БЕРЛИНАЛЕ ПОТВРДИ ДЕКА ПРАТЕНИЦИ ОД ЕКСТРЕМНАТА ДЕСНИЦА СЕ ПОКАНЕТИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ

2 mins read

Берлинскиот филмски фестивал потврди дека на церемонијата на отворањето на 74. Берлинале поканил двајца пратеници од германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД), но вели дека продолжува „да се залага за основните демократски вредности и против десничарскиот екстремизам“. Пратениците од АфД, Кристин Бринкер и Роналд Глесер, од државниот парламент на Берлин, се поканети на церемонијата на отворањето на Берлинале на 15 февруари. Поканите предизвикаа бес, при што група филмски професионалци од Берлин и странство потпишаа отворено писмо до фестивалот протестирајќи против одлуката.

Во соопштението, Берлиналето признава дека „голем број членови и претставници на АфД имаат ставови кои се длабоко антидемократски и се во спротивност со вредностите на Берлинале и вредностите на нашите вработени“, но истакна дека фестивалскиот протокол е да се поканат демократски избрани политичари. Сите поканети членови на АфД беа избрани или во Бундестагот или во Претставничкиот дом на Берлин на последните избори.

„И федералниот владин комесар за култура и медиуми и Берлинскиот Сенат добиваат квоти за покани за отворањето на Берлинале, кои се доделуваат на избраните членови од сите партии во Претставничкиот дом. Токму во тој контекст претставниците на АфД беа поканети на отворањето на Берлинале. Според тоа, тие се застапени и во политичките комисии за култура и во други тела. Тоа е факт и мораме да го прифатиме како такво“, велат од фестивалот.

„Луѓето – вклучувајќи ги и избраните претставници – кои дејствуваат спротивно на демократските вредности не се добредојдени на Берлинале. Тоа јасно и категорично ќе го искажеме во лично писмо до претставниците на АфД како и во други прилики. Берлинале се залага за основните демократски вредности и против десничарскиот екстремизам и ги поддржува сите демонстрации и други иницијативи против недемократските струи. Јасно го отфрламе десничарското екстремистичко или десничарско популистичко размислување и загрижени сме дека антисемитизмот, антимуслиманското незадоволство, говорот на омраза и другите антидемократски ставови се во пораст во Германија. Со недели, стотици илјади луѓе излегуваат на улиците во Германија за да ја бранат нашата демократија и нашите вредности“, се вели во соопштението на директорката на Берлинале Мариете Рисенбек.

Берлиналето е главно финансирано од државата, а федералната влада годишно обезбедува околу 14 милиони долари за фестивалот.

Отвореното писмо, објавено во петокот вечерта, беше потпишано од над 200 филмски професионалци, повеќето од нив од германската филмска индустрија, но и фестивалски програмери, продуценти, режисери и филмски работници од САД, Велика Британија и од други места во Европа. Во писмото се вели дека поканата до политичарите на АфД е „некомпатибилна“ со заложбата на Берлинале „да биде место на ‘емпатија, свесност и разбирање’“, пишуваат тие.

„Не веруваме дека церемонијата на отворање може да се смета за безбедно место за Евреите, жените, членовите на БИПОК, ЛГБТИ+, инвалидите, Ромите и Синтите или заедниците на Јеховините сведоци, кои, меѓу другите, се соочија со прогон и геноцид од рацете на друго екстремно десничарско, национално-конзервативно движење во Германија“.

Отвореното писмо од филмската индустрија го повикува Берлиналето „да ги преиспита и да ги отфрли овие навредливи и бесчувствителни покани заради безбедност и благосостојба на сите гости кои присуствуваат на фестивалот“.

Во Германија со недели има масовни протести против есктремната десница, а вчера само во Берлин демонстрираа над 150.000 луѓе.

Берлинале не е единствениот отворено прогресивен европски филмски фестивал кој се соочува со предизвици поради подемот на екстремно десничарската политика низ целиот континент. Изборот на екстремно десничарската партија Браќа на Италија на Џорџа Мелони на власт во 2022 година значеше дека истакнати десничари го красеа црвениот тепих во Венеција. Еден од ВИП-личностите во публиката на светската премиера во Венеција на „Јас капетан“ на Матео Гароне, драма за бегалската криза сега номинирана за Оскар, беше Матео Салвини, екстремно десничарски политичар кој својата кариера ја изгради на демонизирање бегалци и блокирање на невладините организации да спасуваат мигранти кои се дават во Медитеранот.

АфД моментално не е дел од владата на федерално или во која било од германските покраини, но партијата добива поддршка и моментално е втора на национално ниво со околу 20 отсто поддршка на анкетите. Тие се особено силни во источните германски покраини кои го опкружуваат Берлин и се стравува дека ќе дојдат до власт на триото регионални избори ова лето.

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

На гробот на Гоце Делчев не отидоа ниту премиерот Џафери од ДУИ, ниту претседателот на Собранието Митрески од СДСМ

Следно

Во израелските напади врз Газа во изминатите 24 часа загинаа 127 Палестинци, билансот порасна на 27.365

Latest from Blog