Ова се заборавените знамињата на Илинден: Симболи извезени со срце и крв

August 1, 2025
4 mins read

Кога на 2 август 1903 година камбаните го означија Илинден, секоја чета тргна со свое знаме – рачно извезено на црвен свилен или памучен плат, со златни конци и со крикот „Слобода или смрт“. Во ослободеното Крушево се издигна едноставен црвен барјак – идеја на социјалистот Никола Карев – што ја претвори револуционерната боја во трајна македонска симболика.

Но најчести беа богато украсените знамиња: лав кој го гази османлиското знаме (Охрид), девојка-алегорија на Македонија со триколорка (Тиквеш, Струга), ракување пред запален факел како знак на единство (чета од Крушево), па дури и череп со коски на обратната страна на кратовското знаме. Секое носеше јасна порака – вера, национален идеал и предупредување дека предавството се плаќа со смрт.

Везечкиот раскош беше дело на учителки и девојки од селата: од Ениџе Вардар до Битола, тие ноќе шиеја тајно, а наутро свештениците ги осветуваа платната пред да замириса барут. Таа женска рака ја сочува револуцијата и во материјалната меморија – дел од барјаците денес се чуваат во Воено-историскиот музеј во Софија, Музејот на Македонија во Скопје и Истанбулскиот историски музеј.

Црвено-црната хоризонтала – „слобода“ над „смрт“, останува најпрепознатливата икона на Илинденците. Денешните чествувања, од Крушево до Скопје, се навраќаат на тие барјаци како силен визуелен доказ дека борбата за држава почнала под крв и конец, но со визија што уште вее.

Ова е знамето на четата од село Загоричани, Костурско, извезено од рацете на храбрата учителка и револуционерка Маслина Грнчарова, жена чија историја, скромна и потценета, денес добива заслужено место во темелите на македонската државност.

Село Д’мбени

Маслина Грнчарова (подоцна Иванова), родена во 1874 година во егејското село Загоричани, беше повеќе од тивок учесник во борбата, таа беше срцето и душата на организацијата. По завршувањето на женската гимназија во Солун, работела како учителка во Демотика (Тракија). Потоа учителствувала во Сурович и Зеленич. Рано започнува со револуционерната активност, но во 1895 година се приклучила на Македонската револуционерна организација. Вршела курирски дејности за организацијатa, а со учителката Елена Минасова го извезла знамето на четата на Д’мбени.  Во 1901 година, таа се вратила на кратко во родното село каде имала средба со Гоце Делчев. Поради членството во ТМОРО, била уапсена заедно со Манол РозовЛазар Поп-Трајков и Павел Христов и осудена, а казната ја издржувала во затворот во Корча (Албанија).

 Ништо не ѝ беше туѓо ако беше за Македонија. Ништо не ѝ беше тешко ако водеше кон слобода.

По излегувањето од затвор, била секретар на Централната комисија на ТМОРО и член на Костурскиот окружен комитет на ТМОРО.

Струшко востаничко знаме

И токму таа, во миговите пред бурата на востанието, создава нешто што ќе стане бесмртен симбол. На црвено платно, со златен конец, Маслина го извезува лавот – македонскиот симбол на сила, гордост и историска длабочина. Лавот држи сабја во десната и пушка во левата шепа, со круна на главата – не како животински мотив, туку како амблем на еден народ кој се крева против угнетувањето. Над лавот стои вечниот завет „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“, а под него – датумот на востанието и името на селото: „20 юли, 1903, ЗАГОРИЧЕНИ“. Во четирите агли од знамето се извезени фигури на полумесечина – симболичен знак за крајот на османлиската власт.

Крушевско востаничко знаме

На 2 август 1903 година избувна Илинденското востание. Сите чети кои учествуваа имаа свои знамиња, секое од нив разновидно по содржина и симболика. Најчесто беа украсени со религиозни слогани, со фигури на лавот или девојка, а сите заеднички ја делеа алегорија на Македонија.

Секое знаме носеше сопствена порака: за верата, за земјата, за слободата.

