Бугарската национална телевизија призна постоење на Македонци во Пустец

5 mins read

Бугарската национална телевизија во објава за хуманитарна акција во селото Пустец, Албанија, наведува дека во него луѓето со бугарска и македонска самосвест живеат во единство и, зачувувајќи го чувството за припадност, ја чуваат заедничката вера

Фокусот на сторијата е на акцијата за бесплатни кардиолошки прегледи од Фондацијата „Бугарска меморија“, заедно со бугарската „Аџибадем сити клиник“. Токму оваа фондација и нејзиниот претседател Милен Врабевски се уште еден интересен момент во веста на БНТ. Врабевски беше финансиер на бугарските здруженија и клубови во земјава – „Иван Махајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои по измените на Законот за здруженија и фондации во С Македонија беа избришани од Централниот регистар. Тој се јавува и како донатор на повеќе активности во Мала Преспа, со кои, како што може да се види од сторијата на БНТ, продолжува и понатаму

Дали летен ветрец носи и најавува нов наратив во бугарскиот јавен дискурс кога станува збор за постоењето на посебен македонски народ и граѓани кои според етничкото чувство се декларираат како Македонци?

Од официјалните власти во Софија вакви навестување не дошле, иако ставот им е дека го признаваат современиот идентитет на граѓаните на Северна Македонија (без да споменат Македонци и македонски јазик). Но, стигнаа од Бугарската национална телевизија (БНТ).

Tаблата на Медицинскиот центар во Пустец/ Фото: Принтскрин

Имено, вчеравечер БНТ објави мини видеорепортежа од селото Пустец во Албанија. Фокусот на сторијата е на хуманитарна акција за бесплатни кардиолошки прегледи за, како што се наведува, бугарското население во албанското село Пустец во регионот на Мала Преспа. Акцијата, според телевизијата, била организирана од Фондацијата „Бугарска меморија“, заедно со бугарската „Аџибадем сити клиник“.

Специјалисти од болницата пречекаа десетици луѓе кои сакаа да добијат консултации во локалната клиника. За многумина тоа беше прв кардиолошки преглед по повеќе години бидејќи здравствената установа нема кардиолози, се наведува на почетокот на објавата.

Она што е интересно, може да се слушне и прочита во следните пасуси, кои се надоврзуваат на воведот во репортажата.

По споделените географските координати за локацијата на селото, пренесени на сликовит начин, во објавата се наведува нешто, можеби, неочекувано – дека во селото, освен со бугарска, согласно наративот на официјална Софија, живеат и луѓе со македонска самосвест.

Принтскрин од објавата на интернет-страницата на БНТ

Формулацијата на параграфот во превод од бугарски на македонски јазик, гласи: 

„Селото Пустец е сместено во планината Галичица и гледа на кристалното Преспанско Езеро – средна точка помеѓу Албанија, Република Северна Македонија и Грција. Во него луѓето со бугарска и македонска самосвест живеат во единство и, зачувувајќи го чувството за припадност, ја чуваат заедничката вера“.

Ова е можеби првпат Бугарската национална телевизија, па и воопшто бугарски медиум, да употреби формулација во која се говори за македонска национална самосвест во неутрален контекст (кога се споменува, речиси редовно тоа е со пејоративен призвук, во наводници…), зачувување на чувството на припадност и чување на заедничката вера.

Инаку, сегментот во кој се споменува дека во селото живеат луѓе со бугарска и македонска самосвест не се споменува во видеоприлогот на БНТ. Сепак, формулацијата јасно се чита во текстуалната верзија на веста.

Панорамски поглед на селото Пустец во Мала Преспа / Фото: Принтскрин

Гласниот наратив, кој е доминантен во бугарските медиуми, општество и, без потреба да се споменува – кај властите во Софија, е дека конкретно во Пустец живеат Бугари, а бугарската држава преку разни акции, од кои дел контроверзни, се обидува да го наметне ова во пошироки рамки.

Невообичаената формулација на БНТ доаѓа во период кога во земјава е почната собраниската постапка со која Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот. Иако собраниската постапка формално започна, процесот на гласање за потребата од пристапување кон измени на Уставот е „на пауза“ бидејќи власта го нема потребно двотретинско мнозинство, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврсто стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени „под бугарски диктат“.  

Во преостанатиот дел репортажата се осврнува на самиот регион, а луѓето чии изјави ги пренесуваа се вели дека се Бугари, заборавени од албанската држава во регион кој осиромашува.

Во Пустец мала поликлиника се грижи за секојдневните тегоби на луѓето, но за посериозни болести мора да поминат десетици километри за да бидат прегледани од специјалисти. Токму поради тоа е и доаѓањето на лекарскиот тим од Софија за вршење кардиолошки прегледи кои собраа десетици жители на Пустец, но и на околните села, се наведува во репортажата.

Жител на Пустец, кој се претставил како Цветко, вели дека лекари кардиолози во селото нема, а ако имаат некој проблем одат во Корча и Тирана.

