Куртулмуш во Сараево: Одговорните за злосторствата во Газа ќе одговараат пред меѓународните судови

November 2, 2023
5 mins read

САРАЕВО (АА) – Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, денес во Сараево изјави дека одговорните за масакрите во Газа сигурно ќе одговараат пред меѓународните судови на правдата, исто како што беа процесуирани и злосторниците за Сребреница и Аушвиц, јавува Анадолу.

Шефот на турскиот Парламент пристигна во официјална посета на Босна и Херцеговина, во чии рамки присуствуваше на церемонијата што се одржа на Меѓународниот универзитет во Сараево по повод почетокот на новата академска година. На церемонијата присуствуваа голем број студенти и гости, меѓу кои и заменик-претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Пред присутните гости и студенти Куртулмуш одржа предавање на тема „Дали е можен подобар свет?“ и по тој повод укажа на актуелните предизвици и кризи во светот и потребните промени што можат да се искористат за надминување на овие кризи.

Заблагодарувајќи им се на основачите и на раководството на универзитетот за нивната посветена работа и достигнувања, Куртулмуш рече дека Туркије ја одбележува 100-годишнината на Републиката со надеж дека во наредниот период ќе продолжи со својот напредок и углед во светот, со цел со пријателите да гради поправеден свет.

„Овој Универзитет е навистина приказна за успехот. Се надевам дека ќе продолжи да работи и да му служи на народот на Босна и Херцеговина и на Балканот и во наредните децении како угледна и престижна образовна институција“, рече Куртулмуш.

Тој истакна дека е познато историското пријателство меѓу Туркије и Босна и Херцеговина и додаде дека Туркије секогаш и на секое поле е со Босна и Херцеговина.

„Туркије е земја што секогаш ја поддржувала БиХ. Таа, исто така, ја обезбедува таа помош на нејзиниот пат кон иднината. Продолжувањето на статусот на БиХ на меѓународно ниво, зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и опстанокот на цела Босна и Херцеговина во согласност со Дејтонскиот мировен договор е наш приоритет исто толку колку што е приоритет на БиХ“, рече Куртулмуш.

Тој нагласи дека е свесен оти заминувањето на младите од Босна и Херцеговина и од балканските земји е закана за овие земји и за регионот.

„Минуваме низ тежок период. Во сите делови на светот постојат тешкотии, конфликти и турбуленции. Несомнено, се наоѓаме во најкревкиот период во историјата на човештвото. Меѓутоа, во исто време пред човештвото има и многу можности и потенцијали, особено во однос на научниот развој. Сите сме свесни за динамичен и брз живот, а наша задача е максимално да ја зајакнеме стабилноста и да создадеме и да ги искористиме можностите да го направиме светот поправеден и подобро место за живеење“, рече Куртулмуш.

Тој нагласи дека за актуелните предизвици и проблеми во светот се потребни тешки решенија, но дека во моментов светот се справува само со последиците од овие кризи, вклучително климатските кризи, конфликтите и слично.

„Меѓутоа, никој не се прашува како е можно во свет со ваков развој на науката и технологијата да има проблеми, како топење на глечерите, како тоа сите реки во Европа станаа загадени, како тоа шумите во Бразил да бидат уништени. Зад сите овие проблеми стои неограничениот апетит на човекот за управување и за поседување во дивиот капитализам. Оние што го гледаат светот како да е татков, го доведоа светот таму каде што е сега. Затоа е невозможно да се постигнат подобрувања и промени без да се отстрани менталитетот на дивиот капитализам“, рече Куртулмуш.

Посочувајќи ја миграцијата како еден од најголемите проблеми и предизвици во светот и во Европа, Куртулмуш рече дека не се седи и зборува за клучните причини, туку светот се справува само со последиците.

– Исламофобијата е опасна современа болест на западното општество –

Понатаму Куртулмуш посочи дека се сведочи на многубројни тензии и конфликти во светот, пред сѐ, на Блискиот Исток и додаде дека мора да се разговара за причините за овие кризи и проблеми, и да се бараат решенија врз основа на тоа.

Тој додаде дека светот, исто така, е сведок на прокси-војни и терористички закани и дека големите сили го користат тоа за да ја тестираат својата моќ.

„Сите зборуваат за тероризмот во светот, но никој не прашува како луѓето во Африка, кои немаат ни капка вода за пиење, имаат смртоносни машини вредни милиони долари во рацете. Кој им го дава тоа во рацете? Од каде им се на терористите на ДЕАШ, ПКК, ПЈД или ЈПГ на Блискиот Исток толкава логистика и поддршка“, праша Куртулмуш.

Тој рече дека исламофобијата и омразата кон исламот и муслиманите претставуваат уште една голема закана за светот, што е резултат на западниот менталитет и нетрпеливост кон странците.

„Овие појави не се случајни. Тие се резултат на менталитетот на оние што не прифаќаат поинаку. Омразата кон исламот не е само политика развиена против муслиманите туку во исто време претставува многу опасна модерна болест што ги труе, уништува крвните садови и ја уништува внатрешноста на западното општество. Светот мора да се излечи од таа болест. Овде гледаме дека тоа е плод на менталитетот на оние што се сметаат себеси за поважни и подобри од другите. Сметам дека ниту еден проблем во светот не може да се реши додека не исчезне тој менталитет“, изјави Куртулмуш.

