Во пукањето во Прага, 15 мртви и над 24 повредени, напаѓачот бил 24-годишен студент

December 21, 2023
3 mins read

Чешката полиција попладнево соопшти дека во престрелката се убиени 15 лица, а сторителот на денешното пукање бил 24-годишен студент на Карловиот универзитет

Во однос на тоа дали имало друг напаѓач, чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан во изјава за чешките медиуми вели дека таквите информации не се потврдени

ФОТО: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Според чешката полиција, сторителот на денешното пукање бил 24-годишен студент на Карловиот универзитет.

Претставникот на полицијата Мартин Вондрашек на брифинг со новинарите рече дека има повеќе од 15 загинати и 24 повредени, но дека тоа можеби не се конечни бројки.

Според Вондрашек, насилникот бил инспириран од слични престрелки во странство, пренесува „Гардијан“.

Чешките служби за итни случаи, пак, известуваат дека 11 лица се загинати, меѓу кои и напаѓачот, во пукањето што попладнево се случи на Карловиот универзитет во Прага.

Службата за итни случаи информира дека во пукањето од 24-та повредени, девет лица се во тешка состојба, пет до шест се со умерени повреди, додека 10 лица се со полесни повреди. Оттаму напоменуваат дека бројките не се конечни бидејќи се уште има лица кои не ја напуштиле зградата на факултетот.

Чешката полиција информира дека се уште трае евакуацијата на зградата на факултетот бидејќи дел од студентите останале забарикадирани во училниците.

Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан во објава на својот фејсбук-профил потврди дека напаѓачот е убиен и ги повика граѓаните кои се движат во центарот на Прага строго да ги почитуваат инструкциите на полицијата, да ги почитуваат сите затворања поставени од полицијата и да не одат на местото за да ја видат ситуацијата за да не ја комплицираат интервенцијата.

Во однос на тоа дали имало друг напаѓач, Ракушан во изјава за чешките медиуми вели дека таквите информации не се потврдени.

„Информацијата за уште едно пукање во зградата на Филозофскиот факултет не е потврдена од полицијата на Чешка“,

додава Ракушан.

На официјалниот профил на Икс, од канцеларијата на чешкиот претседател Петр Павел напишаа дека тој итно се враќа од Франција и оти веднаш потоа ќе се сретне со безбедносните сили.

Претседателот, пак, на својот профил на Икс изрази жалење и искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите.

„Шокиран сум од настаните на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет. Би сакал да изразам длабоко жалење и искрено сочувство до семејствата и роднините на жртвите. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните што ги почитуваа упатствата на безбедносните сили и обезбедија максимална соработка“,

напиша Павел.

По нападот на Карловиот универзитет, на платформата Икс се огласи и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која напиша дека е шокирана од бесмисленото пукање.  

„Шокирана сум од бесмисленото пукање кое денеска однесе неколку животи во Прага. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на жртвите и до чешкиот народ во целина. Стоиме и тагуваме со вас“,

напиша Фон дер Лајен.

По пукањето на Карловиот универзитет на социјалните мрежи може да се видат видеа во кои се гледа како посетителите на плоштадот во Прага бегаат да се засолнат, откако ги слушнале пукотниците.

Чешките медиуми пишуваат дека ова е најтрагичниот настан во историјата на земјата. Последен пат вакво нешто се случило во болница во 2019 година, кога загинале шест лица. Претходно во 2015 година во близина на Ухерски Брод биле убиени осум лица.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

(ВИДЕО) Пукање на универзитет во Прага, има ранети и мртви, напаѓачот е убиен

Следно

Каменоломот во Страчинци, жителите не сакаат, министерството вели дека имаат дозвола

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ со двојно поголема поддршка од СДСМ во најновата анкета

Најновата анкета на јавното мислење, објавена вечерва на Македонската радио-телевизија во пресрет на локалните избори, покажува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојно поголем рејтинг во однос на СДСМ. На прашањето за

Венс за Чарли Кирк: Тој е најпаметниот политички оперативец што сум го запознал – му должам многу!

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кој денес е водител на „Шоуто на Чарли Кирк“ во спомен на починатиот американски патриот, кој беше застрелан минатата недела, рече дека „заменува некого кој не може да

Стаменкоска Трајкоска: Подготвени сме за победа – за наша Кисела Вода!

Кандидатката за градоначалник на општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, беше на кафе-дружба со носителката на советничката листа, Светлана Колариќ, претседателот на ОК, Иван Живковски, и идните советници од коалицијата „Твоја Македонија“.

Доделувањето на „Еми“ беше преместено поради Бијонсе, таа воопшто не се појави

И покрај шпекулациите дека 44-годишната пејачка и нејзиниот сопруг Џеј-Зи ќе присуствуваат на церемонијата што се одржа во театарот Peacock во Лос Анџелес, славната двојка на крајот го пропушти настанот. И таа
Go toTop