Маричиќ: Продолжувањето на преговорите со ЕУ не зависи од Извештајот на ЕК, туку од уставните измени

6 mins read

Заокружувајќи го обемниот одговор на новинарските прашања, вицепремиерот за европски прашања рече дека Владата е свесна за проблемите нотирани во Извештајот на ЕК и оти не бега од нив, но дали земјава ќе оди во понапредна фаза зависи од решавањето на крупните прашања

За шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, реформите се единствениот пат до Европската Унија, но во однос на самиот процес важен е уште еден елемент – уставните измени

Продолжувањето на преговорите со Европската Унија не е врзано со најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на С Македонија, туку зависи од тоа дали ќе ги направиме уставните измени, е ставот на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција / Фото: Фејсбук (официјален профил на вицепремиерот за европски прашања)

Овој своевиден заклучок тој го кажа одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на кој тема беше Извештајот на ЕК.

Прашањето што му беше упатено на Маричиќ се однесуваше на забелешките што ги нотира ЕК, а се однесуваат на неоправданата употреба на европското знаменце при носењето закони во Собранието, проблемите во судството и каскањето во борбата против корупцијата и кој е одговорен за ваквата состојба.

Надоврзувајќи се на наративот на прашањето – дали без напредок во овие клучни столбови земјава ќе може да ги започне преговорите со ЕУ, Маричиќ им посочи на новинарите да бидат прецизни кога користат наводи од Извештајот бидејќи, како што рече, во него никаде не се споменува зборот „назадување“, а преговорите со Унијата С Македонија веќе ги има почнато на 19 јули 2022 година.

„Прашањето дали ќе ги почнеме или не преговорите е лажна дилема, ние ги почнавме преговорите, прашањето е дали ќе продолжиме понатаму. Продолжувањето понатаму не е врзано за овој Извештај, врзано е за уставните измени. Ние недостатоците од овој Извештај треба да ги ставиме и ги ставаме како листа на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од тоа дали ќе ги направиме уставните измени. Еве денес ќе го добиеме во наредниот период официјално писмото каде што ќе нè поканат да ги доставиме патоказите. Инаку, патоказите се услов за отворање на првиот Кластер“,

рече Маричиќ.

Говорејќи во таа насока, тој посочи дека „ние никогаш не сме бегале од овие проблеми, туку напротив, и пред Извештајот и сега и по Извештајот на овие теми мора да работиме“.

„Затоа ја повикавме за Судскиот совет и Европската Унија да достави информации, затоа и се бориме до ден-денес да се дозволи да има похрабри чекори во однос на судството. Јас сум бил многу пати во Брисел со барање да воспоставиме механизам за ветинг којшто го предлагавме во 2017 година. За жал, не добивме поддршка за тоа од Европската Унија“,

додаде вицепремиерот за европски прашања.

Не е должност на Владата да ги решава проблемите во кој било суд во државата

Во однос на прашањето за одговорност и во борбата против корупцијата и за кредибилитетот и интегритетот на судството, како што посочи Маричиќ, подеднакво имаат и институциите кои ја сочинуваат „третата власт“. Тој ги наведе Судскиот совет, Врховниот суд, сите надлежни судови и Антикорупциската комисија.

„Владата не може и не треба да ги решава проблемите на Судскиот совет исто како што Судскиот совет не треба и не може да ги решава проблемите на Владата. Не е должност на Владата да ги решава проблемите во кој било суд во државата. Напротив, судовите треба сами да ги решаваат своите проблеми, а Владата да овозможи рамка за нивно дејствување“,

рече Маричиќ, одговарајќи на прашањата на новинарите.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција / Фото: Фејсбук (официјален профил на Бојан Маричиќ)

Осврнувајќи се на употребата на европското знаменце, тој рече дека Владата го употребувала секогаш кога имало основи за тоа, а така било и со последните, контроверзни измени на Кривичниот законик, поради кои почнаа да застаруваат делата од случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.

„Знаете дека европското знаме секогаш се користи на предлог на Владата и се користи кога за тоа има услови и кога за тоа има основа. За Кривичниот законик, она што последно го пративме, имате неколку директиви коишто се имплементираа, има и членови на тој закон каде што не се имплементираа директиви, но повеќето членови имплементираат некоја директива. Така што секогаш кога сме го предлагале имало некаква основа за тоа“,

кажа вицепремиерот за европски прашања.

Според него, доколку се усвои новиот Деловник за работата на Собранието, кој е во процедура во Законодавниот дом, воопшто нема да има потреба од употреба на европското знаме или ќе се користи само во исклучително ретки ситуации.

