Речиси седум од десет Грци, односно 68 отсто изразуваат поддршка за барањата на земјоделците во земјата, кои протестираат од минатата седмица, додека пак за 93 проценти од анкетираните поскапувањата се главниот проблем, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, за четворица од десет анкетирани (40 отсто) поскапувањата, високите цени и нивната финансиската состојба се „најважниот проблем“, за 53 проценти се „еден од најважните проблеми“, а само три отсто одговориле дека „не е важен проблем“.

На прашањето дали знаат зошто протестираат грчките земјоделци и како ги оценуваат нивните активности, 34 отсто одговориле „сигурно позитивно“ и исто толку „веројатно позитивно“.

Одлуката на Владата да набави воени авиони Ф-35 од САД и да добие бесплатен воен пакет, ја оценува позитивно 62 отсто од анкетираните.

На политичката сцена, Нова демократија е прва со 30,5 отсто, на второто место е ПАСОК со 12,5 проценти, а трета е СИРИЗА со 11,5 отсто.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, било спроведено од 28 до 30 јануари 2024 година со анкетирани 1.120 лица.