Наградата „Стале Попов“ на ДПМ за романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски

February 3, 2023
2 mins read

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија уште од далечната 1975 година.

На конкурсот за наградата „Стале Попов“ во ДПМ пристигнаа осумнаесет дела од исто толку автори. Нивниот квалитет го оценуваше комисијата во состав: Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател). По внимателното исчитување на книгите и по неколкуте одржани состаноци, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2022 година да му ја додели на романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски.

Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки:

-Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени)  е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата – дали нарацијата нѝ е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина?

Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето. Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. „Папокот на светлината“ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина.

„Папокот на светлината“ е возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту Книгата“ – стои во образложението на комисијата.

– Прв пат оваа награда ја освоив со „Папокот на светот“ пред цели 20 години, потоа, по десет години со „Ќерката на математичарот“, а по десет години со „Папокот на светлината“. Оваа награда ми доаѓа како некој циклус на десет години, а така доаѓаат и моите романи. Наградата „Стале Попов“ како да ме сака мене, а и јас ја сакам неа. Кон Стале Попов негувам исклучителна творечка почит и го сметам за еден од канонските автори на нашиот, македонскиот роман. Македонскиот роман е незамислив без неговиот„Крпен живот“, како и без неговиот опозит „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски. Тие два романи стојат на почетокот од овој наш жанр, кој се јави во 20. век, но достигна и кулминација во 20. и еве сега во 21. век.

За „Папокот на светлината“ немам што многу да кажам, тоа е дело кое го пишував буквално како да дишам. Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите. Тука е акумулирана и добра литература од морален тип, од знаењето на светите отци.

Сакам да се заблагодарам на жирито во кое седеа истакнати писатели кои исклучително ги ценам, да се заблагодарам на сите вас што на некој начин реагиравте на промоцијата што ја правевме во Скопје и му одадовте почит и на романот и на авторот.

Сакам да истакнам дека повеќе би било невкусно да се јавувам на оваа награда, оти како што велеше Петре М. Андреевски, еден од моите учители „од книжевноста, како и од кафеана човек треба да знае кога да си замине, пред да почне да се повторува“.

Мислам дека со оваа награда се заокружува мојот романескен опус и на тоа сум ви бескрајно благодарен – истакна во своето видео обраќање Венко Андоновски.

Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања е на 13 февруари денот на Друштвото на писателите на Македонија.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Проекти за урбанизација на Илинден: Нови улици, кружен тек, детска градинка…

Следно

Кој го нападна Северен тек?

Latest from Blog

Пленковиќ: Имав многу добар разговор со Трамп

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ имал телефонски разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кому му честитал за реизборот, објави премиерот на X. – Само што имав многу добар разговор со Доналд Трамп

НБА: Ванвлит казнет со 50.000 долари

Кошаркарот на Хјустон, Фред Ванвлит (30) е казнет со 50.000 долари поради непримерно однесување кон официјалните лица на натпреварот против Портланд, објави вечерва НБА лигата. Ванвлит доби техничка грешка во последните моменти

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Доне Таневски, најголемиот акционер во хотелската групација „Македонија турист“, го намали својот удел од 23,4% на 17,72%, по продажбата на 25.669 акции. Македонска берза ја потврди продажбата, при што Таневски сега поседува

Костадинов: Горд сум што мојот предлог доби преубава реализација

Секој еден градоначалник и политичар треба најпрвин да биде човек, а потоа се останато, напиша градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на својот фб профифл. Многу сум радосен за прекрасниот почеток на

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Независниот синдикат на одбраната информира дека денес Министерството за одбрана исполни уште една своја обврска од колективниот договор, исплатени се средствата кои беа заостанати од потпишувањето на КД заклучно со јуни. Исплатата
Go toTop