Ковачевски: Лидери сме во регионот за енергетска транзиција, го следиме патот на ЕУ за Зелената агенда

13 mins read

реклама


Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на отворената трибина „Ние сме Европа“ во Куманово, на осмиот завршен настан говореше на тема: „Членството во ЕУ од аспект на енергетиката“.

Покрај претседателот на Владата, Ковачевски на отворената трибина говореа и Бојан Маричиќ, заменик на претседателот за европски прашања, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Н.Е Дејвид Гир, Амбасадор на Европската Унија, како и Н.Е Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на дипломатски кор, институции, граѓански организации и деловната заедница.

реклама

Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека Северна Македонија, како и секоја земја во услови на најголемата светска енергетска криза, водеше стратешки домашни политики  за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено. Дополнително како што истакна Ковачевски се обединивме со регионот,  со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина на нашата земја.

Премиерот Ковачевски рече дека со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција и нашата земја ја претворивме во зелен енергетски хаб.

реклама

Во продолжение интегралното обраќање во целина:

„Распоредот сакаше и судбината сакаше последната трибина да биде во мојот роден град и тука да ги видам сите другари, семејство, пријатели, комшии, дел и не ги познавам бидејќи сум веќе постар, дел се помлади, меѓутоа сакам сите да ги поздравам, посебно да ги поздравам министрите во Владата, вицепремиерите, стопанствениците, граѓаните и секако германската амбасадорка Дрекслер, шпанскиот амбасадор и амбасадорот на ЕУ кој ќе ни се обрати преку видео врска.

реклама

Почитувани граѓани,

Драго ми е што денес во Куманово зборуваме за исклучително важна тема, а тоа е енергетиката меѓу другото и од аспект на членството во Европската Унија. Денешната трибина е последна од серијата трибини односно настани кои ги направивме и  кои се одржуваа во речиси сите градови во државата, во рамки на кампањата „Ние сме Европа” организирана од Секретаријатот за европски прашањата.

Во оваа прилика сакам да упатам честитки на организаторите и за учесниците, на сите говорници, панелисти, гости од различни сфери на општеството, професори, стопанственици, граѓански активисти, претставници на институции, дипломатски кор, кои во изминатите неколку месеци јавно зборуваа за придобивките од нашето членството во Европската Унија, кое пред се значи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите  и подобра работа и функционирање на здравството, образованието, судството, економијата, културата, по стандарди кои сите ги посакуваме, а тоа се европските стандарди.

Посебно сакам да се заблагодарам на вицепремиерот Маричиќ кој исто така потекнува од овој град и сакам еден аплауз за него што во изминатите месеци навистина со колегите се потрудија ова да го организираат.

На првата трибина во Скопје говорев за економските ефекти од членството во ЕУ, за растот на платите, пензиите, стандардот и колку истиот се зголеми во земјите откако станале членки на ЕУ.  
Она што е важно е дека во нашата земја, на европскиот пат на кој оваа Влада ја држи земјата, растат платите и пензиите и во услови на најголема криза.

Горд сум на сработеното. На она што го направивме заедно со министрите во овие изминати години на криза, прво ковид, енергетска криза, економска криза и сите тие треба да бидат горди на се она што го направивме од аспект на економските резултати, а ќе набројам само неколку од нив.  Просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување за 100 евра  во  однос на она што беше во 2016 година. Минималната пензија, денес е 13.200 денари, а во 2016 година беше 9.000 денари. Покачувањето е 4.000 денари.

