Сега не е време за прием на Украина во НАТО, се согласиле сојузниците

3 mins read

На конференцијата за печат по првиот ден од НАТО-самитот во Вилнус, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Украина не ги исполнува условите за да стане членка на Алијансата. Но, додаде, земјата ќе ја добие сета неопходна помош за да ги исполни

Украинскиот претседател, пак, јавно негодуваше дека е апсурдно што земјата не добила „временска рамка“ за влез во НАТО. Попладневно во Вилнус изјави и дека верува во „НАТО кое не се двоуми, кое не троши време и не се преиспитува кон агресор“

Не е време Украина да биде примена во НАТО. Во една реченица, тоа е пораката која генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, ја испрати на завршната прес-конференција по НАТО-самитот во Вилнус, Литванија. Така се согласиле сојузниците, објасни норвешкиот политичар.

Последното новинарско прашање кое го одговори пред да ја напушти конференцијата бидејќи „лидерите морале да вечераат“, беше токму за условите што Украина треба да ги исполни за да добие покана за НАТО. Објасни дека постојат две димензии:

Прес-конференција на Јенс Столтенберг, генсек на НАТО (11 јули 2023 г.) на НАТО самитот во Вилнус, фото: НАТО

„Една е нивото или до каде се обидите да се модернизира одбраната и безбедносните структури, да се зајакне нивното управување, вклучувајќи ја борбата против корупцијата… Нам ни треба силна управа, а потребни ни се и вооружени сили кои се интероперабилни со НАТО…

кажа Столтенберг.

Другата димензија, објасни генсекот на НАТО, е фактот дека во Украина има војна.

„Сојузниците се согласуваат дека додека има војна, не е добро време за прием на Украина како полноправна членка на Алијансата“,

изјави Столтенберг.

Во превод, во НАТО нема расположение за прием на Украина која не би направила длабоки реформи во системот на цивилна контрола над војската и тајните служби, реформи на вооружените сили согласно стандардите на НАТО и реформи во системот за борба против корупцијата. А дури и да се исполнети тие услови, НАТО не би примил држава во момент додека таа е во војна бидејќи напад на една членка на НАТО значи напад на целиот блок. Тоа, во дадените околности, би подразбирало директен судир НАТО – Русија.

Самитот на НАТО во Вилнус, фото: НАТО

Колку и да звучат нереални овие услови, имајќи го предвид фактот дека Украина е во војна со помоќната Русија, тие и досега беа принцип на НАТО. При секој прием на нова членка, овие услови мора да се исполнети до онаа мера која ќе го обезбеди неопходниот консензус на актуелните земји членки.

Во случајот со Украина, додаде Столтенберг, Алијансата нуди значителна помош за да се постигнат условите. „Испраќаме силна, единствена и позитивна порака за Украина… како и позитивен патоказ кон членство“, изјави генсекот на НАТО.

Зеленски: Апсурдно е

Зборовите на Столтенберг можеби имаат логика за актуелните членки на НАТО, кои го имаат изодено некогаш и трнливиот пат до членство во Алијансата, но немаат многу смисла за Украина. Така, барем, може да се заклучи ако се следат денешните изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

За разлика од Столтенберг, кој говори за „исполнување услови“, Зеленски бара „временска рамка“ или „временски патоказ“. Кога претходно во денот стана очигледно дека Зеленски нема да го добие посакуваното, се обрати на Твитер:

Володимир Зеленски, фото: архива

„Невидено е и апсурдно кога не се поставува временска рамка ниту за покана ниту за членство на Украина. Во исто време, се додаваат празни зборови за „услови“ дури и за покана за Украина. Се чини дека нема подготвеност ниту да се покани Украина во НАТО ниту таа да стане членка на Алијансата. Ова значи дека се остава отворена врата за украинското членство во НАТО да се користи за ценкање во преговори со Русија. А за Русија, ова е мотивација да го продолжи својот терор“,

напиша Зеленски на Твитер.

Но, откако заклучоците „легнаа“, Зеленски повторно имаше јавен настап. Во Вилнус се одржа собир во чест на Украина на кој говореше и Зеленски. Тонот на испратената порака, можеби соодветно на приликата, беше и помирен. Иако, не без критика.

Митинг во Вилнус (11 јули 2023 г.), фото: принтскрин

„Денеска, тргнав на пат (кон Вилнус н.з.) со верба во одлуки, со верба по парнтери, со верба во силно НАТО. Во НАТО кое не се двоуми, кое не троши време и не се преиспитува кон агресор… И би сакал оваа верба да прерасне во доверба – доверба во одлуките кои ги заслужуваме, кои сите ние ги заслужуваме, секој војник, секој граѓанин, секоја мајка, секое дете. Толку ли е многу тоа да се посакува? НАТО ќе ѝ даде безбедност на Украина. Укриана ќе ја направи Алијансата посилна“,

изјави Зеленски подоцна попладнево.

Совет НАТО – Украина

Меѓу двете изјави на Зеленски, барем за јавноста, станаа достапни неколку нови моменти. Укрина ќе добие помош преку повеќегодишна програма, со која ќе ѝ се помогне на земјата да ги усвои НАТО тренинг стандардите на сметка на советските.

Ќе се формира и посебен совет, НАТО-Украина, каде двете страни ќе бидат еднакви. Првиот состанок ќе се одржи веќе утре.

Речиси во исто време, Франција се обврза дека ќе и даде на Укрина проектили од голем дострел. Германија, пак, се обврза на нова воена помош од околу 700 милиони евра, во противвоздушни системи, тенкови и артилерија.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Земјотрес го погоди централниот дел на Србија

Следно

Во Скопје денеска се одржа комеморативен марш за жртвите од Сребреница

Latest from Blog