Силјановска очекува поголема победа на 8 мај, Пендаровски вели работивме во интерес на граѓаните

1 min read

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова очекува, како што вели, уште поголема победа во вториот круг, зашто ќе се одржи заедно со парламентарните избори. Таа од Ростуше, на противкандидатот му порача да размисли зошто граѓаните не гласале за него, наместо да дава изјави дека сега се започнувало од нула. Според неа, резултатите од првиот круг било лесно да се предвидат.

„Можеше да се предвиди, ама ние од скромност, ама ние од скромност велевме дека „победата ќе биде силна“. Јас сум убедена и им се чудам, бидејќи мене ми е тоа струка и знам со бројките на изборите како да оперирам, знам што ќе се случува и многу смешно е да речете дека „да, да, грешевме, ама сега ќе се поправиме“. Резултатот апсолутно покажува дека шанса за опоравување кај нив нема“, рече Гордана Силјановска Давкова – кандидат за претседател.

Од друга страна, кандидатот Стево Пендаровски од Охрид рече дека и тој и актуелната политичка гарнитура правеле грешки, но работеле исклучиво во интерес на граѓаните. Тој додаде дека тие не ги кршеле процедурите на демократијата во Парламентот и не монтирале политички процеси. Пендаровски изрази жалење што наместо ВМРО-ДПМНЕ да се извини за случувањата од 27 април, нивната кандидатка најавувала амнестија.

„После седум години се правите како ништо да не се случило. Народски се вели „да се правиш на удрен“ и да бараш власт за истите тие луѓе кои влегоа внатре. Буквално човек број два таму, број три, број пет, кандидати за пратеници, носители на листи, беа истите луѓе кои учествуваа во таа работа, а ние од оваа страна во нивниот речник сме насилниците. Тие биле патриоти кои ја бранеле Македонија, а ние сме сакале да ја урнеме. Значи, се обратно од она што во судска постапка беше утврдено“, нагласи Стево Пендаровски – кандидат за претседател.

Разликата меѓу двајцата кандидати во првиот круг изнесуваше над 182 илјади гласови./Алсат.мк

Извор: alsat.mk

Претходно

Харви Вајнштајн примен во болница

Следно

Бројот на Палестинци загинати во израелските напади во Газа достигна 34.454

Latest from Blog