„Тој деловник отстранува еден значаен инструмент, сега како што е предложен, којшто го користеше опозицијата за убивање на суштината на Собранието, а тоа е дека секој еден пратеник може да блокира било кој еден закон. Со отстранување на таа можност и со доведување во некаква нормализација на работата на Собранието, веќе нема да има потреба и ќе може европското знаме да се користи само во ретки и исклучителни ситуации кога има голем број европски стандарди коишто се имплементираат. Затоа мислам дека суштината на прашањето со европското знаме е суштинско прашање за функционалноста на Собранието. Јас искрено се надевам дека ќе се донесе новиот Деловник, бидејќи е добро за државата без разлика на политичката сцена, знаете, идејата на европското знаме е да се потврди консензусот за Европска Унија на дело“,

изјави Маричиќ.

Заокружувајќи го обемниот одговор на прашањето, тој повтори дека Владата е свесна за проблемите нотирани во Извештајот на ЕК и оти не бега од нив, но дали земјава ќе оди во понапредна фаза зависи од решавањето на крупните прашања, односно уставните измени.

„Се сеќаваме дека сме имале во минатото и полоши и подобри извештаи од овој, но и кога сме имале подобри извештаи, не сме можеле да отидеме во наредната фаза без да ги имаме крупните прашања решени. Јас ве уверувам и сигурен сум во тоа дека не постои еден проблем нотиран во овој Извештај кој ние не можеме да го решиме во текот на преговорите со Европската Унија“,

подвлече Маричиќ.

Главниот виновник може да се лоцира во онаа политичка структура што упорно ја блокира сопствената држава

Прашан за првичните реакции од владејачката СДСМ, партија од која доаѓа и тој и на министерот за надворешни работи кои ја нападнаа опозицијата во контекст на забелешките во Извештајот, вицепремиерот рече дека ако треба да определува тој кој е главниот виновник „сигурен сум дека главен виновник може да се лоцира во онаа политичка структура што упорно ја блокира сопствената држава со години“.

„Тука немам никаква дилема. Многу повеќе работи и закони ќе беа направени да не беше таа блокада во Собранието. И таа блокада е на секој чекор. Дали се работи за Преспанскиот договор, знаеме во какви услови и како се донесе, дали се работи сега за овие уставни измени, ние секогаш сме се соочувале со сериозни блокади“,

рече Маричиќ.

За шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, реформите се единствениот пат до Европската Унија.

„Тоа значи сеопфатни реформи, како што е наведено во овој Извештај и како што е наведено во Извештајот за скрининг процесот. Зошто? Прво затоа што ако сакате да ги уживате поволностите на членството во ЕУ мора да бидете доволно отпорни и подготвени да се осигурате дека навистина можете да уживате во нив. А ние како ЕУ мора да бидеме сигурни дека доаѓате како партнер којшто е цврст и отпорен и затоа инвестираме многу во реформите и продолжуваме да го правиме тоа. Реформите се од апсолутно суштинско значење“,

рече евроамбасадорот, одговарајќи на новинарско прашање.

Сепак, во однос на самиот процес важен е уште елемент – уставните измени.  

„Што се однесува до самиот пристапен процес, во врска со уставните измени јасно е, договорот е дека веќе ги отворивме пристапните преговори, скринингот тече добро, барањето за патокази е доставено. Следниот чекор е идентификување и движење кон преговорите, кон првиот Кластер кој зависи од промената на Уставот. Ова се два важни елементи на долг рок, а реформите секако се апсолутно клучни и во интерес на граѓаните“,

рече Гир.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во С Македонија, Дејвид Гир / Фото: Фејсбук (официјален профил на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

Гир: Вие сте многу понапред од Украина

Евроамбасадорот прашан за препораката на ЕК за отворање на преговори со Украина и Молдавија и дали тоа создава фрустрации кај земјите кои долго се во чекалната за ЕУ, меѓу кои и С Македонија, Гир вели дека станува збор за објективни извештаи кои ги гледаат реформите.

„Комисијата спроведе сметам објективна процена и врз основа на тоа донесе препорака Украина и Молдавија да се движат напред. Тоа е дел од процесот на заслуги, сега треба да се фокусираме тука. Прво важната работа е да се случат реформите, не сакам да видам дека нема напредок во извештаите туку сакам да видам дека има добар напредок. И овој извештај проценува што направила земјата во текот на изминатата година во поглед на реформите. Секако имате историја на реформи кои можете да ги надградувате и кои ќе се унапредат. Вие сте многу понапред од Украина, тие тукушто почнуваат, но ова се посебни објективни извештаи коишто ги гледаат реформите. Истовремено ЕК рече дека ова е историска одлука за Украина и Молдавија, но ние исто така знаеме дека мора да го внесеме Западниот Балкан во ЕУ, ве сакаме внатре“,

рече евроамбасадорот Гир.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Слушалки со селективен избацивач на врата

Следно

Израел изврши воено злосторство со американски буџетски средства

Latest from Blog