Просечната плата за септември 2023 е 37.876 денари, скоро 38.000 денари  или 614 евра, тоа значи покачување за 250 евра, во однос на она што беше во 2016 кога изнесувала нешто над 22.000 денари. Во тоа време просечната плата била колку што е сега минималната плата во државата. Во државата денес има историски највисока минимална плата од 20.175 денари, а во март ќе изнесува 22.500 денари . Ако во 2016 беа потребни 4,5 минимални плати за една потрошувачка кошничка денес се потребни две минимални плати за една потрошувачка кошничка на просечно македонско семејство. И тоа е резултат на кој сите треба да бидат горди. И оние кои што тоа го овозможија, пред се тука мислам на министрите од економските ресори, финансии, вицепремиерот Битиќи и министерката за труд и социјална политика, меѓутоа секако и синдикатите кои што учествуваа во тие преговори и со кои што изнајдовме заеднички јазик за нови методологии. И ова го загарантиравме со закон и со новата методологија за постојан раст на минимална плата. И платите и пензиите и во иднина и ќе се зголемуваат како се движиме по евроинтеграцискиот пат, а двојно ќе се зголемат со влезот во Европската Унија.

Прогресот и развојот е неминовен на тој пат. Од сите аспекти. И од аспект на економија и од аспект на енергетика за која денес поконкретно  ќе зборуваме.

Јас ќе зборувам и за придобивките од европската транзиција и се она што како држава успеавме да го направиме во доменот на енергетиката и тоа во услови на најголемата светска економско-енергетска криза која светот ја памети по Втората Светска Војна.

Ваквата состојба ја нагласи потребата од три клучни работи кои ги преведовме и реализиравме во изминатиот период:

1.Северна Македонија, како и секоја земја водеше стратешки домашни политики  за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено и тоа го постигнавме.

2.Се обединивме со регионот, со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина за државата.

3.Со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција на  нашата земја и  ја претворивме  земјата во зелен енергетски хаб.

И второто, и третото ги постигнавме.

За прв пат од независноста на државата, донесовме низа системски одлуки, со коишто, се насочивме кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и стратешко домашно производство на енергија, тргнувајќи од природните потенцијали на нашата земја: плодна земја, сонце, ветар и вода, вреден народ,  како предуслов за производството на храна и вложување во обновливи извори на енергија. Нашата држава ги има природните потенцијали, меѓутоа нашата држава има и нешто што другите држави го немаат, ние сме единствените кои имаат 280 сончеви денови во текот на една  година.

Од почетокот на економската и енергетска криза, обезбедивме  електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година, субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани, како и субвенционирање на цената на електрична енергија која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар.

Ги ставивме во функција сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Образовните институции, болници, комунални дејности беа вратени на регулираниот пазар, и ги намалија нивните трошоци за работа.

Во споредба со претходната грејна сезона, оваа реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45% кога никој не веруваше во тоа и кога скептиците велеа дека во текот на јануари и февруари оваа година ќе останеме без електрична енергија.

Го активиравме и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, меѓутоа сега беше клучна електрана за справување со енергетската криза.  Ова е патриотизам во 21 век – со посветена работа работниците да ја докажат и одбранат енергетската независност на државата и работеа со капацитети стари 40 години на нивно одржување ремонт и на нивно постојано држење во функција со цел да се произведува електрична енергија.

Јас многу пати сум кажал, ако некој заслужува аплауз и благодарност од цела државата тогаш тоа се вработените во енергетските капацитети во државата, во РЕК Битола, Осломеј, Неготино и сите нивни колеги кои работеа на реализација на она што успеавме да го направиме.

Ги активираме хидропотенцијалите, мотивираме употреба на обновливите извори на енергија, како што е поставувањето фотонапонски панели – за што ги олеснивме процедурите за нивно поставување, како за граѓаните, така и за компаниите.

За нешто што беа потребни шест месеци за вадење на дозвола, сега е потребно само еден ден известување за да може компаниите и домаќинствата да го направат она во што сакаат да инвестираат.