„Не, овде нема лекари, нема население. Сега ние, старите, останавме“,

вели тој на прашање од БНТ за недостатокот на кардиолози.

Во репортажата се пренесени и впечатоците на лекарот д-р Алдин Али.

 „Имаше многу вистински приказни, многу природна радост што можеби како општество сме ја изгубиле и тоа ме мотивираше затоа што кога отидов да студирам да бидам доктор студирав токму поради таа причина – да можам да помогнам. Оваа иницијатива ме врати на основите, за тоа воопшто почнав да се занимавам со медицина“,

вели д-р Алдин Али за БНТ.

Лекарот д-р Алдин Али / Фото: Принтскрин

Друг момент кој предизвикува внимание во веста на БНТ е Фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзиниот претседател Милен Врабевски на чија иницијатива е спроведената хуманитарната акција во Пустец. Врабевски беше финансиер на бугарските здруженија и клубови во земјава – „Иван Махајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои по измените на Законот за здруженија и фондации беа избришани од Централниот регистар. Тој се јавува и како донатор на повеќе активности во Мала Преспа, со кои, како што може да се види од сторијата на БНТ, продолжува и понатаму.

Дека ова не е прва иницијатива на Врабевски и неговата фондација во регионот на Мала Преспа потсетува и Бугарската национална телевизија.

„Во 2020 година претседателот на фондацијата, д-р Милен Врабевски, донира амбулантно возило, противпожарно возило и теренско возило за социјална патронажа. Фондацијата изгради и водоснабдување на две од селата во Мала Преспа и помогна во санирање на патот Билишта – Врбник во 2021 година. Учесниците од големата национална болница денеска се приклучија на донациите и на поликлиниката во Пустец и обезбедија дефебрилатор“,

се наведува во веста на БНТ.

Бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски / Фото: Википедија

Името на Врабевски се најде и во објавите на македонските и бугарските медиуми, кога нему, на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и на уште тројца бугарски државјани на почетокот на мај не им беше дозволен влез во земјава. Објаснувањето на македонските власти беше дека меѓу петтемина бугарски државјани биле и лица за кои Министерството за внатрешни работи (МВР) имало сознанија оти претставуваат ризик за јавниот ред и безбедност.

За бугарските иницијативи во Мала Преспа пишуваше и „360 степени“ во октомври минатата година.

Повод за репортажата беа објавите во македонските медиуми дека Бугарија создава малцинство во Албанија на сметка на Македонците. Бугарските медиуми, од друга страна, наведуваа дека Бугарите во Албанија бараат помош од Софија. На терен тогаш можеше да се слушнат и двете тврдења.

Македонците велеа дека вадат бугарски пасоши за егзистенција. Граѓани кои се изјаснуваат како етнички Бугари тврдеа поинаку.

 „Ние сме Македонци, не сме Бугари, ама од зорт и мака ќе се правиме Бугари, ама ние сме Егејци Македонци“,

ни рече Левена Пашоли, жителка на с. Врбник.

Наспроти неа, претседателот на Друштвото за бугарско-албанско пријателство беше со поинаков став.

„Тие не може да разберат дека Македонците се Бугари. Тоа се стари жители кои вие ги прашавте, возрасни хора, а Врбник е чисто Бугарско“,

ни изјави тогаш тој.

За бугарските донации и вадењето бугарски пасоши од жители на селата во Мала Преспа зборуваше и градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.

„Некои го земаат, нормално, за работа, Бугарија е европска држава и има подобри услови за вработување во странство. Мислам дека економските причини се главни зошто се вади бугарски пасош“,

изјави за „360 степени“ во октомври Колефски.

Според тогашната негова изјава, до тогаш жителите на Пустец немале добиено помош од Северна Македонија. Но, затоа добиле донација од бугарска невладина организација.

Македонските власти ваквата слика се обиди да ја променат неодамна. Претседателот Стево Пендаровски на 23 јули годинава беше во посета на Пустец, кога при еднодневниот престој беше и во заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“.

 „Денеска сум тука во ова училиште за да дадам и јас придонес, носам одредена количина книги на македонски јазик – нашите класици Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго итн. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат, да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина“,

изјави Пендаровски од Пустец.

Премиерот Димитар Ковачевски, на 31 јули, кога заедно со неговиот албански колега Еди Рама го пуштија во употреба концептот „One stop shop“ на граничниот премин Ќафасан, имаше средба со претставници на Македонците од Голо Брдо. Тој им донираше градежна машина и светилки за улично осветлување. Како што соопштија тогаш од Владата, станува збор за донација во рамките на Акцискиот план на Владата за поддршка на Македонците во Голо Брдо и Пустец.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

На Белата куќа не и е по мерак што Украина му запна на Кримскиот мост

Следно

Алегри за младиот напаѓач на Јувентус: Утре оди на стрижење, па 100 пати ја местеше фризурата (ВИДЕО)

Latest from Blog