Тој ги посочи конфликтите на Блискиот Исток и израелските напади врз блокираниот Појас Газа и рече дека светот повторно паѓа на тестот за човештвото.

Во оваа пригода Куртулмуш ги спореди Сребреница, Аушвиц и Газа како места на најголемите и најсрамните злосторства и додаде дека меѓународната заедница паднала на тестовите во тие три града.

„Луѓето беа масакрирани пред очите на западниот свет, во Газа бројот на убиени надминува 10.000, што е едно од најголемите варварства“, рече Куртулмуш.

Потсетувајќи на Аушвиц и Сребреница како симболи на геноцидот што се случи пред очите на Западот и Европа, Куртулмуш рече дека времето минува, но дека крвопролевањето продолжува пред светот кој немо го гледа тоа.

„И во Аушвиц и во Сребреница меѓународната заедница падна на тестот.“

„Оние што немо го набљудуваа геноцидот во Сребреница и им ги предадоа бошњачките жртви на крвожедните, денес не се ни срамат да дојдат и да леат крокодилски солзи“, посочи Куртулмуш.

Челникот на турскиот Парламент изјави дека пред очите на светот денес се случува крвопролевање во Газа, која е блокирана од армијата од сите страни.

„Светот никогаш не видел таква употреба на асиметрична сила како во Газа. Бројот на загинати надминува 10.000, болниците се бомбардирани, нема струја, нема вода, нема храна. Луѓето веќе не можат ниту да се грижат за своите ранети, ги оставаат зад себе. Светот повторно покажува ист став, некои застанаа на страната на злобниците, некои од нив ништо не гледаат, а, за жал, некои од нив се соучесници во овој срам. Сепак, низ светот има совесни луѓе што го креваат својот глас и велат доста е“, рече Куртулмуш.

Тој додаде дека Аушвиц, Сребреница и Газа се местата на најголемите варварства извршени во модерната ера.

„Отворено велам, исто како што злосторниците од Аушвиц и Сребреница беа изведени и казнети пред Меѓународниот кривичен суд, ќе одговараат и оние што денес вршат злосторства во Газа“, рече Куртулмуш.

Осудувајќи ги нападите врз цивилите, без разлика на страната, Куртулмуш рече дека убиството на секој цивил е злосторство, но дека е злосторство и да се прави разлика меѓу убиените цивили.

Куртулмуш рече дека светот повеќе не може да оди по овој пат бидејќи Обединетите нации веќе немаат капацитет да решаваат проблеми и да запираат војни.

„ОН веќе не се во состојба да решаваат ниту едно глобално прашање, затоа младите ќе бидат сведоци на новиот систем бидејќи светот не му припаѓа на ниту еден поединец, туку на секого“, смета Куртулмуш.

Тој рече и дека главниот проблем за нефункционалноста на ОН е тоа што пет привилегирани членки на Советот за безбедност можат да блокираат какво било решение.

„Повторно велам, зад сите овие проблеми повторно стои менталитетот. Светот не е ничиј, не е оставина на ниедно семејство. Светот е заеднички за сите луѓе. Ако размислувате така, нема да ги загадувате реките и животната средина, нема да ја претворите вселената во сателитска депонија и ќе можете да создавате решенија за проблемите. Друга работа е што сите луѓе се раѓаат еднакви во светот. Таквото размислување нема да предизвика расизам и конфликти. Третото е еднаквоста на суверенитетот на народите, ниту еден не е пред другиот. Ова е единствен начин да се изгради правда во светот“, заклучи Куртулмуш.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Собранието не даде „зелено светло“ законот за амнестија на Лога да оди по скратена постапка – „против“ гласаа 66 пратеници

Следно

Израел од 7 октомври изврши напади на 12.000 локации во Газа

Latest from Blog

Петрушевска: Посакуваме час поскоро стабилна Влада во Бугарија со која ќе може да разговараме за придвижување на европската интеграција

Пратеничката Марија Петрушевска имаше кратко обраќање на Постојаниот Комитет на ПС на Советот на Европа. -Извештајот и известувачите на ПССЕ кој се однесува на предвремените Парламентарни избори во Бугарија, дава препораки за

Black Friday: Пазарен инспекторат „лови“ лажни попусти

Нечесните трговци кои ги изигруваат купувачите со лажи попусти се еден чекор пред институциите и добро знаат како да го изиграат законите, вели претседателката на Организација на потрошувачи Маријана Лончар Велкова. Таа

Притвор за три лица осомничени за предизвикување национална омраза

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три полнолетни лица за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1

Сиљановска Давкова за инцидентите со знамето: Повикот за разум, толеранција и дијалог е клучен во вакви моменти

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова преку социјалните мрежи ги осуди вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме, беше осквернавено македонското знаме. Како што напиша Сиљановска Давкова на својот профил

Казни од 2,2 милиони евра за грчки компании поради лажни попусти

реку специјалната дигитална алатка за откривање лажни попусти што ја користат ревизорските служби на Министерството за развој на Грција, биле откриени 14 компании кои во изминатите седмици се обиделе со лажни попусти
Go toTop