Вучиќ вели дека е подготвен да спроведе многу работи од европскиот план, освен признавањето и влезот на Косово во ОН

1 min read

Вучиќ во интервјуто за РТС посочи дека текстот на европскиот план за нормализација на односите меѓу двете страни ќе биде рамка на преговарачкиот процес и дека тој повеќе нема да може да се менува. Прецизираше дека е подготвен да преговара за имплементација на делови од планот како регионалното претставување, слободниот проток на луѓе, стоки и услуги, но повтори оти нема да учествува во „спроведувањето на некои работи“

Еден ден по новата рунда преговори на релација Белград-Приштина, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во интервју за српскиот радиодифузен сервис кажа дека Србија е подготвена да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со соседно Косово, но даде една забелешка.

„Веќе им го кажав тоа и на Макрон и на Шолц и на сите големи лидери. Станува збор за тоа дека не можеме да зборуваме за меѓусебно признавање и за влез на Косово во Обединетите нации. Додека сум претседател нема да потпишам формално или неформално признавање на Косово, ниту членство во ОН“,

рече Вучиќ.

Фото: РТС

Говорејќи за вчерашната средба во Брисел која ја имаше со косовскиот премиер Албин Курти и со посредници од Европската Унија, Вучиќ нагласи оти на средбата не бил постигнат договор, но дека по оваа, ќе следат и други разговори за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Вучиќ во интервјуто за РТС посочи дека текстот на европскиот план за нормализација на односите меѓу двете страни ќе биде рамка на преговарачкиот процес и дека тој повеќе нема да може да се менува.

На прашањето какви се шансите да се промени европскиот предлог, тој одговори:

„Никакви. Ми рекоа дека нема преговори за тоа“.

Кога се води држава, нагласи Вучиќ, мора да се размислува за последиците.

„И тие јасно ми кажаа дека отфрлањето на планот ќе значи стопирање на интеграцијата во ЕУ, крај на инвестициите, намалување на нивото на вработеност, повлекување инвестиции и низа други сеопфатни мерки, меѓу кои и дека Србија ќе биде изолирана од светот“,

рече Вучиќ.

Тој изјави дека е важно да се води дијалог и да се биде на преговарачката маса за, како што рече, во спротивно Србија да не трпи тешки последици како во деведесеттите години.

Српскиот претседател додаде дека претстои дискусија за спроведување на планот и најави доаѓање на Мирослав Лајчак во Белград и Приштина. Прецизираше дека е подготвен да преговара за имплементација на делови од планот како регионалното претставување, слободниот проток на луѓе, стоки и услуги, но повтори оти нема да учествува во „спроведувањето на некои работи“.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Страшна сообраќајна незгода вечерва во Бутел

Следно

Земјотрес во Албанија, почувствуван и во Македонија

Latest from Blog