АНЕТА ТАНЕВСКА Е НОВА В. Д. ДИРЕКТОРКА НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР СКОПЈЕ, НА МЕСТОТО НА ДИМИТРОВСКИ КОЈ Е ПОД ИСТРАГА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА „ШАР АН“

2 mins read

Анета Таневска е нова в. д. директорка на Конзерваторски центар Скопје, велат од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК. Таневска е советник-конзерватор која доаѓа на местото на Константин Димитровски, кого го разреши министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска оти е под истрага за уништување на културно наследство.

Димитровски на 13 декември беше приведен како осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во Стара скопска чаршија. Димитровски е во домашен притвор за уривањето на хотелот „Шар ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство.

„Константин Димитровски, кој е на позицијата в.д. директор на Конзерваторски центар-Скопје, секако дека ќе биде разрешен и ќе биде поставен раководител, со кој ќе може непречено да функционира институцијата. Министерството за култура постапува согласно постојните законски прописи кои ја регулираат фактичката ситуација и во моментов ги презема соодветните законски дејствија за промена на раководството на институцијата. Согласно член 34 од Законот за култура, со промена на раководното лице се назначува нов вршител на должност од редот на вработените кој има обвсрка да ја води институцијата до избор на нов директор“, ни рекоа од Министерството за култура на 15 декември.

Министерството ни одгвори и дека ќе ги преиспита одлуките на Димитровски кои ги донел за време на функцијата.

Обвинителството за организиран криминал и корупција, по поднесена кривична пријава и апсење на поголема група лица, издаде наредба за истрага против 9 осомничени, а двајца се засега недостапни. Лицата се осомничени за незаконско уривање на автентичниот објект хотел „Шар ан“, кој како дел од скопската Стара чаршија со закон е прогласен за културно наследство. „Шар“ е првата јавна куќа во Скопје.

Кривичниот суд кажа дека судија на претходна постапка одредил 6 притвори, 4 куќни притвори и на двајца од осомничените им се одредени мерки за обезбедување на присуство. Димитровски е меѓу четворицата за кои е одреден домашен притвор. Првоосомничен е поранешниот претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор Скопје (ПУИГ) Мујо Љ., а меѓу соучесниците во злосторничкото здружение покрај Димитровски се и поранешниот директор на Конзерваторски центар Скопје Коле Ч., како и поранешниот директор на Управа за заштита на културно наследство Аријан А. и ексзаменик-генералниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности А.У..

Костадиновска-Стојчевска на 13 декември вечерта, после апсењата, во интервју за Топ тема на ТВ Телма кажа дека е „запрепастена од тоа до каде е спремен човек да оди, и доколку се утврди дека актуелниот в. д. директор на Конзерваторски центар Скопје е виновен, се разбира дека ќе има одговорност“.

„Не би сакала да навлегувам во детали, бидејќи ова е една од поновите вести денеска, за која морам да признаам дека бев непријатно изненадена. Ние веднаш реагиравме до МВР да почне со расчистување. Ќе почекаме да видиме што ќе покаже истрагата. Доколку се утврди вина, се разбира дека ќе има одговорност. Се надевам дека ова ќе се расветли и сите што се одговорни, без разлика која функција ја носат, ќе одговараат пред законот, бидејќи културното наследство е уставно пропишана категорија, што значи дека е над сите други закони кои владеат и дека ќе бидат најстрого санкционирани, бидејќи ова не смееме да си го дозволиме“, одговори министерката на новинарското прашање за одговорност на директорот.

Директорот на Конзерваторски центар Димитровски минатиот месец издаде и позитивно мислење на Центарот за градење на контроверзната 17-катница во болничкиот комплекс на поранешна Воена болница, сегашната Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Димитровски е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која го одобрува урбанистичкиот проект за изградба на зградата. Тој зема паричен надоместок од Општина Карпош како член на Комисијата и тој веќе дал одобрение за урбанистичкиот проект за 17-катницата среде болнички комплекс, со 420 станови, во кои ќе живеат 2.000 жители и ќе има фрекфенција од најмалку нови 1.000 возила.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Од полноќ нови цени на горивата

Следно

Германија од ведро небо откажа субвенционирање електрични возила

Latest from Blog