(ФОТО) Фирмата од „аудито“ на Груби, со еден вработен, лани свртела 4,2 милиони евра

July 24, 2023
3 mins read

Од пред точно една недела или четири дена пред опожарувањето на „аудито“ што го користел вицепремиерот Артан Груби, компанијата со која се поврзува возилото, ја сменила адресата на своето седиште, а Беким Лимани (за кого МВР вели дека е сопственик на автомобилот и дека го пријавил инцидентот) станал единствен нејзин газда

Фирмата „Еуро ком лајтинг“, со еден вработен, лани имала приходи од 4,2 милиони евра, а нејзина приоритетна дејност е „неспецијализирана трговија на големо“

Улицата „Серава“ број 63 во скопската општина Чаир е адресата на која од пред една недела е преместено седиштето на „Еуро ком лајтинг“, фирмата која се поврзува со автомобилот „ауди А6“ што го користел првиот вицепремиер Артан Груби и што беше запален ноќта во петокот кон саботата.

Улица „Серава“ / Фото: „360 степени“

Новата адреса во Централниот регистар е заведена од 17 јули годинава откако претходно повеќе од 14 години фирмата се водела на улицата „Војдан Чернодрински“ број 28, исто така, во Чаир. Промената се случила четири дена пред опожарувањето на возилото во Чаир.

„360 степени“ денеска ја посети „Серава“, но означувањето е хаотично и не можеше да се најде бројот 63, ниту пак наидовме на некаков знак дека тука некаде се наоѓа седиштето на компанијата „Еуро ком лајтинг“. Најдовме објект обележан со 61Б, а веднаш до него објект со број 83Б.

Улица „Серава“ / Фото: „360 степени“

На околу пет минути возење во сообраќајниот метеж оттаму се наоѓа зградата во која живее првиот вицепремиер Артан Груби. Во непосредба близина е и адресата во која е пријавено живеалиштето на Беким Лимани, сопственикот на „Еуро ком лајтинг“.

Токму за ова лице и за оваа фирма вчера и денеска медиумите пишуваат дека се поврзани со запалениот автомобил што го користел Груби. Ноќта по инцидентот, самиот вицепремиер им се извини на соседите за вознемирувањето што го доживеале, како и на пријателот кој му го дал возилото на користење, иако на голем дел од јавноста ѝ е тешко да поверува во тврдењето дека „аудито“ не е на првиот вицепремиер.

Во официјалните информации од МВР беше наведено дека возилото е сопственост на Б.Л. (35) од Скопје, за што дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, наведоа дека станува збор за лицето Беким Лимани. „Фокус“, пак, објави дека дека ова лице е заведено според возачката дозвола, а „аудито“, всушност, е сопственост на „Еуро ком лајтинг“ за која неделникот пред неколку месеци пишуваше дека од познатата градежна компанија „Гранит“ купила хотел на Попова Шапка за 55 000 евра.

Кога „Еуро ком лајтинг“ ја сменила адресата, Лимани останал единствен сопственик

Датумот – 17 јули 2023 г., кога „Еуро ком лајтинг“ е заведена на новата адреса, е и датум кога лицето Беким Лимани, според податоците во Централниот регистар, станува единствен сопственик на фирмата.

Компанијата постои од 2009 година кога како управител и сопственик е пријавен Суат Аљија.

Во 2010 година, како сопственик се јавува и Хусанмедин Озтурк додека Лимани во сопственичката структура, но и како управител влегува на 4 август 2011 година. Истиот датум од управител и сопственик е избришан Суат Аљија.

Озтурк, пак, останува во сопственичката структура на „Еуро ком лигхтинг“ до 17 јули 2023 г. Со неговото бришење пред една недела, Лимани останува единствен сопственик.

Со еден вработен до приходи од 4,2 милиони евра лани

Главната приходна шифра на компанијата е 46.90 што значи дека за приоритетна дејност има „неспецијализирана трговија на големо“. Ако се погледат финансиските извештаи на „Еуро ком лигхтинг“ за претходните пет години може да се забележи скок во приходите.

Од 2018 до 2021 година тие се движат од 1,7 милиони евра (околу 106 милиони денари) до 2,6 милиони евра (околу 164,5 милиони денари). Во слични граници се движат и расходите, а компанијата во истиот период со исклучок на 2018 г., работи во минус (блиску до нула). Загубите се движат од околу 6 000 до околу 14 000 евра. Во 2018 добивката е околу 5 000 евра.

Ситуацијата се променила во 2022 г. Минатата година, приходите на „Еуро ком лигхтинг“ од 1,7 милиони евра во 2021 година, пораснале на 4,2 милиони евра или за 143,91 насто. Притоа, расходите се помали за околу 50 илјади евра, колку што е нето-добивката за 2022 г.

Овие финансиски резултати „Еуро ком лајтинг“ ги прави со само еден вработен.

Еден вработен компанијата имала и во 2021 и 2022, додека трите претходни години бројот на вработени изнесува во просек петмина.

Дали навистина Лимани или фирмата „Еуро ком лајтинг“ се сопственици на изгореното „ауди“ или, пак, тие се само параван што го користи Груби, денеска одговори побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Јас ги повикувам органите детално да го истражат овој случај, се разбира, сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, но исто така и поврзаноста на лицето коешто го споменавте со компанијата којашто е сопственост на ова возило. Очекувам во најскоро време да биде истражено и расчистено пред јавноста бидејќи не смееме да оставаме таков вид на мистерии позади нас, особено бидејќи сме политичари коишто вршиме јавна дејност и јавноста има право да знае дали навистина постои скриен имот или не постои скриен имот“,

рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Обвинителството, пак, вчера посочи дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) е надлежниот орган задолжен да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во анкетните листови, а „доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, тогаш обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“. Од своја страна, антикорупционерите неколку години наназад реагираат дека се немоќни да проверуваат имот за кој има информации дека се води на трети лица кои не спаѓаат во категоријата на „блиски“ и затоа континуирано бараат да се донесе закон за потекло на имот.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Израел со закон ја ограничува моќта на судовите, на улиците масовни протести

Следно

(ФОТО) Изгорени животни во пожарите што беснеат во Грција

Latest from Blog

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по

Грција: Суспендирани над 10.000 ученици поради употреба на мобилен телефон на настава

Од почетокот на учебната година во Грција, поради употреба на мобилен телефон за време на наставата суспендирани биле 10.700 ученици, според министерот за образование, религија и спорт на Грција Кирјакос Пиеракакис, јави

Еден месец по смртоносните поплави, Шпанија се обидува да се опорави од големиот степен на уништување

Напорите за опоравување продолжуваат во јужна Шпанија, еден месец по разорните поплави во кои загинаа 230 лица, јавува Анадолу. Во Валенсија, регион најтешко погоден од поплавите на 29 октомври, оштетени беа над

Славески: Советот ја задолжи Арсовска да предложи измени на одлуката за исплата на приватните превозници, но администрацијата ме опструира

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели дека Советот по петчасовна расправа на итна вонредна седница со мнозинство гласови донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот Данела Арсовска во најкус
Go toTop