„Ако не помине нашиот, нема ни вашите“ – како оди „пазарот“ во Судскиот совет

2 mins read

На 431. седница за избор на судии, на 28 февруари годинава, членовите на Судскиот совет за повеќе кандидати гласале по ист терк – четири гласа „за“ и по 8 „против“

Што доколку се утврди одговорност кај судијата Енвер Беџети? Тој судија шест месеци одлучува за предмети. Практично, вие оставате речиси „темпирана бомба“ – тој има власт да донесува одлуки во име на граѓаните. И таа ниска доверба во правосудството што е на ниво на статистичка грешка, по сите овие настани е стопена на минус 3 проценти, оценува новинарот на БИРН и претседател на Судско-медиумскот совет, Васко Маглешов

Во Судскиот совет одлуките се гласаат оркестрирано, еднаш се гласа „за“, другпат „против“, некогаш се бара изземање, другпат не, што покажува остра поделба меѓу членовите и дискрепанца во одлучувањето, кажа новинарот на БИРН и претседател на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

Тој, повикувајќи се на записник од седница на Судскиот совет одржана на 28 февруари, на која требало да се одлучува за избор на врховни судии, кажа дека за повеќето кандидати се гласало по ист терк – со четири гласа „за“ и по 8 „против“.

На таа седница за врховен судија не е избран ниту Енвер Беџети – судија од Апелацискиот суд Скопје, кој го чуваше во фиока предметот „Таргет-тврдина“ во второстепената постапка, со што се зголемува ризикот за застарување откако тој е вратен на повторно одлучување во првостепениот суд.

„Член на Советот отворено ми кажа дека имало, услoвно кажано, некакво пазарење, во смисла – поминете ги прво нашите, па потоа ќе ги поминеме вашите. Меѓутоа, кога дошло на ред да се гласаат, условно речено, ‘спорните кандидати’, не биле поминати нивните, па ни ‘нашите’, така што во таа ситуација се избраа само двајца граѓански судии, а двајца кривичари не беа избрани“,

вели Маглешов.

Втората, според Маглешов, дискутабилна седница што упатува на различна пракса на членовите на Советот, е во април, кога се формира комисија за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети. Комисијата е во состав на Весна Дамева, Селим Адеми и Ханиф Зендели, но двајцата членови Албанци овој пат побарале изземање од процесот на одлучување.

„Адеми и Зендели се изјасниле дека сакаат да бидат изземени од таа комисија. Едниот поради тоа што веќе соработувал со судијата, имал порано контакти, па не сакал да делува пристрасен. А, во вториот случај, објаснувањето било дека поради сè што се случило, сака да се изземе од таа позиција. Меѓутоа, се поставува прашање – како, ако побарале да се изземат од работата на комисијата, (претходно н.з.) гласале на седницата за истиот тој кандидат за врховен судија, за којшто има отворено постапка за утврдување на одговорност? Значи, во едниот случај не се изземаат, во другиот случај се изземаат, што го отвора прашањето дека сите случувања околу Судскиот совет придонесоа веќе да почне да им работи, условно речено, совеста. Меѓутоа, во секој случај, постои дискрепанца меѓу нивното одлучување, еднаш гласаат ‘за’, другпат ‘против’“,

анализира Маглешов.

Маглешов во дебатното издание на „360 стпеени“ гостуваше заедно со Ивана Петковска од невладината Коалиција „Сите за правично судење“. Двајцата гости констатираа дека во Судскиот совет имa обид и за одбегнување на новинарски прашања. Како пример го посочија случајот кога актуелниот претседател на Судскиот совет, кој за случајот со Енвер Беџети, повика да се праша директно во Комисијата за утврдување на одговорност – пракса што досега ја немал Советот, од каде што изјави дава само првиот човек на ова тело, а не и претставници на поединечни комисии.

Од дебатното издание на „360 степени“

Сè уште не се знае дали и кога ќе се утврди (не)одговорност на судијата Беџети.

„Едноставно е непримерно шест месеци да не можете да решите предмет во којшто практично целата јавност е заинтересирана за еден судија и да немате ниту некакви најави кога тоа ќе се случи. Сега почнува судска ферија, не знам дали тоа ќе им биде во фокусот на членовите на Советот, меѓутоа извештајот од посетата на Апелациониот суд што го направи Судскиот совет беше лани во декември. Сега сме уште една недела јули. Сакам да речам, не можеме да очекуваме одговорност кога тој извештај од 11 страници или не знам колку, стои во Советот, а сега се бара изземање на Весна Дамева поради тоа што нејзиниот сопруг бил еден од оштетените во судска постапка. Очигледно е дека таму работата ќе биде закочена“,

заклучува Маглешов.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Осуда од Белата куќа за нуклеарната реторика на Путин

Следно

Притвор за уапсените косовски полицајци, започната е истрага

Latest from Blog