реконструкцијата на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали ја одбележуваат годинава во Битола, информираат од Општината. Дел од проектите се завршени, додека останатите се во фаза на

Николоски: Околу шест милиони евра инвестираме во инфраструктурниот развој на Кичево

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оставри работна посета на општина Кичево, каде со градоначалникот Александар Јовановски изврши увид во реконструкција на улица Рудничка. Ова е проект

ИЗИР: Македонија не смее да го пропушти моментумот за одржливо искористување на минералните ресурси

Македонија не смее да го пропушти моментумот што се создава во Европа во однос на обезбедувањето критични минерални суровини и да дозволи потенцијалот на домашните наоѓалишта, меѓу кои и Иловица–Штука, да остане

Општина Битола: Градот го слави ослободувањето низ „Сите бои на сеќавањето“

Под слоганот „Сите бои на сеќавањето“, Битола го одбележува 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, со програма што ги поврзува историската меморија, културата, спортот и хуманоста. Настаните се одржуваат од 30
Go toTop