Кумановско востаничко знаме

Меѓу нив, две знамиња се издвојуваат од најчестата типологија. Едното е кумановското знаме со востаник зад кој изгрева сонце, визија на надеж и нов почеток. Другото е знамето на Крушевската чета: на црвена основа, со златен конец, се извезани две раце што се поздравуваат, зад кои гори факел, симбол на заедништвото и борбата. Под нив, две вкрстени гранчиња, како повик за мир по борбата. Тие мотиви, инспирирани од модерните социјалистички идеи на времето, подоцна ќе бидат експлоатирани од социјалистичката историографија како примарни идеолошки насоки на востанието, иако во реалноста доминантниот наратив тогаш имаше националноослободителен карактер.

Востаничко знаме од Демир Хисар

Во таа револуционерна симфонија, Маслина не беше само тивок учесник. Таа беше гласна, решителна и дејствителна. Кога војводата Манол Ризов го прогласува востанието во Костурскиот крај, таа качена на коњ, со гордо развиено знаме чекори покрај него. Со знамето како нејзино оружје, го освојува срцето на народот и своето заслужено место во историјата. Во битките за ослободување на Невеска, не само што учествува, туку покажува извонредна храброст.

Кратовско востаничко знаме

По востанието, повторно ќе биде уапсена и затворена, но амнестијата ѝ овозможува да се врати во Загоричани. По Балканската војна, таа емигрира во Бугарија и продолжува да дејствува во македонските женски организации. Својата животна приказна ја завршува во 1958 година во Криводол, оставајќи зад себе кратки, но силни белешки за нејзиното дело:

Кратовско востаничко знаме

„…мојата активност беше во служба на оние што носеа пушки. Ги пречекувавме четите, носевме леб, за избеганите од Иванчовата афера ангиравме куќи – да се сокријат од напади. Мојата активност, кога бев слободна, беше за други, а не за мене … Пред Илинден, јас станав централна врска помеѓу војводите и реонските началници. Останав така и потоа во целиот наш Костурски реон…“

Охридско востаничко знаме

Знамето што го создаде – симболот на Загоричани – по востанието било пренесено во Бугарија и извесен период стоело на саркофагот на Гоце Делчев. Подоцна му се губи трагата, иако се претпоставува дека можеби било пренесено заедно со посмртните останки на Делчев во Скопје. Без потврда, ова останува прашање за историчарите, но за народот – доволно е да се погледне лавот, сабјата, пушката и натписот „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“ за да се разбере каква порака носело ова знаме.

Охридско востаничко знаме

Знамето на Загоричанската чета не е само историски артефакт. Тоа е жива реликвија на македонската борба за непокор и слобода. Лавот, извезен од женска рака, продолжува да рика низ вековите како глас на непокорниот народ, и како сведоштво дека и во најтемните времиња, постојат луѓе што со конец и душа го везат сонцето на слободата.

Возтаничко знаме од Загоричани

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

Претходно

Словенија донесе одлука, да забрани, увоз, извоз и транзит на оружје за Израел поради воените акции во Газа

Следно

Двајца браќа од струшко осомничени за насилство

Latest from Blog

Димитриевски: Сакам да ги завршам отпочнатите проекти во Куманово, задоволен сум од моите министри во Владата

Дали сум им здодеал на кумановци, тие ќе кажат на изборите. Моја обврска е да продолжам да го работам тоа што најдобро го знам, сакам да ги завршам отпочнатите проекти, изјави лидерот

Шмајхел: Од сите голмани, Манчестер Ј. купи голман за кого првпат слушнав

фото: SimplyUtd (X) Легендата на Манчестер Јунајтед, Питер Шмајхел, изјави дека неговиот поранешен клуб го донесе погрешниот голман како замена за Онана. Според Шмајхел, тој самиот никогаш не слушнал за Сене Ламенс,

Младите како носители на новиот бран промени во Скопје, велат Ѓорѓиевски и Митески

Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески, синоќа се сретнаа со младите од Аеродром, во атмосфера исполнета со

Меџити: Спортот е двигател на здрави генерации во Чаир

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, денес го посети женскиот ракометен клуб WHC Чаир, еден од најуспешните спортски колективи во земјата и редовен учесник на меѓународни натпреварувања. Клубот, кој
Go toTop