Поддршката на Европската Унија морам да кажам дека е од голема важност. Во оваа прилика уште еднаш сакам да упатам благодарност за поддршката од  80 милиони евра за справување со енергетската криза кои ги добивме од ЕУ. И не случајно денес со нас е амбасадорката на Германија и амбасадорот на Шпанија. Германија е наш голем пријател, Германија е земја во која извезуваме повеќе од половина од нашиот извоз, Германија е држава од која што доаѓаат половина од нашите странски директни инвестиции. Германскиот канцелар и влада секогаш беа на располагање на нашата држава при носењето на одлуките во ЕУ и да не заборавиме декампретседателката на Европската комисија е исто така од Германија.

А Шпанија е држава која претседава со ЕУ и која исто така ни дава на такво високо ниво поддршка како држава. Бидејќи ние како држава не сме големи, но сме големи затоа што имаме големи пријатели во ЕУ и во светот.

И како што и самата претседателка на ЕК кажа дека ЕУ ќе биде покрај Северна Македонија и заедно ќе ги надминеме предизвиците од најголемата глобална и енергетска криза која што беше предизвикана од војната во Украина по неоправданиот напад на Русија врз оваа независна држава.

Овие средства беа поддршка на ланскиот пакет антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра кои Владата ги донесе и кој според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата.  Дадовме, најенергичен одговор во регионот на Западен Балкан, кој согласно проценките на Групацијата на Светска банка изнесува околу 5 отсто од БДП. За споредба, кај Србија таа изнесуваше 2,5 проценти од БДП, Косово со околу 2,1 отсто, Албанија 1,4 отсто, Босна и Херцеговина 0,5 отсто и Црна Гора 0,1 отсто.

Пред неколку недели го донесовме и 9-тиот пакет антикризни мерки, кој што е во вредност од 662 милиони евра. Во период од околу три и пол години, наменивме пакети антикризни мерки во вредност од околу 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството.

Ние во Владата не сме креативни како оние кои ја водеа Владата до 2016 година, нит јас знам да правам споменици, нит Фатмир Битиќи знае да прави фасади од стиропор, нит Оливер знае да сади жални врби во Вардар, она што знаеме да правиме е домаќински да работиме, така сме воспитани и финансиските средства да ги насочиме кон оние кои што им се најпотребни, а тоа се граѓаните посебно од ранливите категории, тоа се пензионерите со ниски пензии, тоа се невработените лица, тоа се лицата со посебни потреби, самохраните родители, студентите, средношколците, основците. И тие се оние кои што ќе ги добијат финансиските средства од деветтиот пакет антикризни мерки заедно со компаниите кои треба да ги очуваат работните места.

Дополнително земјите од Западен Балкан добиваат нова можност преку Планот за развој на Западен Балкан, кој ќе овозможи поврзаност, поддршка на реформи и финансиска поддршка во вид на грантови и заеми.

Планот за раст треба да ги удвои економиите на земјите од регионот, така што, од моменталните шест илјади евра просечниот БДП по жител, за десет години да биде 12 илјади евра. На располагање ни се 2 милијарди евра грантови и заеми од 4 милијарди евра со поволни каматни стапки бидејќи ќе ги гарантира ЕУ.

Овој план има јасно утврдена цел и агенда, но и солиден план за финансирање. Ова е план за финансирање на реформите за раст. Ова е можност да се забрза растот но и можност да ги забрзаме реформите. Ако сега регионот според анализите е негде меѓу 30 и 50 проценти од БДП по глава на жител, во однос на просекот на ЕУ, се планира за  период од 10 години  растот на економијата од регионот да се дуплира.

Зборуваме за економија на регионот со нешто малку над 100 милијарди евра БДП, што брои 17 милиони жители и претендира да стане членка на пазар од 450 милиони жители и со економија од над 15 трилиони евра.  

