4
Изборниот законик е предмет на измени, честопати пред избори – последен пат е суштински ревидиран во април 2024 година и не се воведени понатамошни измени, се вели во Извештајот на ОДИХР
Неколку претходни препораки на ОДИХР остануваат нерешени, вклучително и оние поврзани со ефикасните заштитни мерки против злоупотреба на државни ресурси, транспарентност на финансирањето на кампањата, подобрена регулатива и надзор врз медиумското однесување, е наведено во извештајот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР, во пресрет на локалните избори на 19-ти октомври.
Со цел да се процени предизборната средина и подготовките за локалните избори, ОДИХР од 24-ти до 27-ми јуни годинава спроведе мисија за проценка на потребите, при што биле одржани состаноци со претставници од државните институции, на политичките партии, медиумите и граѓанското општество. Поголемиот дел од соговорниците на ОДИХР ја нагласиле потребата од набљудувачка мисија на изборите за сите фази од процесот- почитувањето на законската рамка и нејзиното спроведување, регистрацијатата на кандидатите, водење на кампањата, медиумското покривање, финансирањето на кампањата, решавањето на изборните спорови и процедурите на денот на изборите, пижува DW.
Измени пред избори
Кои се клучните забелешки во извештајот? Повеќето соговорници на ОДИХР ја оцениле законската рамка како генерално соодветна за спроведување на демократски избори, а неколкумина посочиле дека таа содржи празнини и двосмислености што влијаат на јасноста на процесот. Дел укажале на потребата од сеопфатен преглед на законодавството, но забележале недоволна политичка волја за решавање на фундаменталните недостатоци, а други ја нагласиле важноста од избегнување законски измени непосредно пред избори.
Во извештајот на ОДИХР се нотира дека Изборниот законик често се менува токму пред избори.
„Изборниот законик е предмет на чести измени, честопати непосредно пред изборите. Последен пат беше суштински ревидиран во април 2024 година и не се воведени понатамошни измени, и покрај претходните напори за започнување инклузивна реформа. Во јуни 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ иницираше нацрт-амандмани на Изборниот законик, поттикнати од одлуката на Уставниот суд од 21-ви мај 2025 година со која за неуставни се прогласија одредбите што го регулираат прагот на потписи за независните кандидати. Предложените измени се однесуваат и на неколку други прашања, вклучувајќи ги процедурите поврзани со буџетирањето и финансиската автономија на Општинските изборни комисии (ОИК). Се очекува овие измени да бидат усвоени пред претстојните избори“, се вели во извештајот.
Препораките се уште чекаат
Но, овој извештај е објавен на први август, и не можел да „предвиди“ дека на собраниска седница минатата недела нема да помине предлогот за намалување на изборниот праг за листите на групите избирачи, односно независните кандидати. Од ОДИХР наведуваат и дека Министерството за правда подготвило пакет измени на Изборниот законик насочени кон решавање на голем број препораки на ОДИХР, но дека тие предлози сè уште не се доставени во парламентот и не се очекува да бидат усвоени пред претстојните избори.
Потсетуваат дека во Македонија претходно набљудувале 20 избори и 2 референдума, и дека конечниот извештај за локалните избори во 2021 година објавен во март 2022 година, содржи 36 препораки, вклучувајќи 9 приоритетни, од кои неколку остануваат нерешени.
„Неколку претходни препораки на ОДИХР остануваат нерешени, вклучително и оние поврзани со ефикасните заштитни мерки против злоупотреба на државните ресурси и притисок на гласачи, зголемена транспарентност на финансирањето на кампањата и подобрена регулатива и надзор врз медиумското однесување“, се вели во извештајот.
Повеќето соговорници изразиле целосна доверба во професионализмот на изборната администрација, но и загриженост за нејзините ограничени финансиски и човечки ресурси, вклучително и во критични области како што е сајбер безбедноста.
Бројот на советници
Според неколку соговорници на ОДИХР, бројот на советници по општина врз основа на податоците од пописот од 2021 година можеби ќе треба повторно да се пресмета, по значителното намалување на населението. Но, таа постапка е завршена. На седницата одржана на 24-ти септември 2024 година, врз основа на нејзините законски надлежности, а во врска со одредба од Законот за локална самоуправа, Владата донесе одлука за утврдување на бројот на членовите на советите на општините. Со неа беше намален бројот на советници во 14 општини, врз основа на резултатите од пописот кој покажа намалување на бројот на жители. Но, ова прашање, се актуелизираше на вчерашната седница на ДИК. Комисијата не успеа да го донесе Упатството за пополнување образец на листи за кандидати за членови на совети на општините, откако Дитмире Шеху, членка на ДИК (на предлог на ДУИ), побара одлуката да се донесе со консензус, едногласно. Таа се повика на одредби од Изборниот законик, кои предвидуваат дека член на Комисијата може да побара такво гласање ако одлуката се однесува на немнозинските заедници.
Според Шеху, упатството не може да биде донесено во основа на одлуката на Владата, но и дека не треба да се брои само резидентното, туку и иселеното, нерезиднетно население.
Според претседателот на ДИК, Борис Кондарко, такво упатство за локалните избори во 2021 година било донесено врз основа на одлука на владата од 2004 година, и ДИК нема законска надлежност да ги цени и преиспитува одлуките на другите институции.
Откако тој го стави упатството на гласање, пет членови на Комисијата беа „за“ и двајца „против“, односно немаше консензус за упатството. Сега Шеху треба да се обрати до правната служба која во соодветен рок е должна да даде одговор со писмено мислење, по што ДИК повторно ќе се наврати на таа точка. Иако е намален бројот на советници и во општини каде мнозинството го сочинуваат Македонци, од ДУИ сметаат дека одлуката на Владата е на штета на Албанците.
Постојана политичка поларизација
Според ОДИХР, овие избори ќе се одржат според непроменета законска рамка во голема мера, а подготовките во услови на поларизација.
„Изборните подготовки се одвиваат во услови на постојана политичка поларизација, следат по големо политичко прегрупирање и се сметаат за тест за новоформираната влада по парламентарните и претседателските избори во 2024 година“, се наведува во извештајот.
Медиумската средина е оценета како разновидна, „но многу поларизирана, со значителен дел од медиумите кои се перцепираат како усогласени со политичките или економските интереси“.
Оценето е дека телевизијата генерално е сè уште главен извор на политички информации, додека онлајн медиумите и социјалните мрежи се подоминантни меѓу помладите, а печатените медиуми во голема мера ја изгубиле релевантноста, со ограничен тираж и досег. Неколку соговорници на ОДИХР изразиле загриженост за уредничката пристрасност, нетранспарентната сопственост на медиумите и ограниченото истражувачко новинарство, а други – дека иако медиумскиот пејзаж нуди широк спектар на ставови, тој останува фрагментиран по политички и етнички линии.
Врз основа на наодите објавени во извештајот, се препорачува распоредување на набљудувачка мисија на локалните избори во октомври. Покрај основниот тим аналитичари, ОДИХР ќе побара да се испратат 24 долгорочни набљудувачи за да го следат изборниот процес низ целата земја, како и 250 краткорочни набљудувачи за да ги следат процедурите на денот на изборите. Во согласност со стандардната методологија на ОДИХР, набљудувачката мисија ќе вклучува и следење на медиумите.
Извор: zurnal.mk