Алтун: Никогаш нема да дозволиме палестинското прашање да биде отстрането од глобалната агенда

2 mins read

АНКАРА (АА) – Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун, во своето обраќање на вонредната седница на Министрите за информации на Организацијата за исламска соработка (ОИС) нагласи дека израелската репресија што продолжува во Газа од 7 октомври досега, е резултат на колонијалниот и империјалистичкиот менталитет кон Блискиот исток, известува Анадолу.

Вчера во Истанбул се одржа вонредната седница на министрите за информации на ОИС на тема „Дезинформативни активности на окупаторската израелска администрација на окупираните палестински територии, и напади врз новинарите и медиумските организации“, чиј домаќин беше Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије.

Алтун истакна дека Ал-Кудс (Ерусалим), седиштето на организацијата, денеска е под окупација и дека од 7 октомври Израел постојано ги спроведува најголемите масакри и геноцид во Газа и на палестинските територии што некогаш светот ги видел.

Тој посочи дека кога станува збор за историјата на угнетувањата од страна на Израел, илузија е да се смета 7 октомври како пресвртница или некој нов настан, посочувајќи дека настаните по 7 октомври се резултат на израелската репресија во Појасот Газа.

Потенцирајќи дека при идентификувањето на злосторствата на Израел, неопходно е да се погледнат мрачните сили кои се собрале зад него, Алтун рече дека главната причина зошто Израел дејствува толку непромислено е неправдата на меѓународниот систем и нефункционалната структура на многу меѓународни организации, особено на Обединетите нации.

„Ова е главната причина зошто Израел сѐ уште не ја добил заслужената казна. Израел врши злосторства и масакри, но е практично недопирлив од западниот светски поредок. Не можеме да го прифатиме ова“, рече Алтун.

Тој нагласи дека структурата на Советот за безбедност на ОН не може да спречи масакри, ниту да одлучува за прекин на огнот и додаде:

„Фактот што Израел и покрај сите негови злосторства не се соочува со санкции е резултат на неодговорната и злонамерната употреба на привилегијата за вето во Советот за безбедност на ОН. Оваа ситуација сама по себе е показател за очајот во кој се наоѓа меѓународниот систем. Ревизијата на овој систем е од суштинско значење.“

Тој изјави дека поради оваа причина Туркије упорно ја нагласува потребата од изградба на меѓународен систем кој ќе може да игра водечка улога во решавањето на глобалните кризи и конфликти.

„Слоганите на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека „Светот е поголем од пет“ и дека „Можен е поправеден свет“, се најконцизен израз на потребата од ревизија во меѓународниот систем. Во согласност со ова мото, воспоставувањето на суверена, независна и географски интегрирана палестинска држава во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град, ја даваат основата на нашиот став кон Палестина“, рече Алтун.

Шефот на Дирекцијата за комуникации истакна дека не е можно да се запрат израелските масакри и да се воспостави траен мир во регионот доколку не се формира независна палестинска држава.

Алтун рече дека голем број новинари кои застанале во одбрана на вистината против позицијата на Израел биле изложени на мобинг и притисок од соодветните медиумски организации, а дека многумина од нив и биле отпуштени.

„Сето ова настрана, се соочуваме со друга, многу поболна и посрамна слика за човештвото. Израел систематски убива новинари во Газа. Во нападите беа убиени 130 новинари, нивните семејства беа цел, повеќе од 1.000 деца од нивните семејства се убиени, а нивните куќи беа бомбардирани“, додаде Алтун.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Макрон и Бајден повикаа на итна испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа

Следно

Гвардиола: Моите играчи се супермени

Latest from Blog