Обвинетите мајка и татко, Милјана и Владимир Кецмановиќ се изјаснија за невини. На рочиштето дојдоа посебно, мајката од слобода, таткото од притвор со лисици на рацете. И двајцата како што пренесоа српските медиуми, се расплакале веднаш што влегле в судница во процесот што медиумите го прогласија за судење на векот. Иако рочиштето почна отворено за јавноста, по барање на обвинителот продолжи зад затворени врати и со исклучена јавност поради заштита на правата на малолетниците оштетени во постапката. Одлуката наиде на негодување на одбраната на семејството Кецмановиќ, кои тврдеа дека немаат намера да испрашуваат деца сведоци и дека целта на одлуката е целиот товар да падне само на едно семејство.
-Се надеваме дека во понатамошниот тек од постапката судот уште еднаш ќе ја разгледа одлуката и дека јавноста повторно ќе има можност да биде запознаена со се она што со месеци очекува да биде запознаена. , изјави Ирина Боровиќ, адвокатка на семејството Кецмановиќ за „Republika news“
-Во врска со тоа поделени се ставовите. Јас само можам да го кажам ставот на моите клиенти, кои не беа против судењето да биде јавно. , изјави Марко Јанковиќ, адвокат на оштетените семејства за „Republika news“.
Обвинението на 270 страници го товари таткото на 13-годишното момче за тешки дела против општата безбедност, односно дека го носел синот на стрелише и го обучувал да ракува со огнено оружје, како и дека не ги обезбедил соодветно своите два пиштола со кои момчето ги извршило злосторствата. Мајката, чија ДНК беше пронајдена на чаура е обвинета за недозволено изработување и држење оружје и експлозивни материјали. Обвинителството за нив бара казна затвор од 12, односно две и пол години. Со обвинението се опфатени уште двајца, претседателот и инструкторот на стрелачкиот клуб, каде тренирало детето. Седмоодделенецот во мај лани смртно застрела девет свои соученици и чуварот на училиштето. Неговите мотиви, и покрај низата шпекулации, остануваат неразјаснети.
Извор: kanal5.com.mk