Ние не смееме да заборавиме дека најразвиените две економии во светот се економиите на ЕУ и економиите на САД, да беа други економии поразвиени нашите млади немаше да одат во ЕУ и во САД, туку ќе одеа некаде на друго место, но не одат на друго место, тие одат во Германија, Франција, Италија, Америка и зошто да не ја донесеме ЕУ тука, зошто да не донесеме одлуки кои што ќе овозможат оваа држава конечно да стане земја членка на ЕУ. Сите овие граѓани што се тука јас ги познавам најголемиот дел, сите сакаат ова да биде земја членка на ЕУ, а не младите да ги бркаме по бел свет затоа што отишле за повиски плати и сите оние кои што тоа го кочат единствено сакаат заради личен профит да одржуваат статус кво во државата.

И она што е најважно, е што кризата ја претворивме во можност.

Без економска и политичка стабилност, нема инвестиции. Затоа нам ни е потребен мирен регион, интегриран во Европската Унија со пазар од над 500 милиони потрошувачи. Доста ни беа кавги и со соседите, доста ни беа кавги и внатре во земјата, она што ние го заслужуваме како регион е целиот регион да биде дел од ЕУ, да биде дел од пазар од половина милијарди луѓе, а тоа дека можеме да соработуваме, дека можеме да соработуваме и со Грција, дека можеме да соработуваме и со Бугарија, Албанија, го докажавме со членството во НАТО. Заедно настапуваме, заедно носиме одлуки и заедно го браниме мирот и безбедноста и регионот и во Европа.

Од 2016, односно до 2016 година во нашата држава за целиот мандат на претходните сите влади во државата имаше инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи. Но затоа, од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува. Ова постигнување го признаваат и во Светска банка и во Европска банка, само има неколку скептици во Македонија кои што не го признаваат ама го преќутуваат бидејќи не можат да го негираат. Но факт е дека благодарение на тие 600 мегавати обновливи извори на енергија денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата.  

Исто така поради ова, и поради оваа политика која ја направивме и спроведовме   овозможивме враќање на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува.

Ова е важно, бидејќи беше едно од клучните ветувања за граѓаните, што го спроведовме. Беше прекинато на одреден период заради светската енергетска криза, кога воведовме низа дополнително други мерки со коишто ги субвенциониравме сметките за струја и се уште ја субвенционираме во износ до 90%. Да не беше субвенцијата од државата сметките на граѓаните што ги плаќаат ќе беа дуплирани за електрична енергија во сите изминати две години откако ги воведовме овие мерки.

Сето ова успеавме да го реализираме за краток рок, а имаме планови и за среден и долг рок со што нашата држава станува енергетски независна.

Република Северна Македонија е првата држава во регионот на Западен Балкан, која донесе Стратегија за развој на енергетскиот сектор, базирана токму на столбовите на Зелениот Договор на Европската Унија.

Денес работиме според план и долгорочно, на полето на енергетиката би сакал да напоменам неколку проекти важни за државата, а сето ова значи и можности за инвестиции.

Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“. Која има големо значење за праведна енергетска транзиција.
Очекуваме да започне планирање на нови големи капацитети а тоа е изградба на агроволтаичен парк од 400 мегавати во Источна Македонија, изградба на ветерни паркови со исто таква моќност како и изградба на нова когенеративна гасна централа со моќност од 200 мегавати.        

Овие проекти заедно со огромниот број на фотоволтаични  централи кои секојдневно се градат, ќе ни ја овозможат енергетската транзиција на среден рок.

Токму ние ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј. На постојната стара термоелектрана со капацитет од 120 MW, во моментот има изградено една фотонапонска централа од 10 MW на локацијата на стариот рудник и дополнително во фаза на градба се уште две централи со моќност од 100 MW, со тоа една стара загадувачка централа која произведува електрична енергија ќе биде замената со обновливи извори на енергија со ист толкав капацитет.

По истиот принцип, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија. На локацијата во РЕК Битола, планирана е изградба и на комбинирана гасна централа, која во иднина ќе може да работи и на водород и на тој начин целосно ќе се исфрли јагленот од употреба.

