Мијалков се спаси во „Титаник 2“ – се одложи седницата во Апелација и се „запечати“ застарувањето на делото

March 30, 2023
2 mins read

Странките, констатира Апелација, не биле уредно поканети за денешната седница и затоа таа се одложи. Во судница, како што можеше да се види, од шест обвинети дојдоа само Сашо Мијалков и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими. И Ибраими рече дека не добил официјално покана, но во судот дошол бидејќи дознал за седницата по „допрен глас“

Сашо Мијалков со неговите адвокати на денешната седница во Апелација / Фото: „360 степени“

Јавната седница во Апелацискиот суд Скопје за првостепената пресуда во случајот „Титаник 2“ закажана за денеска се одложи.

Причината за одложувањето е што не беа присутни поголем дел од странките, меѓу кои и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ: Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Тие не беа присутни бидејќи, како што официјално кажаа судиите, „нема доказ дека се уредно поканети“.

Следен датум на кој треба да се одржи седницата е 13 април 2023 година.

Ваквиот развој на настаните ги „уби“ и теоретски шансите второстепениот суд да донесе одлука пред да застари делото на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, со оглед дека тој во случајот првостепено е осуден на две години затвор за примање наградата за противзаконито влијание – дело кое му застарува на 7 април.

Судијата Ѓоко Ристов, кој е претседател на судечкиот совет во Апелација, што треба да одлучува за „Титаник 2“, рече дека предметот од Вишото јавно обвинителство Скопје, каде што го пратиле за мислење по жалбите на обвинетите, го добиле назад во судот во петокот (24 март) во 14:30 часот. Како што рече, веднаш ја закажале денешната јавна седница и телефонски се обиделе да ги известат странките.

Фото: „360 степени“

Меѓутоа, денеска во судница од шест обвинети дојдоа само Сашо Мијалков и уште еден поранешен член на ДИК, Бедредин Ибраими. И Ибраими рече дека не добил официјално покана, но во судот дошол бидејќи дознал за седницата по „допрен глас“.

Покрај Ристов, дел од советот во Апелација се и Тања Милева како судија известител и уште тројца други судии членови.

Како „Титаник“ пет години не успеа да дојде до правосилна пресуда

„Титаник 2“ се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица, кои биле поднесени во ДИК. За разлика од Мијалков, другите обвинети првостепено се осудени за делото повреда на избирачкото право.

Случајот се доведе до застарување на делото за ексшефот на УБК со оглед дека судскиот процес пред Основниот кривичен суд Скопје и Апелација трае речиси пет години и не успеа да дојде до правосилна пресуда.

Судењето започна во април 2018 година, а осудителна пресуда од Кривичен беше донесена во март 2019 година. Првично, Тачи и поранешните членови на ДИК се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања и беа осудени на повисоки казни кои се движеа од 3 до 4,5 години затвор. Мијалков од почеток се гонеше за примање награда за противзаконито влијание и првично доби три години затвор.

Меѓутоа, ваквата пресуда Апелација во декември 2019 година ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Во повтореното судење, со оглед дека обвинителството направи прецизирање во делот на штетата која изнесуваше околу 400 евра, која во завршните зборови обвинителот Гаврил Бубевски ја повлече, дојде и до измена во делот на кривичното дело за Тачи и поранешните членови на ДИК – од злоупотреба на службената положба и овластување делото се преквалификува во повреда на избирачкото право.

Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуда во повтореното судење на 23 јануари годинава и на сите им одреди по двегодишни затворски казни. Судот ја изготви пресудата и ја достави до странките, по што почна да тече рокот од 15 дена за жалби.

Поради поднесените жалби од обвинетите, Кривичен го испрати предметот до Апелација која е надлежна да одлучува во втор степен, но оттаму го вратија предметот бидејќи рекоа дека првостепениот суд не го сочекал рокот од 15 дена, кој всушност почнува да тече од датумот на достава на пресудата. Со оглед дека еден од обвинетите ја примил пресудата на 2 март, Апелација констатира дека рокот за жалба истекува на 17 март.

По 17 март, Кривичен повторно го достави предметот, а Апелација побара мислење од Вишото јавно обвинителство за жалбите. Во петокот (24 март) Вишото одговорило и веднаш беше закажана денешната седница која се одложи бидејќи странките не биле уредно поканети.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Оштетата за црнците од Калифорнија би стигнала некаде до 800 милијарди долари

Следно

Претседателите на Туркије и ОАЕ разговараа за билатералните односи

Latest from Blog

ФОТО: Невеш со емотивна објава се прости од Жота – „Животот нè спои и сега ништо не може да нè раздели“

Фудбалскиот свет сè уште е во шок по трагичната смрт на ѕвездата на Ливерпул и португалски репрезентативец, Диого Жота заедно со својот брат Андре го загуби животот во сообраќајна несреќа во четвртокот

АТС АММО: Пожарот во близина на Самоков целосно локализиран и изгаснат, без опасност по фабриката

Компанијата АТС АММО од Самоков, Македонски Брод, излезе со соопштение по повод денешниот пожар што избувна во близина на нивната фабрика. Од таму информираат дека пожарот бил целосно локализиран и веднаш потоа

Високи температури утре низ државата; портокалово предупредување од УХМР

Утре (недела, 6 јули 2025) се очекува стабилно, претежно ведро време со изразен пораст на температурата и активен портокалов аларм за екстремна горештина на целата територија на Македонија. Општинските служби советуваат ограничување

Израел ќе испрати делегација во Катар на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа

Израелски медиуми објавија дека Израел ќе испрати делегација во Катар која ќе преговара за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа. Но, не е прецизирано кога израелската делегација ќе
Go toTop