Израел му предлага на Хамас еднонеделна пауза во замена за 40-ина заложници

1 min read

Како што продолжуваат дипломатските напори, хуманитарната криза во Појасот се влошува секој ден. Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, убиени се речиси 20 000 луѓе во израелската воена акција во Газа од 7 октомври, а повеќе од 52 000 се ранети

Израел му предложил на Хамас еднонеделна пауза во борбите во замена за ослободување на околу 40 заложници, пренесува Си-ен-ен цитирајќи двајца израелски официјални лица.

Предлогот има за цел да ослободи заложници, меѓу кои има жени, постари лица, но и лица на кои им е потребна итна помош и нега.

Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

„Договорот му е претставен на Хамас преку катарски посредници“,

пишува Си-ен-ен.

Мајкл Херцог, израелскиот амбасадор во Соединетите Држави, потврди дека Израел е подготвен да ги прекине борбите доколку тоа би значело ослободување на што е можно повеќе заложници.

„Мислам дека е прерано да се каже дали имаме или немаме договор бидејќи досега Хамас одбиваше да направи друг договор“,

изјавил Херцог за Си-ен-ен.

Сепак, тој се надева дека под притисок на она што го прават на терен, како и под притисок од Катарците, Хамас ќе се согласи да постигнат договор.

„Сепак, прерано е да се каже во оваа фаза“,

вели Херцог.

Хамас јасно стави до знаење дека нема да бидат ослободени повеќе заложници додека не дојде до прекин на огнот.

Претходно имаше неколку успешни размени на затвореници, а последната беше пред петнаесетина дена кога затворската служба на Израел објави дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа.

Во соопштението за медиумите, затворската служба објави дека Палестинците ослободени од затворите во Израел се од окупираниот Западен Брег и Ерусалим.

Инаку, пред неколку дена, Обединетото Кралство и Германија повикаа на одржлив прекин на огнот во Појасот Газа.

Во заеднички текст, министрите за надворешни работи на двете земји напишаа дека е потребно да се направи сè што е возможно за да се отвори патот кон одржлив прекин на огнот, со што би дошло и до траен мир во регионот, а најдобро би било тоа да се случи итно и што е можно поскоро.

Но, како што продолжуваат дипломатските напори, хуманитарната криза во Појасот се влошува секој ден. Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, речиси 20 000 луѓе се убиени во израелската воена акција во Газа од 7 октомври, а повеќе од 52 000 се ранети.

Во меѓувреме, голем дел од северниот дел на Газа е разрушен од воздушни напади и, според Обединетите нации, речиси 1,9 милиони луѓе – повеќе од 80 отсто од населението – се раселени.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Општина Карпош ја објави програмата за предновогодишната забава

Следно

СЗО: Газа се соочува со голем ризик од епидемии поради влошувањето на ситуацијата

Latest from Blog