Вие вчера ги гледавте сликите од потпишувањето на договорот помеѓу Бугарија, Србија и Азербејџан за гасоводот кој што се прави помеѓу Бугарија и Србија, многу скоро на крајот на идната година и почетокот на наредната после неа ќе гледаме такво потпишување, односно пуштање во употреба на новиот гасовод помеѓу Грција и нашата држава. Со што државата ќе биде поврзана на трансјадранскиот гасовод како и на сите ЛНГ терминали кои што се изградени во Егејското море, документацијата е потпишана, финансиските средства се обезбедени, проектот е одобрен, урбанистичките планови се одобрени, поддршката од ЕУ е обезбедена, кредиторите се обезбедени и она што преостанува е работа на терен.

И неслучајно српскиот претседател вели ќе градиме интерконектор со Македонија, тоа е затоа што ќе се поврзат на нашиот гасовод кој што ќе го имаме во Македонија а кој што до сега никој не успеал да го направи.

На трансформацијата на РЕК Битола работиме заедно со една од најголемите американски компании во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори за гасификација на РЕК Битола.
РЕК Битола ќе биде хибриден центар за производство на електрична енергија преку различни технологии за производство.

Ваквите инвестиции креираат високо платени работни места. Инвестиции како оваа, но и останатите овозможуваат граѓаните, младите да останат дома и тука да си ја градат својата иднина во вакви високо технолошки индустрии.

И за крај сакам да напоменам дека треба да имаме предвид дека Зелениот план на Европската Унија, за одржливост на економиите се однесува на цела Европа, а не само на Европската Унија, и затоа продолжуваме да го следиме примерот на Европската Унија за поефикасно спроведување на транзицијата и  декарбонизација.

Сите во регионот сме исто зависни од јаглен и следствено на тоа декарбонизацијата и понатаму е голем предизвик за сите нас.  Но ќе дојде денот кога ова ќе го спроведеме, кога нашите градови нема веќе да бидат на листата на најзагадени градови во Европа, бидејќи едно е само да зборувате дека се загадени градовите, но треба некој да седне и да направи градовите веќе да не бидат загадени, а не сите да се однесуваат во државата како аналитичари, а никој ништо да не прави. Затоа оваа Влада ги прави токму овие стратешки проекти наместо јаглен да имаме производство на електрична енергија од гас, сонце, ветер, и од вода.

Како одговор на овие тешкотии доаѓа  соработката со ЕУ, со Европската банка и со сите други финансиери што беше потврдено и со потпишување на меморандум за соработка вреден три милијарди евра на состанокот на кој присуствуваше претседателот на државата.

Со ова граѓаните добиваат гаранција дека државата ќе има сигурно и стабилно производство на чиста  електрична енергија во наредните 30 години од домашни извори, и дека државата и ЕУ ќе бидат гарант за праведната енергетска транзиција.

Нема работниците да остануваат без работа, туку напротив ќе треба уште работници со подобри квалификации кои што ќе работат на најновите технологии за производство на електрична енергија, за складирање на електрична енергија во батериски системи и исто така на берзите кои што ќе се отвораат во регионот со кои што веќе она што беше единствено само за државите поединечно ќе стане регионален пристап во однос на снабдувањето на електрична енергија.

И за крај би сакал само да кажам дека сето ова немаше да биде можно без поддршката на ЕУ, немаше да биде можно без партнерите кои се членки во ЕУ, немаше да биде можно без државите кои што заедно со нас преговараат со ЕУ и затоа велам единствениот пат кој што оваа држава го има е членство во ЕУ.

И оваа Влада која ќе биде Влада и после 2024 година до 2030 година заедно со граѓаните државата ќе ја направи следна членка на ЕУ.

Ви благодарам, да сте ми живи и здрави.“

реклама

Претходно

Концерт на „Николов-Ивановиќ Ундектет“ утре во Филхармонија

Следно

Реорганизацијата на Клинички центар ќе биде до крај на мај или почеток на јуни исднава година

Latest from Blog