Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека Дамева е разрешена спротивно на Законот за Судскиот совет  

4 mins read

Според Коалицијата, која во својот извештај изнесува многубројни забелешки за денешната седница, во постоечките прописи за работата на Судскиот совет е предвидена постапка и услови за избор на претседател, но не и постапка, услови и основи за разрешување. Во овој поглед, се наведува во извештајот, постојат само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот. Ова значи дека Дамева не можела да биде разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, без претходно да биде разрешена од член на Советот, по претходно спроведена соодветна дисциплинска постапка

Коалицијата „Сите за правично судење“ која редовно ги следи седниците на Судскиот совет смета дека на денешната седница се направени низа прекршувања на Деловникот на Советот, од утврдувањето на дневниот ред, до разрешувањето на претседателката на ова тело, Весна Дамева.  

Своите забелешки и констатации на кои сугерираат, од Колацијата ги образложуваат во детален извештај за текот на денешната бурна седница, притоа повикувајќи се на прописите со кои се уредува работата на Судскиот совет.  

Од „Сите за правично судење“ велат дека нарушувања на Деловникот имало уште со ставањето на нова точка – расправање за меѓучовечките односи во Судскиот совет, како дополнување на предложениот дневен ред. 

Според Коалицијата, новата точка била изгласана без претходно да биде изгласан и усвоен предложениот дневен ред на седницата.  

„Оттука, единствено се гласаше за предложената нова точка на дневниот ред – расправање за меѓучовечките односи во Судскиот совет, при што веднаш следеше усвојување на записникот од претходната седница, односно дискусија по точките на дневниот ред. Ова доведува до парадоксална ситуација, односно доколку дневниот ред не бил усвоен, тогаш воопшто не би можело да се премине кон дискусија по предложените точки, или, пак, доколку дневниот ред бил усвоен, при дискусија за меѓучовечките односи во Советот, не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи. Ова воедно претставува и ризик Советот да формулира прилично лабави формулации на точките на дневниот ред, во рамки на кои ќе може да додава и други предлози, со што значително би се намалила транспарентноста и отчетноста во постапувањето“,

се наведува во извештајот на Коалицијата. 

Оттаму имаат забелешка и за самиот начин на гласање за предложената нова точка. 

„Од страна на член на Судскиот совет, пред почеток на денешната седница е ставен предлог за дополнување на предложениот дневен ред, по што за истиот предлог Советот гласаше преку електронскиот систем кој го користи. Со 6 гласа „за“ и 6 гласа „против“ предлогот првично не е усвоен, но член на Советот изјави дека се сомнева во резултатите од електронското гласање и побара гласањето да се повтори со кревање на рака. При повторното гласање предлогот е изгласан со 7 гласа „за“ и 5 гласа „против“ од присутните членови на седницата, со право на глас. Притоа, не беше понудено ниту образложение за сомнежите во резултатите, ниту, пак, образложение за разликата во резултатите од гласањето“,

се наведува во извештајот. 

На ова се надоврзува и проблемот со целосното отсуство на одредби во Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, како и подзаконските акти, првенствено Деловникот за работа на Судскиот совет, кои се однесуваат на престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет, велат од Колацијата „Сите за правично судење“.  

Седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија / Архивска фотографија

Според нивниот извештај, во постоечките прописи е предвидена постапка и услови за избор на претседател на Судскиот совет, но не и постапка, услови и основи за разрешување. Во овој поглед, се наведува во извештајот, постојат само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.  

Ова, како што наведуваат од Коалицијата, значи дека Дамева не можела да биде разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, без претходно да биде разрешена од член на Советот, по претходно спроведена соодветна дисциплинска постапка.  

„…За да постои каква било дисциплинска мерка или разрешување на член на Советот, претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35 од ЗССРСМ, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии. На ваквото барање, членот против кого се однесува, може да достави одговор во рок од 8 дена од денот на добивање на барањето со доказите, по што во рок од 2 дена претседателот, односно заменик-претседателот на Советот ги доставува материјалите до останатите членови и закажува седница на која ќе се расправа по барањето. По ова, за да може да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието на РСМ, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето, не учествуваат во гласањето. Поради ова, Судскиот совет не можел да донесе одлука за разрешување од функцијата претседател на Судски совет без да донесе одлука за разрешување на членот како член на Судски совет, односно не ја испочитувал процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет, како и ја донел одлуката со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, одлуката ја донел со 7 гласа „ЗА“, од кои еден бил и глас на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување“,

се наведува во извештајот.  

Како уште еден контроверзен момент, од Коалицијата го наведуваат и начинот на водење на седницата. Имено, кога претседателката на Советот одбила да го стави на предлогот за нејзино разрешување на гласање, водењето на седницата го презел нејзиниот заменик, со што се воспоставува невообичаена пракса во работата на ова тело, која досега не била применувана.  

„Од досегашниот мониторинг што го врши Коалицијата, ваквиот начин на водење на седниците досега не бил применуван, односно седниците секогаш ги водел претседателот на Советот доколку истиот е присутен на седницата, а заменикот ја водел седницата само во негово отсуство, што дополнително остава отворени прашања и дилеми за причините и законските основи поради кои заменик-претседателот го преземал водењето на седницата во присуство на претседателот на Советот“,

се вели во извештајот.  

Од Коалицијата апелираат на доследно почитување на законските одредби, како и на прифатените стандарди на добро управување и добро владеење, „особено во ситуација кога државата веќе се соочува со нарушена репутација во поглед на функционирањето на судството, како и фактот што Судскиот совет веќе неколкупати се има доведено во вакви слични ситуации, со кои многу тешко може да се справи“. 

На денешната седница седум члена на Судскиот совет, предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“ разрешување на актуелната претседателка Весна Дамева. 

По неколку часа караници, Адеми сам го стави предлогот на гласање. 

„Од причина што претседателката нема смелост да го стави на гласање, јас предлагам мојот предлог да биде на гласање со кревање рака. Кој е за разрешување на претседателката Весна Дамева, да крене раце“,

рече Адеми. 

Додека се броеја гласовите, Дамева порача: „Јас не учествувам во ова, одлуката нема да ја потпишам“. 

Адеми потоа рече дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата, па за утре во 11 часот закажа нова на која ќе се избере нов претседател. 

Дамева, пак, одговори дека ова е противзаконски и додаде: „некои лица од политиката ќе бидат задоволни“. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Артета: Сити играше подобро, ние бевме далеку од нашето ниво

Следно

СОНК Гази Баба со поддршка на разрешувањето на директорката на градинката „Детска радост“

Latest from Blog