Зеленски: Белата куќа не ме информирала за протекувањето американски доверливи документи

1 min read

Не сум добил претходни информации од Белата куќа или од Пентагон. Ова е неисплатливо за нас. Тоа не е добро за угледот на Белата куќа и мислам дека не е добро за угледот на САД, изјави Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Вашингтон пост“ изјави дека Белата куќа не го информирала за истекувањето на информации од тајни американски документи кои го привлекоа вниманието на целиот свет минатиот месец.

„Не сум добил претходни информации од Белата куќа или од Пентагон. Ова е неисплатливо за нас. Тоа не е добро за угледот на Белата куќа и мислам дека не е добро за угледот на САД“,

изјавил Зеленски.

Министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, на 12 април изјави дека протечените американски доверливи документи содржат мешавина од вистинити и лажни информации за војската на неговата земја и го минимизираат нивното негативно влијание.

Како одговор на коментарите на Зеленски, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече:

„Ние сме во постојана комуникација со нашите украински колеги за голем број прашања, вклучително и во однос на отворените обелоденувања, но нема да навлегуваме во детали за тие доверливи дискусии“.

Портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер рече дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговарал со голем број сојузници, вклучувајќи го и Резников, за ова прашање.

„Остин имаше голем број телефонски и лични разговори со нашите сојузници и партнери ширум светот за да разговара за ова прашање, за да нагласи колку сериозно го сфаќаме ова прашање, вклучително и неколку разговори со неговиот украински колега, министерот Резников“,

изјави Рајдер за Си-ен-ен.

Агенти на американското Федералното истражно биро (ФБИ) го упасија 21-годишниот припадник на Националната воздухопловна гарда на САД, Џек Тешеира, поради поврзаност со протекувањето на доверливите документи на Пентагон.

Пред да се случи апсењето, Тешеира беше идентификуван од весникот „Њујорк тајмс“, кој го поврза со онлајн-групата од која на платформа на социјалните мрежи првично биле објавени тајните документи. Според пишувањето на  весникот, станува збор за онлајн-групата Таг Шејкер Централ (Thug Shaker Central) која брои околу 20 до 30 луѓе кои споделуваат интерес кон оружје, расистички содржини и видео-игри. Припадникот на Националната воздухопловна гарда на Масачусетс бил водач на оваа група.  

Документите кои протекоа на социјалните мрежи сугерираат и детално изнесуваат информации за помошта што САД и НАТО и ја пружаат на Украина во војната со Русија, како и за проценките на американските разузнавачки служби поврзани со земјите сојузнички на САД. 

Тајните документи со детали за плановите на САД и НАТО за зајакнување на украинската војска пред планираната офанзива против руските сили, беа обелоденети на Твитер и Телеграм, апликација со повеќе од 500 милиони корисници која е широко користена во Русија.  

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Русија, Белорусија, Иран и Мјанмар не се поканети на крунисувањето на британскиот крал

Следно

Завојуваните страни во Судан договориле седумдневен прекин на огнот

Latest from Blog